Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“-Скопје (”Службен весник на Република Македонија” број 154/2011).
2. Алсат-М ТВ, Алфа ТВ, Канал 5 ТВ, Сител ТВ, Телма ТВ, сите членки на Македонската Медиумска Асоцијација, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 на ова решение.
Според подносителите на иницијативата, оспорениот правилник бил донесен согласно членот 140 од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2010).
Овој член од Законот, со Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/2013), претрпел измени со кои се регулирало дека Тарифата ќе се носи во друга постапка и по претходно дадена согласност од Владата на Република Македонија (измена на членот 140 и додавање на нов член 140-а).
Во членот 30 од преодните и завршните одредби на овој закон, било предвидено дека организациите за колективно управување со авторското право и сродните права кои имаат дозвола за колективно управување и започнале со работа согласно со член 150 став (3) од Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ број 115/10 и 51/11) се должни во рок од 30 дена сметано од денот на влегувањето во сила на овој закон да го објават јавниот повик од членот 12 став (1) од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат актите и работата со одредбите од овој закон (став 1). Доколку организациите од ставот (1) на овој член во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон не го објават јавниот повик од членот 12 од овој закон и во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон не ги усогласат актите и работата со одредбите на овој закон, Министерството за култура со решение ќе ја одземе дозволата за колективно управување (став 2). Организациите од ставот (1) на овој член се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да го обезбедат системот за електронска евиденција од членот 7 став (1) од овој закон (став 3). Доколку организациите од ставот (3) на овој член не го обезбедат системот за електронска евиденција во рокот од ставот (3) на овој член, Министерството за култура со решение ќе ја одземе дозволата за колективно управување (став 4).
Од наведената фактичка состојба произлегувало дека оспорениот правилник формално-правно се уште бил во сила во идентична форма во која бил донесен во 2011 година, иако роковите за неговото усогласување, односно за донесување нова тарифа, согласно новопропишаната процедура со измените на Законот од 2013 година, одамна биле изминати. Со наведените измени на Законот од 2013 година, се додавал и нов член 135-а, со кој се уредувал систем за електронска евиденција, а со измените на член 137 став 1 точка 3 од Законот, се пропишувал нов основ по кој се определува надоместот кој радио-телевизиските организации го плаќаат на организацијата за колективно управување за користењето на авторските дела односно предмети на сродни права.
Оспорениот правилник со Тарифа не бил во согласност со измените на Законот од 2013 година, особено што со Законот се пропишувале нови основи за определување на надомест за користење на авторски дела односно предмети на сродни права, кога користењето се врши од страна на радио-телевизиска организација.
Поаѓајќи од начелото на владеењето на правото, утврдено со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок, како и од начелата на уставност и законитост утврдени со членот 51 од Уставот, се поставувало прашање дали оспорениот правилник со Тарифа може и понатаму да егзистира во правниот поредок, имајќи ги предвид наведените измени во Законот од 2013 година, кои предвидувале овие акти да се носат во изменета постапка, а исто така, и поради тоа што во Законот биле утврдени прецизни рокови за усогласување на подзаконските акти со Законот, кои рокови одамна биле поминати.
Со оглед на тоа што оспорениот правилник со Тарифа формално-правно се уште бил во сила и како таков егзистирал во правниот поредок, што било спротивно на начелото на владеењето на правото, се предлага Уставниот суд да одлучи дека оспорениот правилник со Тарифа, во целина, не бил во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот на Република Македонија и како таков со интервентна одлука да биде отстранет од правниот поредок.
Притоа, во иницијативата се укажува дека за идентична состојба, за Правилникот за надоместоците за користење на фонограми и изведби и Тарифата за надоместоци за користењето фонограми и изведби, во целина, донесени од Собранието на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците музички изведувачи „Македонска музичка индустрија“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2012), донесени и објавени пред донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/2013), кои потоа не биле усогласени со законските измени, Уставниот суд има донесено Одлука У. Бр. 201/2012 од 09.03.2016 година, со која Правилникот и Тарифата се укинуваат.
3. Судот на седницата утврди дека Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела има 19 члена.
Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се определуваат условите под кои правно или физичко лице (во натамошниот текст: корисник) може јавно да соопштува, односно објавува музички дела, кои ЗАМП колективно ги управува на територијата на Република Македонија, во согласност со Законот за авторското право и сродните права (во натамошниот текст:ЗАПСП), Статутот на ЗАМП бр. 47-2-0201 од 02.02.2011 година и Решението за давање дозвола за колективно управување на Министерството за култура на Владата на Република Македонија, бр. 54-5454/1 од 03.04.2011 година, објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 65/2011 од 10.05.201 година.
Составен дел на Правилникот е Тарифата за користење на авторски музички дела.
Тарифата опфаќа:
А. Надомест за јавно соопштување на музички дела на приредби:
I. Музички приредби
II. Забавни приредби
III. Други приредби
Б. Надомест за повремено или постојано јавно соопштување на музички дела:
IV. Угостителски објекти
V. Хотели
VI.Трговски и други деловни простории
VII. Занаетчиски дуќани
VIII. Одморалишта и планинарски домови
IX. Службени простории со масовен пристап на странки (банки, агенции)
X. Превозни средства
XI. Чекалници и станици
XII.Кино сали
XIII. Телеком услуги
XIV. Музеи, галерии, изложби
XV. Салони за забава
XVI.Забавни паркови
XVII.Спортски објекти
XVIII.Школи за играње
XIX. Аеробик, фитнес и салони за убавина
XX. Музички автомати
XXI. Свирачи поединци
В. Радиодифузно емитување:
XXII. Јавно радиодифузно претпријатие
XXIII. Трговски радио дифузни друштва – Емитување и пренос на радио програмски сервис
XXIV. Трговски радио дифузни друштва – Емитување и пренос на телевизиски програмски сервис
XXV. Непрофитни радиодифузни установи
XXVI. Трговски радио дифузни друштва – Сателитско емитување
XXVII.Емитување преку сателит по пат на средства за декодирање на сигнал (DIREKT TO HOME технологија)
XXVIII. Кабелско реемитување радио и телевизиски програми во кабелска мрежа
XXIX. Давање под наем
XXX. Интернет услуги
4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд, со своја Одлука У.бр.9/2017 од 01.11.2017 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2017 од 06.11.2017 година), го укина Правилникот со Тарифа за користење авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“-Скопје (”Службен весник на Република Македонија” број 154/2011).
Со оглед на фактот дека оспорениот правилник со Тарифа за користење авторски музички дела на Здружението за заштита на авторски музички права „ЗАМП“-Скопје повеќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.74/2016
6 декември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски