Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 декември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015), донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
2. Здружението за заштита на човековите права „НО ПАСАРАН“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 66 од Правилата означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата, Регулаторната комисија согласно овластувањата дадени во Законот за енергетика донела Правила за снабдување со топлинска енергија, при што со донесување на наведените правила комисијата ги надминала своите овластувања утврдени во членот 28 од Законот за енергетика и не ја почитувала Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.148/2008 донесена на 04.02.2009 година, со која го укинал член 52 став 3 од Условите за снабдување со Топлинска енергија на подрачјето на град Скопје во која се наведувало дека за исклучениот простор корисниците плаќаат надоместок согласно тарифниот систем. Со донесување на Одлуката на Уставниот суд обврската на корисниците што се исклучени од системот за греење да плаќаат паушал за ангажирана моќ престанува да важи.
Понатаму,подносителот наведува дека со донесување на Правилата на Регулаторната комисија, а посебно со членот 66 се повредувал и членот 112 од Уставот.
Подносителот на иницијативата исто така наведува дека со оспорениот член се повредувал и член 52 став 4 од Уставот, според кој прописите не можат да имаат повратно дејство, освен во случај да е поповолно за граѓаните.
3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 66 став 1 од Правилата, со денот на влегувањето во сила на овие правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.
Во ставот 2 од овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
Според ставот 3 од наведениот член снабдувачот е должен да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективни објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година.
Во ставот 4 од Правилата е предвидено,трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот.
4. Судот, исто така утврди дека со Решение У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, ја отфрли инцијативата за поведување постапка за оценување на уставноста член 54 и член 66 ставови 1 и 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.
Во образложението на Решението, Судот утврдил дека со член 66 став 1 од Правилата, кој е систематизиран во главата 15. Преодни и завршни одредби, се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.
Според ставот 2 на овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.
Тоа значи дека со овие одредби се воведува задолжителна обврска за сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување, во еден преклузивен рок да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, а во спротивност се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.
Поаѓајќи од ваквата цел на одредбите, кои по својата природа се преодни одредби кои имаат темпорален карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена (01.10.2012 година), Судот оценил дека оспорените одредби ја исцрпеле својата содржина и дејство и веќе не се во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.
Судот исто така утври дека по предметот, У.бр.94/2015 од 22 јуни 2016 година, ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ брoj 97/2012, 109/2013,126/2015 и 127/2015), во целина и посебно на членот 53 став 1, членот 55 став 3, членот 66 став 1 и 2 од истиот акт, донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 30 јули 2012 година.
5. Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорената одредба со која се воведувала обврска во определен рок сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување, во еден преклузивен рок да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, а во спротивност се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, Судот оцени дека оспорената одредба ја исцрпела својата содржина и веќе не е во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата, од кои причини исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.
Имајќи го предвид изнесеното, а во врска со ново поднесената иницијатива, Судот го имаше предвид фактот дека Уставниот суд на Република Македонија, по однос на оспорената одредба се има произнесено по предметите У.бр 125/2012 од 22 мај 2013 година и У.бр.94/2015 од 22 јуни 2016 година, при што иницијативите биле отфрлени, поради што исполнети се условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија
6. Врз основа на наведеното , Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот,Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.140/2017
20 декември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски