Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27, член 71 и член 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката број 08-4160/32 од 22.03.2017 година, донесена од Советот на Оп штина Центар-Скопје, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 6/2017, за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје и Решението број 09-4160/33 од 22.03.2017 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје, објавено во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 6/2017, за објавување на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје.
2. СЕ ЗАПИРААТ од извршување поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на актите означени во точката 1 од ова решение.
3. Решението ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија”.
4. Цуте Крајчески, Страхил Пановски, Славица Марковска, Мартина Илиќ, Димитар Наџаков, Влатко Миновски, Коста Јовановски и Љупчо Велков, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од Решението.
Со иницијативата се оспорува Одлука со број 08-4160/32 од 22.03.2017 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, со која се поништува Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Детален урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, која Советот на Општина Центар-Скопје ја донел во текот на 2012 година, како и Решение со број 09-4160/33 од 22.03.2017 година, за објавување на оспорената одлука, донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје.
Според наводите во иницијативата, како основ за донесување на оспорената одлука, бил наведен членот 41 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), но од наведениот член од Законот воопшто не произлегувала можност советите на општините во Градот Скопје да можат да поништуваат урбанистички планови, претходно донесени, туку само да донесуваат урбанистички планови. Воедно, од ниту една одредба во Законот за локалната самоуправа и во Законот за Градот Скопје, не произлегувала надлежност за совет на општина или Совет на Градот Скопје да можат да поништуваат одлука со која претходно бил донесен урбанистички план.
Од наведените причини со иницијативата се предлага поведување на постапка за оцена на уставноста и законитоста на оспорените акти, како и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените акти.
5. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука со број 08-4160/32 од 22.03.2017 година, е со следната содржина:
Врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр. 1/06 и 12/15) и член 41 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на РМ“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16 и 163/16), Советот на Општина Центар-Скопје на 5-та седница, одржана на 07.06.2013 година, 10.06.2013, 11.06.2013 година, 13.06.2013 година и на 22.03.2017 година, донесе
Одлука
за поништување на Одлуката за донесување на
изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план
за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје
Член 1
Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, се поништува.
Член 2
Со оваа Одлука се уредуваат поништувањето на Одлуката на Советот на Општина Центар–Скопје, утврдувањето на правната основа за поништување на Одлуката, влегувањето во сила на претходната Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје за донесување на изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план за истиот плански опфат и начинот на реализација на Одлуката од Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.
Член 3
Со оваа Одлука се поништува Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.17/2012).
Член 4
Одлуката од член 2 од оваа Одлука се повлекува од правниот поредок поради тоа што изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план, кој е составен дел на Одлуката, се во спротивност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ” бр.142/10, 64/11 и 98/11), Законот за просторно и урбанистичко планирање и Уставот на Република Македонија.
Одлуката е спротивна на Законот и Уставот затоа што изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година не се во согласност со важечкиот Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а оваа несогласност на планот со Правилникот е спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Понатаму, изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година се во спротивност и со член 13 став 1 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на РМ” бр.17/11), а со тоа спорната Одлука е спротивна и на член 51 од Уставот на РМ во кој „законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите”.
Член 5
Со поништувањето на Одлуката од член 2 од оваа Одлука влегува во сила Одлуката за донесување изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-5020/2 од 28.06.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.7/12).
Член 6
За оваа Одлука се известуваат Архивата на Општина Центар-Скопје, Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, надлежниот Државен архив, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, кои треба да го повлечат од употреба како важечки план изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.17/12) и да ги вратат во употреба претходните изменувања и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-5020/2 од 28.06.2012 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.7/2012).
Член 7
Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен, во рок од 15 дена од донесувањето на оваа Одлука, да ја повлече од употреба картираната подлога на изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план од член 2 од оваа Одпука и да ја обезбеди картираната подлога од претходните изменувања и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр.7/12) кои со донесувањето на оваа Одлука стапуваат во сила.
Член 8
За реализација на оваа Одлука и за спроведувањето на Деталниот урбанистички план од член 4 од оваа Одлука, кој стапува во сила, се грижат Градоначалникот на Општината, Секторот за урбанизам и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.
Член 9
Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен веднаш по стапувањето во сила на оваа Одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на Деталниот урбанистички план од член 2 од оваа Одлука чие важење престанало и да ги продолжи кога документациите, предмет на управните постапки, ќе бидат усогласени според Деталниот урбанистички план од член 4 од оваа Одлука.
Член 10
Се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје, во рок од 7 дена од стапувањето во сила на оваа Одлука, да достави предлог до Градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадени одобренија од Општина Центар-Скопје, а за другите, во соработка со Секторот за правни и организациони работи, да подготви соодветна документација со која ќе се побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.
Член 11
Оваа Одлука влегува во сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“.
Судот, исто така утврди дека оспореното Решение со број 09-4160/33 од 22.03.2017 година, е со следната содржина:
Врз основа на член 36 став 1 точка 3 и член 64 став 1 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр. 1/06 и 12/15), Градоначалникот на Општина Центар-Скопје донесе
РЕШЕНИЕ
за објавување на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на
изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесено од Советот на Општина Центар-Скопје
Се објавува Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје бр.07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, што Советот на Општина Центар-Скопје ја донесе на 5-та седница, одржана на 07.06.2013 година, 10.06.2013 година, 11.06.2013 година, 13.06.2013 година и на 22.03.2017 година.
6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Надлежностите на општините во Градот Скопје, се уредени со Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011).
Со член 10 став 1 точки 1 до 12 од Законот за Градот Скопје, се уредени надлежностите на Градот Скопје, а со член 15 став 1 точки 1 до 10 од Законот за Градот Скопје, се уредени надлежностите на општините во Градот Скопје.
Според член 10 став 1 точка 1 алинеите 1 до 5 од Законот за Градот Скопје, Градот Скопје помеѓу другото е надлежен за:
1. Планирање и уредување на просторот, односно
-донесување просторен план на Градот Скопје;
-донесување генерален урбанистички план на Градот Скопје;
-давање мислење за предлогот на деталните урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места што ги донесуваат општините во Градот Скопје;
-уредување градежно земјиште и
-утврдување стандарди и давање согласност за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема на подрачјето на Градот Скопје.
Според член 15 став 1 точка 1 алинеите 1 до 6 од Законот за Градот Скопје, општините во Градот Скопје помеѓу другото се надлежни за:
1. Планирање и уредување на просторот, односно
-покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-давање мислења по нацртите на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината;
-спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење);
-издавање одобренија за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема и
-уредување на градежно земјиште во делот на опремување на градежното земјиште со објекти и инсталации од секундарната инфраструктура.
Надлежностите на општините, како и организацијата и делокругот на работа на органите на општината (советот и градоначалникот), се уредени со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).
Со членот 22 од Законот за локалната самоуправа, е уредена листата на надлежности на општините, а помеѓу другото според став 1 точка 1 на членот 22 од Законот за локалната самоуправа, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Со членот 36 од Законот за локалната самоуправа се уредени прашањата од надлежност на Советот, конкретно според став 1 точка 1 на членот 36 од наведениот закон, Советот го донесува статутот на општината и други прописи. Меѓу тие прописи спаѓа и донесување на соодветни урбанистички планови за кои е овластен со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Имено, со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).
Во главата VI. од Законот за просторно и урбанистичко планирање (членови 24-43) е пропишана постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации.
Според член 41 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Собранието на Република Македонија го донесува Просторниот план.
Според ставот 3 на членот 41 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, Советот на Градот Скопје донесува генерален урбанистички план на Градот Скопје и регулациски план на генералниот урбанистички план на Градот Скопје.
Според ставот 4 на членот 41 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, советите на општините во Градот Скопје донесуваат:
-детален урбанистички план;
-урбанистички план за село и
-урбанистички план вон населено место.
Според ставот 5 на членот 41 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, советите на општините со седиште во град донесуваат:
-генерален урбанистички план;
– регулациски план на генералниот урбанистички план;
-детален урбанистички план;
-урбанистички план за село и
-урбанистички план вон населено место.
Според ставот 6 на членот 41 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, советите на општините со седиште во село донесуваат:
-урбанистички план за село и
-урбанистички план вон населено место.
Во конкретниот случај, ниту во Законот за Градот Скопје, а ниту во Законот за локалната самоуправа, постојат одредби од кои произлегуваат содржини со кои се уредува надлежност на Совет на Град Скопје, на совет на општина на Град Скопје или совет на општина, да можат да поништуваат донесен урбанистички план, туку само да донесуваат соодветен вид на урбанистички план.
Исто така, и од одредбите во Законот за просторно и урбанистичко планирање, воопшто не произлегува уредување дека доносител на соодветен план, може истиот да го поништи, ниту во Законот постои пропишување на постапка за таа цел.
Во конкретниот случај, Советот на Општина Центар, донел Одлука број 08-4160/32 од 22.03.2017 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар-Скопје број 6/2017, за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје, број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје.
Како причина за поништување на Одлуката број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, се наведува дека изменувањето и дополнувањето на деталниот урбанистички план донесен со оваа одлука, бил спротивен на Законот и Уставот затоа што не бил во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, а оваа несогласност на планот со Правилникот била спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање, а во спротивност и со член 13 став 1 од Законот за градежно земјиште, а со тоа спорната одлука била спротивна и на член 51 од Уставот на Република Македонија според кој „законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите”.
За донесената одлука биле известени Архивата на Општина Центар, Секторот за урбанизам во Општина Центар, надлежниот Државен архив, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, кои требало да го повлечат од употреба како важечки изменувањето и дополнувањето на поништениот план и да ги вратат во употреба претходните изменувања и дополнувања на планот. Секторот за урбанизам на Општина Центар бил задолжен во рок од 15 дена од донесувањето на Одлуката за поништување, да ја повлече од употреба картираната подлога на изменувањата и дополнувањата на поништениот план и да ја обезбеди картираната подлога од измените и дополнувањата на планот пред тоа.
Понатаму, со оспорената одлука се задолжува Секторот за урбанизам во Општина Центар веднаш по стапување во сила на оспорената одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на поништениот план. Исто така со оспорената одлука се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар во рок од 7 дена од стапување во сила на оспорената одлука да достави предлог до градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадените одобренија од Општината, а за другите во соработка со Секторот за правни и организациски работи да подготви соодветна документација со која ќе побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.
Градоначалникот на Општината донел Решение број 09-4160/33 од 22.03.2017 година, ваквата одлука донесена од Советот на Општина Центар да се објави во Службениот гласник на Општината.
Имајќи го предвид предметот на уредување со Законот за Градот Скопје, Законот за локалната самоуправа и Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот констатира дека од содржината на пропишаните одредби на овие закони, никаде не произлегува можност доносител на соодветен план, да може да го поништи планот кој претходно го донел.
Од погоре наведеното произлегува дека, Советот на Општина Центар, презел дејствија надвор од овластувањата со закон и донел одлука за поништување на одлука за претходно донесен детален урбанистички план, односно дејствија за кои воопшто немал ниту надлежност, ниту пак во закон, воопшто постои пропишана постапка за поништување на урбанистички план.
Имено, општините согласно член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за Градот Скопје, како и член 41 став 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, имаат овластување само да донесуваат, изменуваат и дополнуваат урбанистички план во пропишана постапка за таа цел со Законот за просторно и урбанистичко планирање, а никако немаат овластувања да поништат веќе донесен план и да го вратат во правен поредок, претходно донесениот план кој престанал да важи.
Оттука, во конкретниот случај Судот утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје, без правен основ ја донел оспорената одлука за поништување на претходно донесен план, која патем содржи и императивно наложување за прекинување на управни постапки за спроведување на Деталниот урбанистички план кој со оспорената одлука е поништен, како и задолжување на конкретни институции за поништување на веќе издадени одобренија од Општина Центар-Скопје.
Во отсуство на законско овластување и пропишана постапка во закон, за поништување на донесен урбанистички план, според Судот, со оспорената одлука донесена од страна на Советот на Општина Центар-Скопје и последиците кои произлегуваат од истата, сериозно и грубо се нарушува правната сигурност на граѓаните и неосновано се доведува во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија.
Со иницијативата, како оспорено е наведено и Решението за објавување на оспорената одлука, донесено од градоначалникот на Општина Центар-Скопје. Во однос на овој оспорен акт, станува збор за поединечен технички акт-објавување на оспорената одлука во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје”, и како таков не е подобен за уставно-судска оцена. Меѓутоа, имајќи предвид дека овој акт е во директна врска со оспорената Одлука за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на предметниот детален урбанистички план, односно е во функција на објавување и влегување во сила на оспорената одлука, Судот оцени за целисходно и овој оспорен акт да биде опфатен при одлучувањето, бидејќи ја следи правната судбина на оспорената Одлука за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на предметниот детален урбанистички план.
7. Тргнувајќи од погоре наведеното, пред Судот, со основ се постави прашањето за согласноста на оспорените акти со одредбите на Уставот и законите. Воедно Судот оцени дека се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд за донесување на Решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија, донесени, односно преземени врз основа на оспорените акти, поради можно настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици, за што согласно член 78 став 3 од Деловникот, одлучи истото да се објави во „Службен весник на Република Македонија”.
8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од Решението.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.36/2017
13 декември 2017 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски