У.бр.59/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 10 ставови 2 и 3 од Статутот на Македонскиот полициски синдикат, донесен од наведениот синдикат под бр.0201-187 од 09.03.2017 година.

2. Ненад Дејаноски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 10 ставови 2 и 3 од Статутот означен во точка 1 од ова решение.

Според оспорениот член 10 став 2 од Статутот на Македонскиот полициски синдикат, образецот за истапување-изјава од членство нема да се реализира доколку членот има користено бенефиции од ставот 1 на овој член и од моментот на завршување на нивното користење не поминале најмалку 6 месеци. Според ставот 3 на членот 10 од Статутот, пропишаниот писмен образец-изјава нема да се реализира доколку членот има користено неповратни средства од фондот за солидарност и од моментот на нивното добивање не поминале 12 месеци.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 37 од Уставот и член 185 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи и наведува дека на членовите на Македонскиот полициски синдикат, кои по своја волја не сакале повеќе да бидат негови членови, им било скратено правото на слободна волја на синдикално делување односно да истапат од Синдикатот. Тоа било спротивно на членот 185 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи од кои причини се предлага оценување на законитоста на оспорената одредба, а како би се овозможило слободно стапување и истапување во и од синдикалното членство.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 10 став 2 од Статутот на Македонскиот полициски синдикат, образецот за истапување-изјава од членство нема да се реализира доколку членот има користено бенефиции од ставот 1 на овој член и од моментот на завршување на нивното користење не поминале најмалку 6 месеци.

Според ставот 3 на членот 10 од истиот статут, пропишаниот писмен образец-изјава нема да се реализира доколку членот има користено неповратни средства од фондот за солидарност и од моментот на нивното добивање не поминале 12 месеци.

4. Согласно член 110 став 1 алинеи 1, 2 и 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд помеѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите како и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со членот 20 од Уставот на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања.

Според член 37 од Уставот на Република Македонија, заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикат.

Правото на граѓаните да основаат синдикат е утврдено во делот од Уставот кој ги уредува економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот, додека слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања е утврдена во делот од Уставот кој ги третира граѓанските и политичките слободи и права.

Синдикатот како облик на организирање на граѓаните е предмет на уредување и на Законот за работните односи. Имено, организациите кои работниците ги основаат заради остварување на нивните економски и социјални права од работен однос утврдени со закон и со колективен договор се организираат и ја вршат својата функција согласно одредбите од овој закон, за разлика од класичните здруженија на граѓани кои се организираат според Законот за здруженија на граѓани и фондациите.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека синдикатот претставува првенствено општествено економска организација која ги обединува граѓаните-работници врз доброволна основа и која ги претставува и ги штити нивните економски и социјални права и интереси што произлегуваат од работен однос.

Судот смета дека во случајов Статутот на Македонскиот полициски синдикат, нема карактер на пропис во смисла на членот 110 од Уставот и не е подобен за уставно-судска оцена бидејќи синдикатот е посебен облик на организирање на работниците, од каде конкретниот статут не претставува пропис, односно не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин.

Според тоа, согласно членот 28 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на интерниот акт кој ја уредува внатрешната организација на Македонскиот полициски синдикат, поради што се исполнети процесните претпоставки од член 28 став 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2017
13 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски