У.бр.133/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 72 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 180/2014, 33/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015, 30/2016 и 136/2017).

2. Даниела Бочварска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 72 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одредба била во спротивност со повеќе одредби од Уставот, како и со членовите 20 и 21 од Законот за социјалната заштита.

Повод за поднесување на иницијативата бил управниот спор што се води против решението на Министерството за труд и социјална политика поради укинато право на паричен надоместок за помош и нега на Зорка Барутчиска-Бочварска, мајка на подносителот на иницијативата.

Во натамошниот текст на иницијативата се изнесува хронологијата на настаните поврзани со стекнувањето, а потоа и губењето на правото за помош и нега од друго лице по што подносителот на иницијативата заклучува дека министерот за труд и социјална политика сторил суштествена повреда на Уставот со примената на оспорениот член 72 став 2 од Законот за социјалната заштита.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба била спротивна на членовите: 9, 34, 35 и 54 од Уставот, бидејќи поради висината на износот на старосната пензија на корисниците на наведеното право истите не можеле да го остварат своето загарантирано социјално право со што биле доведени во нееднаква, односно нерамноправна положба по однос на лицата со пониски примања на старосна пензија.

Оттаму оспорената одредба била спротивна на членовите: 9, 34, 35 и 54 од Уставот.

Воедно одредбата била во целосна спротивност со членовите 20 и 21 од Законот за социјалната заштита, бидејќи создавала нееднаквост и дискриминација по однос на лицата што остварувале исти приходи како тужителката (мајката на подносителот на иницијативата), а немале здравствени проблеми за да имаат потреба од помош и нега од друго лице.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седницата, утврди дека во оспорениот член 72 став 2 од Законот, било предвидено дека право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице може да оствари лице чиј годишен нето приход по сите основи изнесува најмногу до вкупниот годишен износ на просечни нето месечни плати исплатени за секој месец за претходната година.

4.Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние закони кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на закони коишто престанале да важат.

Во конкретниот случај во член 3 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2017) е предвидено дека член 72 став 2 (оспорен со иницијативата) се брише. Наведениот закон влегол во сила на 22.11.2017 година (член 14 од Законот) од кога оспорената одредба повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија.

Судот имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби и пред се фактот што со оспорениот член 72 став 2 од Законот за социјалната заштита е избришан, оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на неговата согласност со Уставот. Оттаму исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.133/2016
6 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски