У.бр.91/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 266 став 5 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Зоран Стојановски, адвокат од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била во директна спротивност со членот 53 од Уставот со која било уредено дека адвокатурата како служба имала целосна самостојност и независност вклучувајќи го и донесувањето на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека членот 266 став 5 од Законот за извршување бил во директна спротивност со член 32 од Уставот кој се однесувал на правото на работа, слободниот избор на вработување, заштитата при работа, правото на соодветна заработувачка и тоа подразбирало гаранција и за секој вработен во адвокатурата, како вработен во Република Македонија, поради тоа што ја задолжувал Адвокатската комора да ја усогласува тарифата според наоѓање и од случај до случај, а тоа значело дека се влијаело на утврдувањето на вредноста на заработувачката за секое поединечно преземено дејствие при пружање на правна помош, согласно Адвокатската тарифа.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба исто така била во директна спротивност со членот 51 од Уставот, бидејќи уставно утврдената самостојност и независност на адвокатурата како служба морало да биде загарантирана и во било кој законски текст па и во оспорената одредба на Законот за извршување, и затоа предлага истата да биде поништена или укината.

3. Судот на седница утврди дека оспорената одредба на член 266 е систематизирана во глава дваесет и деветта од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), насловена како „Преодни и завршни одредби“ (членови 262-269).

Согласно член 266 став 1 од Законот, извршителите именувани до денот на влегување во сила на овој закон согласно со одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) продолжуваат со работа, согласно со одредбите од овој закон (став 1). Замениците извршители именувани до денот на влегување во сила на овој закон согласно со одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) продолжуваат со работа, согласно со одредбите од овој закон (став 2). Електронското поврзување на извршителите со институциите согласно со членот 36 став 10 од овој закон ќе се изврши во рок од една година сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 3). Уверенијата за положен испит за извршители согласно одредбите на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13), се признаваат како уверенија за положен квалификационен испит и претставуваат услов за пријавување на полагање на испит за рангирање по распишан конкурс за именување на извршител (став 4). Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно со одредбите од овој закон, во рок од два месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 5). Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите ќе ја донесе министерот за правда, во рок од два месеци од денот на стапување во сила на овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 53 од Уставот е определено дека, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од анализата на изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно член 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.(2) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.(3) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Според член 2 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа.

Оспорената одредба на ставот 5 од членот 266 од Законот за извршување е систематизирана во глава дваесет и деветта од Законот, насловена како „Преодни и завршни одредби“ (членови 262-269).

Согласно член 266 став 1 од овој закон, извршителите именувани до денот на влегување во сила на овој закон согласно со одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) продолжуваат со работа, согласно со одредбите од овој закон. Замениците извршители именувани до денот на влегување во сила на овој закон согласно со одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) продолжуваат со работа, согласно со одредбите од овој закон (став 2). Електронското поврзување на извршителите со институциите согласно со членот 36 став 10 од овој закон ќе се изврши во рок од една година сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 3). Уверенијата за положен испит за извршители согласно одредбите на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) се признаваат како уверенија за положен квалификационен испит и претставуваат услов за пријавување на полагање на испит за рангирање по распишан конкурс за именување на извршител (став 4). Адвокатската комора е должна да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно со одредбите од овој закон, во рок од два месеца од денот на влегувањето во сила на овој закон (став 5). Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите ќе ја донесе министерот за правда, во рок од два месеци од денот на стапување во сила на овој закон.

Според член 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015), со овој закон се уредува обезбедувањето правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршењето на адвокатската дејност утврдени со овој и друг закон, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење и престанок и мирување на адвокатска дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурување на адвокатите од одговорност од штета.

Во член 2 став 1 од истиот закон е определено дека, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно со овој и друг закон, а според ставот 2 од истиот член од Законот, адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони.

Во членот 5 од Законот е определено дека, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските друштва, Именикот на странските адвокати, Именикот на странските адвокатски друштва, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Според членот 19 од Законот, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Адвокатската комора на Република Македонија, согласно член 34 став 2 точка 5 од Законот за адвокатурата, меѓу другото, донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.

Од анализата на наводите во иницијативата се констатира дека се оспорува согласноста на оспорената одредба со членот 53 од Уставот. Ова затоа што според овој член од Уставот, адвоктуратта е самостојна и независна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања утврдени со закон. Самостојноста и независноста на адвокатурата била изразена и уредена со Законот за адвокатурата и еден од основните елементи на самостојноста било автономно со своја тарифа да ја утврди адвокатската награда и трошоците за работа на адвокатите. Според Судот, тоа што, согласно член 34 став 2 од Законот за адвокатурата, Адвокатската тарифа ја донесува Адвокатската комора не значи дека со оспорениот член 266 став 5 од Законот за извршување, се повредува членот 53 од Уставот и гарантираната самостојност и независност на адвокатурата. Впрочем, во функција на запазување на уставно загарантираната самостојност и независност на адвокатите законодавецот го креирал оспорениот член од Законот за извршување, според кој Адвокатската комора била задолжена да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно одредбите од овој закон, во рок од два месеци од денот на влегување во сила на овој закон, дадено во конкретниот случај како преодна одредба.

Во таа смисла, Судот оцени дека со оспорената одредба не се ограничуваат ниту правата на адвокатите утврдени во членот 32 од Уставот, а кои права се уредуваат со Законот за работните односи и колективните договори, и затоа не се основани наводите во иницијативата во однос на тоа дека Адвокатската комора била задолжена да ја усогласува тарифата според наоѓање и од случај до случај и дека тоа значело дека се влијаело на утврдувањето на вредноста на заработувачката за секое поединечно преземено дејствие при пружање на правна помош, согласно Адвокатската тарифа.

Исто така, поаѓајки од анализата на наводите во иницијативата во однос на тоа дека оспорената одредба на член 266 став 5 била во директна спротивност со членот 51 од Уставот, според кои уставно утврдената самостојност и независност на адвокатурата како служба морало да биде загарантирана во било кој законски текст, па и во оспорената одредба на Законот за извршување, Судот оцени дека овие наводи се неосно­вани. Ова од причина што законодавецот со цел да се заштитат правата на странките во извршните постапки не ја довел во прашање самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, ниту пак влијаел на вредноста на секое поединечно преземено дејствие со тоа што Адвокатската комора ја задолжил да ја усогласи Адвокатската тарифа согласно оспорената законска одредба од Законот за извршување, а тоа е во согласност со членот 51 од Уставот, односно има уставна основа.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.91/2016
24.01.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски