У.бр.167/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 5 од Законот за приватно обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.166/2012, 164/2013, 148/2015, 193/2015 и 55/2016).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 1 точка 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, предвидувањето во член 22 став 1 точка 4 од Законот на условот за издавање на лиценца за обезбедување-општа психофизичка здравствена способност што се докажува со соодветно лекарско уверение кое не смее да биде постаро од три месеци, во ситуација кога (1) со лиценцата се стекнувало само право да се врши приватно обезбедување на лица и имот (член 7 точка 12 од Законот), но не и фактичко вршење на обезбедувањето бидејќи за тоа била потребна и легитимација за обезбедување (член 25 став 2 точка 3 од Законот), како и (2) лекарското уверение да не било постаро од три месеци, за разлика од лекарското уверение за здравствената и психофизичка способност на кандидат за возач кое не смеело да биде постаро од една година (член 305 на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата), значело противуставно изложување на физичките лица-приватни обезбедувачи на не мали трошоци и посредно спречување да стекнат на време лиценца за обезбедување односно значело пропишување на неразумна и непропорционална мерка, поради што таквата законска одредба не била во согласност со темелната вредност владеење на правото определена во член 8 став 1 алинеја 3 и со членот 51 од Уставот според кои законските одредби мора да се општи, точно одредени и недвосмислени правила, а не непрецизни, непропорционални или контрадикторни како што е оспорената законска одредба.

Во врска со член 22 став 1 точка 5 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека условот за издавање на лиценца за обезбедување-физичкото лице да не е осудено со правосилна судска пресуда или против него да не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност, значело за стореното кривично дело или за кривичното дело за кое е во тек судска постапка да настапат правни последици за физичкото лице по сила на закон, што значи дека на секое физичко лице во тие ситуации нема да му се издаде лиценца за обезбедување, а не неиздавањето на лиценцата да е последица од казна што ја изрекува судот во рамките на видовите на санкции што ги изрекува суд согласно член 101 став 1 од Кривичниот законик според кој правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор, како и согласно член 102 став 2 од Кривичниот законик според кој правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Покрај тоа, ненаведувањето во оспорената законска одредба на видовите на кривичните дела кога на нивните сторители нема да им се издава лиценца за обезбедување, значело за било кое кривично дело, независно од неговата природа и тежина, како и од изречената санкција, да не се издава лиценца за обезбедување, а од тоа произлегувало дека таа одредба била нејасна, непрецизна и неспроведлива во практиката, поради што член 22 став 1 точка 5 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и Амандманот XXV став 1 од Уставот.

Со иницијативата се предлага поведување на постапката и потоа укинување или поништување на оспорените законски одредби, а претходно Судот да ги запре од извршување поединечните акти или дејства преземени врз основа на тие законски одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 1 од Законот, „лиценцата за обезбедување од овој закон се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:

4) поседува општа психофизичка здравствена способност, што го докажува со соодветно лекарско уверение кое не смее да биде постаро од три месеци;

5) не е осудено со правосилна судска пресуда или против него не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.“

5. Во член 8 став 1 од Уставот се определуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу кои се предвидени и владеењето на правото (алинеја 3) и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4).

Според член 13 став 1 од Уставот, „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.“

Според член 14 став 1 од Уставот, „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок, при што темелната вредност-владеење на правото се операционализира така што со закон се утврдуваат кривичните дела, се пропишуваат казни за нив и никој не може да биде казнет за дело кое не било предвидено со закон како кривично дело и не била пропишана казна за тоа дело, а темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска се операционализира така што се определува дека со судска одлука се утврдува вина на лицето обвинето за кривично дело и дека обвинетото лице се смета за невино се до донесувањето на правосилна осудителна судска одлука.

Според член 101 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017), „правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор “ (став 1).

Според член 102 од наведениот законик, „правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата“ (став 1). „Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна“ (став 2).

Од изнесените одредба на Кривичниот законик произлегува дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат за кривични дела за кои е изречена само казна затвор, дека правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата и правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од издржаната, простената или застарената казна.

Според тоа, Судот утврди дека правни последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, можат да настапат само врз основа на правосилна судска осудителна пресуда и кога со пресудата се изрекува казна затвор, при што правната последица со која се забранува стекнување на определени права може да трае најдолго десет години, а не може да настапи правна последица без правосилна судска осудителна пресуда и без пресуда со која се изрекува казна затвор.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека член 22 став 1 точката 5 од Законот за приватно обезбедување определува, услов за добивање на лиценца за обезбедување да биде физичкото лице (1) да не е осудено со правосилна судска пресуда или (2) против него да не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност. Оттука, Судот оцени дека наведената законска одредба определува, независно од содржината на правосилна судска пресуда односно од видот на кривичното дело и видот на изречената казна, како и независно од непостоењето на правосилна судска пресуда иако се води кривична постапка, физичкото лице да трпи правна последица, а тоа не е во согласност со наведените уставни и законски определби. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на член 22 став 1 точка 4 од Законот, Судот ја утврди следната правна состојба:

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 51 од Уставот се определува дека „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 32 став 5 од Уставот, „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и со законите, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Исто така произлегува дека правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Законот за приватно обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.166/2012, 164/2013, 148/2015, 193/2015 и 55/2016) се определува дека „приватното обезбедување е дејност од јавен интерес“ (член 2), дека „приватно обезбедување во вид на давање на услуги може да врши правно лице ако: 1) има извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија и 2) има добиено дозвола за приватно обезбедување во вид на давање на услуги“ (член 10 став 1), при што дозвола за обезбедување во вид на давање на услуги се издава на правно лице кое ги исполнува следните услови: 1) има извршено упис на дејноста во Централниот регистар на Република Македонија, 2) има најмалку 15 работници за обезбедување кои имаат лиценци за физичко обезбедување, 3) има потврда од Комората дека работниците за обезбедување од точката 2 на овој став не поседуваат важечки легитимации за физичко обезбедување, 4) има назначено одговорно лице кое ги исполнува условите од ставот 3 на овој член, 5) поседува акт за систематизација на работни места, со опис и попис на работите и работните задачи и овластувањата на вработените за секое работно место, 6) поседува акт со кој се пропишува изгледот на работната облека и знакот на правното лице, 7) има деловна просторија и 8) има најмалку две моторни возила (член 13 став 1). Дозволата за обезбедување од член 13 на Законот ја издава Министерството за внатрешни работи во рок од шест месеци од денот на приемот на барањето со потребната документација за издавање на дозволата (член 16 став 1).

Приватното обезбедување го врши физичко лице кое поседува: 1) лиценца за приватно обезбедување и 2) легитимација за приватно обезбедување, а тие акти (лиценцата и легитимацијата) ги издава Комората на Република Македонија за приватно обезбедување доколку физичкото лице ги исполнува условите утврдени во Законот (член 20). Во членот 22 од Законот се пропишани условите под кои на физичко лице му се издава лиценца за обезбедување, во членот 23 од Законот се уредува оспособувањето на физичкото лице за приватно обезбедување (оспособувањето го организира Комората, а го спроведуваат комисии формирани од министерот за внатрешни работи и кои се составени од предавачи од Министерството за внатрешни работи и од Комората). Со членот 24 од Законот се уредува полагањето на стручните испити за приватно обезбедување (стручните испити ги организира Комората, а полагањето се врши пред комисии формирани од министерот за внатрешни работи и кои се составени од испитувачи од Министерството и од Комората), а во членот 25 од Законот се пропишани условите под кои на физичко лице му се издава легитимација за приватно обезбедување и тоа: 1) ако поседува лиценца за приватно обезбедување, 2) има засновано работен однос во правното лице кое врши приватно обезбедување во вид на давање на услуги, 3) здравствено и психофизички е способно и 4) со правосилна пресуда или со правосилна одлука на прекршочен орган не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана на вршење професија, дејност или должност. Легитимацијата за обезбедување ја издава Комората во рок од 30 дена, на барање на правното лице во кое работникот за обезбедување засновал работен однос за тие работни задачи.

Од изнесените законски одредби произлегува дека приватно обезбедување е дејност од јавен интерес и дека таа дејност во вид на давање на услуги ја вршат само правни лица кои ги исполнуваат законските услови и на кои Министерството за внатрешни услови им издало дозвола за обезбедување. Понатаму, произлегува дека приватното обезбедување непосредно го вршат физички лица кои ги исполнуваат законските услови, на кои по оспособувањето и полагањето на стручен испит пред испитувачи од Министерството за внатрешни работи и од Комората им е издадена лиценца за приватно обезбедување и на кои по засновањето на работниот однос во правно лице за обезбедување им е издадена легитимација за приватно обезбедување. Притоа, законодавецот определил дека исполнетоста на условот-општа психофизичка здравствена способност, која се докажува со соодветно лекарско уверение не постаро од три месеци, ќе се цени од органите надлежни за издавањето на лиценца за обезбедување (Министерството и Комората), а не тоа да е делокруг на правното лице во кое физичкото лице заснова работен однос за вршење на работите на обезбедување, што е во согласност со јавниот интерес за вршење на таа дејност.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорениот член 22 став 1 точка 4 од Законот не е „непрецизна“, „неразумна“, „непропорционална“ и „контрадикторна“ мерка, како што се наведува во иницијативата, односно дека оспорената законска одредба не е во несогласност со темелната вредност-владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и со член 51 од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата. Поради тоа Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.167/2016
13 декември 2017 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски