У.бр.150/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 декември 2017 година, донесеУставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 259–а став 2 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ брoj 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:
– членот 50 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ брoj 124/2015).
– членот 266 став 3 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ брoj 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) и
– членот 28-а од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ брoj 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016).

3. Зоран Величковски, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во наводите на иницијативата се цитираат основните одредби на Законот за прекршоците и Царинскиот закон според кои со Законот за прекршоците, како процесен закон се уредувале, општите услови за пропишување на прекршоците, прекршочните санкции, прекршочната одговорност и прекршочната постапка што ја воделе судовите односно прекршочните органи. Додека, пак од анализата на основните одредби на Царинскиот закон, произлегувало дека се работело за материјален закон со кој се уредувале правата и обврските на лицата и царинските органи во врска со стоката во патничкиот и стоковиот промет помеѓу царинското подрачје на Република Македонија и странските царински подрачја. Во иницијативата понатаму е наведено дека според оспорените одредби од член 259-а став 2 и член 266 став 3 од Царинскиот закон, ако доброволно не била платена глобата или не биле исполнети дадените обврски во предвидениот рок, мандатниот платен налог по сила на закон добивал својство на извршна исправа и истиот се доставувал до органот надлежен за извршување, согласно со прописите на даночната постапка.

Исто така, во иницијативата се наведува дека во членот 50 став 4 од Законот за прекршоците била предвидена мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и во овој закон произлегувало дека лицата коишто органот ги третирал како сторители на прекршок немале право на жалба или какво било право на судска заштита. Оттука, во иницијативата се наведува дека оспорените одредби од двата закони биле во директна колизија со член 13 ставови 1 и 4 и член 50 став 2 од Уставот на Република Македонија и се бара поништување на истите.

На 13 март 2017 година доставено е дополнување на иницијативата со барање за оценување на уставноста на член 28-а од Законот за Царинската управа врз основа на кој биле изготвени записници за сторени царински прекршоци и биле доставени повеќе мандатни платни налози наведени под број, кои биле издадени од страна на Царинската управа и со кои биле задолжени да платат глоба во вкупен износ од 6.825,00 евра правното лице „ЕЛМАРК“ ДОOЕЛ од Скопје и Крсте Марковски како одговорно лице. Според наводите во иницијативата наведените одредби од овој закон не биле во согласност со членот 14 од Законот за општа управна постапка со кој се предвидувала правна заштита против секое управно дејствие или реален акт согласно со законот. Во иницијативата е наведено дека наведените платни налози биле незаконити по повеќе основи, истите стапиле во сила во текот на 2015 година, а прекршоците биле сторени во текот на 2012, 2013 и 2014 година, а тоа значело дека ретроактивно биле применети одредби кои не биле во важност во моментот на сторување на прекршоците.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека не постоеле услови во конкретните случаи за поведување на мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог, како забрзана постапка, од причина што не биле исполнети условите за постигнување на согласност помеѓу тужителот и тужениот, од причина што штетните последици од промената на тарифната ознака биле отстранети. Во продолжение на иницијативата, е наведено дека тужителот под закана на присилно извршување на обврските кои биле утврдени со Решението 27-080289/14 2704 в.в. У.бр. 1152/1 од 23 декември 2014 година го платил потребниот износ и компензаторната давачка на 22 јануари 2015 година. Против, наведените мандатни платни налози била поднесена тужба до Управниот суд кој со Решението УПРЦ.бр. 641/642/2015 од 28 декември 2015 година тужбата ја отфрлил како недозволена, со дадено образложение дека судот не бил надлежен да одлучува по истите бидејќи не претставувале управни акти. Против ова решение била поднесена жалба до Вишиот управен суд која била одбиена како неоснована со Пресуда УПРЖ.бр. 569/2016 од 13 мај 2016 година.

Оттука, според наводите во иницијативата, повеќе од јасно било дека непостоењето на правна заштита против мандатните платни налози во случај кога обвинетиот не се согласува со наодот на издавачот на истите, доведувало до незаконито постапување на издавачот на платните налози кое не можело да се спречи. Подносителите на иницијативите, бараат оценка на уставноста и законитоста на оспорените одредби од наведените закони и истите да бидат поништени, со цел да биде обезбедена правна сигурност преку соодветни и ефикасни правни средства.

4. Судот на седница утврди дека според член 259-а од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ брoj 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016), кога царинскиот службеник ќе утврди дека е сторен царински прекршок на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог, освен за царинските прекршоци за кои со овој закон е предвидена посебната прекршочна мерка одземање на стока (став 1). Ако сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување (став 2).

Според член 266 од овој закон, по утврдување на царински прекршок од членот 263 став 1 точки 10 и 11, членот 264 или членот 265 во врска со членот 263 став 1 точки 10 и 11 и членот 264 на овој закон, царинскиот службеник на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во износ од 500 евра во денарска противвредност за правно лице и трговец поединец, односно во износ од 100 евра во денарска противвредност за физичко лице (став 1).

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице и трговец поединец ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице и на одговорното лице во трговецот поединец за прекршокот од став 1 на овој член (став 2).

Ако сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување (став 3).  Согласно член 28-а став 1 од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ брoj 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016), по откривање на царински прекршок царинскиот службеник е должен да состави записник во кој ги забележува битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, времето, местото и начинот на сторувањето, описот на дејствието и лицата затекнати на самото место. Записникот го потпишуваат царинскиот службеник и сторителот (став 2).

Царинскиот службеник веднаш по составување на записникот од ставот 2 на овој член на сторителот ќе му врачи мандатен платен налог. Приемот на мандатниот платен налог сторителот го констатира со свој потпис (став 3). Ако сторителот доброволно не ја плати глобата во рок од осум дена од врачувањето на мандатниот платен налог, истиот има сила на извршна исправа и царинскиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување (став 4). Сторителот кој што со заминување заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог (став 5).

Царинскиот службеник надлежен за покренување на прекршочна постапка може привремено да ги одземе патната исправа или личната карта за странец и возачката исправа, додека не биде доставен доказ дека глобата е платена, но најдолго осум дена од денот на одземањето (став 6). Овластените царински службеници се должни да водат евиденција за издадените мандатни платни налози од ставот 2 на овој член и за исходот на покренатите постапки (став 7). Во евиденцијата од ставот 6 на овој член се собираат, обработуваат и чуваат следните податоци: име и презиме, односно назив на сторителот на прекршокот, живеалиште, односно престојувалиште, седиште, вид на прекршокот, број на мандатниот платен налог кој му се издава и исходот на постапката (став 8). Личните податоци од ставот 7 на овој член се чуваат пет години од денот на внесување во евиденцијата (став 9). Формата и содржината на записникот од ставот 1 на овој член и на мандатниот платен налог од ставот 2 на овој член, ја пропишува министерот за финансии (став 10). Според член 50 став 4 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ брoj 124/2015), ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот 1 на овој член, или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил определени задачи општокорисна работа или не достави потврда за регистрирани негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

6. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на чoвекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.  Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 13 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со Амандман XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи. Согласно членот 2 од Законот, за прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.

Во членот 13 од Законот е предвидено дека за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции: опомена; глоба; престанок на важење на возачка дозвола; забрана на управување со моторно возило, забрана на вршење на професија, дејност или должност; протерување на странец од земјата; задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести на зависности); задолжително психијатриско лекување на слобода и забрана за влез и присуство на спортски натпревари.

Со членот 15 од Законот е уредено дека глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1.000 евра во денарска противвредност.

За прекршок за кој се изрекува глоба со издавање на мандатен платен налог, може да се пропише определeн износ кој за: физички лица не може да биде поголем од 500 евра во денарска противвредност и службено лице не може да биде поголем од 1.000 евра во денарска противвредност.

Во делот втори, односно, во членовите од 47 до 53 е уредено прашањето на забрзаните постапки. Така според членот 47 став 1 од Законот за прекршоци е определено дека: Целта на забрзаните постапки е постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган. Надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, ако тоа е определено со закон (став 2). Судот, односно прекршочниот орган по службена должност внимава дали е спроведена една од забрзаните постапки. Ако не се исполнети условите од ставот 2 на овој член судот, односно прекршочниот орган ќе го врати барањето на органот за да спроведе една од забрзаните постапки (став 3).

Во членот 50 од Законот кој е поместен во поднасловот „Мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог“ е предвидено: Кога службеното лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци во согласност со закон со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ (став 1). Во мандатниот платен налог покрај предлогот сторителот да ја плати глобата, доколку е тоа предвидено со законот со кој е пропишан прекршокот, може да се утврди во рок од 30 дена место глобата сторителот да изврши определени задачи – општокорисна работа (став 2). За прекршоците од областа на сообраќајот се издава мандатен платен налог, во кој место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови (став 3). Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот 1 на овој член или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил определени задачи општокорисна работа или не достави потврда за регистрирани негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување (став 4). Сторителот кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог (став 5).

Во поднасловот „Постапка за издавање на прекршочен платен налог“ односно во членот 51 од Законот е предвидено: Ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог (став 1). Прекршочниот платен налог содржи лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука, а може и други податоци во согласност со закон (став 2). Ако глобата со закон не е пропишана во точно одреден износ, службеното лице изрекува глоба во минималниот износ за прекршокот пропишан со закон (став 3). По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно со ставовите 2 и 3 на овој член во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог (став 4). Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот 4 на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука (став 5). Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката (став 6).

Според член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 150/2010) е предвидено дека заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедување на законитоста, судот во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и Градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања) кога решаваат за правата и обврските во поединечните управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Согласно член 7 од Законот, управен акт во смисла на овој закон е акт со кој органите решаваат за извесно право или обврска на физичко или правно лице, односно друго лице кое може да биде странка во определена управна работа, како и актите на тие органи донесени во прекршочна постапка. Во членот 8 од овој закон е уредено дека управен спор може да се поведе и против првостепен управен акт, кога не е предвидена правна заштита во управната постапка во втор степен.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и анализата на Законот за Царинската управа, Царинскиот закон и Законот за прекршоците произлегува дека издавањето на платен налог е систематизиран во Законот за прекршоци, во делот на забрзаните постапки во случаите кога тежината на делото, односно прекршокот и отсуството на штетните последици спаѓаат во ситни противправни дејствија за кои фактичката состојба е утврдена на самото место како и тоа што висината на глобата за прекршокот за издавање на платен налог е ограничена на минимален износ и истиот не може да се зголеми со посебни закони.

Во материјалните закони кои содржат одредби за прекршоци предвидени се основи за пропишување на формата и содржината на мандатниот и прекршочниот платен налог. Целта на изрекувањето на глоба на самото место со издавање на мандатен платен налог е да се избегне водење на прекршочна постапка во која се утврдува фактичката состојба и се изведуваат и ценат доказите по однос на сторениот прекршок, а сепак да се оствари генералната и специјалната превенција на законот.

Ова дотолку повеќе што на службеното лице му е дадена надлежност да може на лице место да спроведе постапка на порамнување и посредување (мандатна постапка) и да врачува покана за плаќање на глоба или да издава платен налог во случаеви определени со закон. Според тоа, мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна постапка.

Според наведеното Судот оцени дека смислата на постоење на мандатен платен налог е регулирање на оние прекршоци кои согласно законското битие на делото се прекршоци, но според тежината на делото и отсуство на штетни последици спаѓаат во категоријата на ситни, противправни дејствија за кои фактичката состојба може лесно и брзо да се констатира и утврди „на лице место“ и овој институт во правната теорија е познат како „глоба на самото место“.

Од друга страна треба да се има во предвид и целта на заштитата што се постигнува со мандатниот платен налог, а тоа е заштита на управната дисциплина, на јавниот ред или општествената дисциплина.

Со други зборови се работи за објективна одговорност односно објективен чин кој го утврдил надлежен орган и истата неспорна фактичка состојба е потврдена со записник изготвен на самото место и потпишан од страна на сторителот со кој „de facto“ го признава делото и се постигнува согласност на волји преку порамнување. За сите други прекршоци за кои е предвидена поголема глоба и каде е потребно водење на посебна доказна постапка проследена со други доказни средства се применува институтот „барање за поведување на прекршочна постапка“ што значи и постапка на истрага, а со самото тоа и проверка на фактичката состојба од страна на надлежен орган.

Според член 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (став 3).

Според член 2 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа.

Во членот 12 од Законот, е определено што се смета за извршна исправа врз основа на која може да се спроведе извршување, па така, извршни исправи се: извршна судска одлука и судско порамнување; извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; извршна нотарска исправа; заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето; решение за издавање на нотарски платен налог и друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Имајќи ја предвид анализата на Законот за извршување, произлегува дека како извршна исправа врз основа на која може да се спроведе извршување покрај таксативно утврдените исправи, извршување може да се спроведе и врз основа на друга исправа која како извршна е предвидена со закон.

Оттука, Судот, утврди дека оспорените законски определби на член 259-а став 2 и член 266 став 2 од Царинскиот закон, член 28-а од Законот за царинската управа и член 50 ставови 1, 2, 3 и 5 од Законот за прекршоците се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 50 став 2 и член 51 став 1 од Уставот, односно со Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот, според кој за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во конкретниот случај, таква надлежност е дадена на Царинската управа со погоре цитираните закони, а исто така и на царинскиот службеник дадена му е надлежност да може на лице место да спроведе постапка на порамнување и посредување (мандатна постапка), и да врачува покана за плаќање на глоба или да издава платен налог во случаеви определени со закон.   Според Судот, со ваквата постапка не се загрозува правната сигурност на граѓаните на Република Македонија и не значи дискреционо право на царинскиот службеник да врачува покана за плаќање на глоба или издавање на платен налог, туку за должност доколку за тоа се исполнети предвидените услови од законот, да му предложи на сторителот на царинскиот прекршок постапка на порамнување и посредување пред да поднесе барање за прекршочна постапка. Според тоа, мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна постапка.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со изрекувањето на мандатната казна за одреден прекршок чија висина Законот однапред ја утврдил и овластил одредено службено лице да ја наплати, не се нарушува начелото на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и не го доведува во прашање уставното начело на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

7. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на подзаконските прописи и колективните договори. Од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека ако Уставниот суд веќе одлучувал за определена одредба и ако нема основи за поинакво одлучување од претходно одлученото, ќе ја отфрли иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 50 од Законот за прекршоците. Во однос на член 50 став 4 од Законот, Судот со Решение У. бр. 51/2016 од 23 ноември 2016 година не поведе постапка за оценување на уставноста во делот „има сила на извршна исправа“ од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015). Воедно, Судот со Решение У. бр. 153/2016 од 2017 година ja отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 50 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ број 124/2015).

Исто така, Судот веќе одлучувал за уставноста на член 266 од Царинскиот закон и со Решението У. бр. 251/2008 од 18 февруари 2009 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 7 став 3 и член 266 од Царинскиот закон (“Службен весник на Република Македонија” број 39/2005 и 4/2008).

Во однос на наводите во иницијативата за оспорениот член 28-а од Законот за Царинската управа и од увидот во приложената документација, може да се констатира дека подносителот на иницијативата е незадоволен од Решението 27-080289/14 2704 в.в. У.бр. 1152/1 од 23 декември 2014 година според кое го платил потребниот износ и компензаторната давачка на 22 јануари 2015 година. Против, наведените мандатни платни налози била поднесена тужба до Управниот суд кој со Решението УПРЦ.бр. 641/642/2015 од 28 декември 2015 година тужбата ја отфрлил како недозволена, со дадено образложение дека судот не бил надлежен да одлучува по истите бидејќи не претставувале управни акти. Против ова решение била поднесена жалба до Вишиот управен суд која била одбиена како неоснована со Пресуда УПРЖ.бр. 569/2016 од 13 мај 2016 година. Оттука, според наводите во иницијативата, причина за неуставност на оспорените законски одредби било непостоењето на правна заштита против мандатните платни налози во случај кога обвинетиот не се согласува со наодот на издавачот на истите и тоа доведувало до незаконито постапување на издавачот на платните налози кое не можело да се спречи.

Меѓутоа оспорените мандатни платни налози всушност се донесени по барање на индивидуален субјект (барател) и истите регулираат inter partes односи, а не erga omnes, што упатува на констатација дека истите имаат карактер на поединечен акт, а не на општ акт, и истите како такви не регулираат односи на субјектите во правото на општ начин на неопределен број на субјекти, кој би му дал карактер на пропис по кој Уставниот суд би можел мериторно да одлучува.

Со оглед на тоа што Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 50 од Законот за прекршоци(„Службен весник на Република Македонија“ брoj 124/2015) и членот 266 од Царинскиот закон („Службен весник на Република Македонија“ брoj 39/2005, 4/2008, 48/2010, 158/2010, 44/2011, 53/2011, 11/2012, 171/2012, 187/2013, 129/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016) и утврдил дека право е на законодавецот да определи кои се други исправи можат да бидат утврдени, односно да им биде утврден статус на извршност врз основа на кои ќе се спроведе извршувањето, од кои причини не можело да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од членот 50 од Законот за прекршоците и членот 266 од Царинскиот закон со уставните одредби на кои се повикувал подносителот на иницијативата, а сега нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот, за отфрлање на иницијативата.  Со дополнувањето на иницијативата воопшто не се изнесени наводи од кои причини содржината на членот 28-а од Царинскиот закон, е во спротивност со одредбите од Уставот. Во отсуство на аргументи и образложени причини за противуставноста на овој оспорен член од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата по однос на наведениот член. Односно, произлегува дека подносителот на иницијативата не е задоволен од одлуките на Управниот суд Скопје и Вишиот управен суд на Република Македонија и затоа ова претставува барање Уставниот суд да одлучува како инстанционен суд за права и интереси на странка по конкретен предмет од надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува, така што се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата. 8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.150/2016
13.12.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски