Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– делот: „министерот за трговија“ од член 6 став 2, член 7 став 2, член 9 став 2, член 10 став 1, член 11 став 1, член 12 став 5, член 13 став 2, член 14 ставови 2 и 3, член 16 став 1, член 18 ставови 1 и 2 и член 25 став 2;
– делот: „Министерство за трговија“ од член 8 став 3, член 11 став 2, член 12 став 7 и член 17 и
– делот: „Законот за стандардизација“ од член 12 став 3 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998 и 13/1999).
2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби и делови од одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет во кои се содржани оспорените делови, како и член 62 став 1 и член 73 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кои Министерството за стопанство и Министерството за трговија, сметано од 21.07.2000 година се обединиле во Министерство за економија и продолжиле со работа како Министерство за економија со надлежности утврдени со овој закон. Од наведениот датум, Министерството за трговија, како правен субјект, не било во правниот промет, а сепак со оспорените делови од одредбите биле пропишани надлежности за тоа министерство, како и за министерот за трговија.
Со оспорениот член 12 став 3 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет се упатувало на примената на членот 34 од Законот за стандардизација („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002, 84/2012, 23/2013, 41/2014 и 53/2016) иако овој закон не содржел 34 членови, туку 30. Доколку пак оспорениот дел упатувал на примена на членот 34 од Законот за стандардизација објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1995 тогаш во смисла на членот 29 од Законот за стандардизација, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002 вака оспорената одредба упатувала на пропис кој не бил дел од правниот промет.
Иако со член 62 став 2 од Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002), кој закон бил вон сила, било предвидено да престанат да важат одредбите од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет сепак со член 62 став 2 од Законот за безбедност на храната и на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната било предвидено да престанат да важат одредбите од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет кои се однесувале на надзорот на прехранбените производи.
Постоењето на оспорените делови од одредбите, според подносителот на иницијативата, можело во правниот поредок да доведе до заблуда во операционализацијата на Законот во целина, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, од кои причини предлага поведување на постапка за оценување на уставноста, а потоа и укинување на оспорените делови од одредбите.
3. Судот на седницата, утврди дека според член 6 став 2 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет, по исклучок од одредбата од став 1 на овој член, на барање на извозникот, контролата на квалитетот на одделни производи што се наменети за извоз може да се изврши и на друго место, врз основа на претходна согласност од министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Според член 7 став 2 од истиот закон, по исклучок од одредбата на став 1 на овој член, на барање на увозникот, контрола на квалитетот на одделни производи што се увезуваат може да се врши на друго место, врз основа на претходна согласност од министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Согласно член 8 став 3 од истиот закон, Владата, на предлог на Министерството за трговија ги определува производите од став 2 на овој член за кои контрола можат да вршат правните лица од став 2 на овој член.
Одредбата се оспорува во делот: „Министерството за трговија“.
Во членот 9 став 2 од Законот е предвидено дека, министерот за трговија во согласност со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство поблиску ги пропишува условите од став 1 алинеја 2 на овој член.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Во член 10 став 1 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет е предвидено дека, министерот за трговија може со решение да овласти правно лице да врши контрола на квалитетот на одделни производи, доколку ги исполнува условите од членот 9 на овој закон.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Според член 11 став 1 од истиот закон, овластените правни лица (во натамошниот текст: правните лица) на кои им е доверено вршење на контрола на квалитетот на одделни производи, во вршењето на контролата се должни да се придржуваат на упатствата донесени од министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Во член 11 став 2 од Законот е предвидено дека, правните лица од став 1 на овој член се должни на барање на Министерството за трговија да му доставуваат извештаи за извршените контроли на квалитетот.
Одредбата се оспорува во делот: „Министерството за трговија“.
Во член 12 став 3 од Законот е предвидено дека, цертификатот се издава и за производите кои се извезуваат што отстапуваат од пропишаниот квалитетот во земјата, согласно член 34 од Законот за стандардизација.
Одредбата се оспорува во делот: „Законот за стандардизација“.
Според член 12 став 5 од Законот, содржината на барањето за издавање на цертификат и образец на кој се поднесува го пропишува министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Во член 12 став 7 од Законот е предвидено дека, правното лице што го издало цертификатот е должно примерок од цертифкикатот да достави на Министерството за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „Министерството за трговија“.
Согласно член 13 став 2 од Законот, доколку цертификатот се издава само врз основа на претходно извршено лабораториско испитување, а резултатот на извршената анализа покажува дека производот не одговара на квалитетот од членот 4, односно од членот 5 на овој закон, пред да издаде решение со кое ќе се одбие барањето за издавање на цертификат, републичкиот пазарен инспектор, односно правното лице ќе го извести извозникот, односно увозникот дека има право да бара да се изврши повторна анализа на производот (суперанализа), кај институција овластена од министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Согласно член 14 став 1 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет, трошоците за контрола на квалитетот ги поднесува извозникот, односно увозникот.
Според член 14 став 2 од Законот, висината и начинот на плаќање на надоместокот за покривање на трошоците на Републичкиот пазарен инспекторат за контрола на квалитетот од став 1 на овој член ги пропишува министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Според член 14 став 3 од Законот, висината и начинот на плаќање на надоместокот за покривање на трошоците за контрола на квалитетот што ја извршува правното лице ги утврдува правното лице по претходна согласност на министерот за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Во член 16 став 1 од Законот е предвидено дека, министерот за трговија во согласност со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, ќе ги пропише начинот и постапката за вршење контрола на квалитетот, условите кои треба да ги обезбеди извозникот, односно увозникот во врска со вршењето на таа контрола, како и податоците што мора да ги содржи цертификатот.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Според член 17 од Законот, надзор над работата на правните лица кои се овластени за вршење на контрола на квалитетот врши Министерството за трговија.
Одредбата се оспорува во делот: „Министерството за трговија“.
Според член 18 став 1 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет, ако во вршењето на инспекцискиот надзор Републичкиот пазарен инспекторат утврди дека правното лице не ги исполнува пропишаните услови ќе му нареди во определен рок да ги отстрани утврдените неправилности. Доколку правното лице не ги отстрани недостатоците во определениот рок, Републичкиот пазарен инспекторат ќе донесе решение со кое ќе му забрани натамошно вршење на контрола на квалитетот и ќе му предложи на министерот за трговија да му го одземе овластувањето за вршење контрола на квалитет.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Според член 18 став 2 од истиот закон, Републичкиот пазарен инспекторат ќе донесе решение со кое ќе му забрани натамошно вршење на контрола на квалитетот и ќе му предложи на министерот за трговија да му го одземе овластувањето за вршење контрола на квалитетот на правното лице и во случај кога при вршењето на инспекцискиот надзор ќе утврди дека правното лице при вршењето на контролата и издавањето на цертификати не се придржува кон важечките прописи.
Одредбата се оспорува во делот: „министерот за трговија“.
Согласно член 25 став 2 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет, прописите од член 9 став 2, член 12 став 5, член 14 став 2 и член 16 став 1 министерот за трговија ќе ги донесе во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Од анализата на наводите во иницијативата произлегува дека предмет на оспорување се одредби од Законот кои содржат овластувања за министерот за трговија, односно Министерството за трговија или пак упатување на примената на членот 34 од Законот за стандардизација.
Притоа, во уводот на иницијативата, меѓу другите, како оспорен е наведен делот: „министерот за трговија“ од член 14 ставови 2 и 3 од Законот, а во образложението на иницијативата како оспорен е означен истиот дел од член 14 ставови 1 (не содржи овластување за министерот за трговија) и 2 од Законот. Ставовите 1 и 2 од членот 14 од Законот се цитирани во целост. Според интенцијата на подносителот на иницијативата Судот утврди дека предмет на уставно-судска оцена треба да бидат член 14 ставови 2 и 3, а не член 14 ставови 1 и 2 како што погрешно е означено и цитирано во образложението на иницијативата. Оттаму, предмет на анализа пред Уставниот суд, меѓу другите, е и член 14 ставови 2 и 3 од Законот.
Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/1998) влегол во сила на 7 февруари 1998 година. Измената на Законот, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.13/1999 година влегла во сила на 4 март 1999 година. После овој датум во наведениот закон не се правени измени и дополнувања.
Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000) во член 62 алинеја 1 предвидел дека со денот на влегување во сила на овој закон (член 73-со денот на објавувањето), односно 21 јули 2000 година, Министерството за стопанство и Министерството за трговија се обединуваат во Министерство за економија и продолжуваат со работа како Министерство за економија со надлежности утврдени со овој закон.
Оттаму, Министерството за трговија и министерот за трговија после 21 јули 2000 година, како правно непостоечки органи, ги изгубиле и своите надлежности и овластувања предвидени во Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет. Нивните ингеренции преминале во надлежност на Министерството за економија, односно министерот за економија. Меѓутоа, иако изминале 17 години измени и усогласувања на Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет во оваа насока не се направени.
Според тоа оспорените одредби содржат надлежности и овластувања за непостоечко министерство, односно непостоечки министер, поради што, според Судот, во правниот поредок на Република Македонија може да дојде до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика, како и за органите кои го применуваат овој закон.
Анализата, пак на член 12 став 3 од Законот за контрола на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи во надворешно-трговскиот промет покажа дека оваа одредба упатува на примената на членот 34 од Законот за стандардизација. Според времето кога е креирана оваа одредба и кога влегол во сила основниот текст на Законот (7 февруари 1998 година), ваквото упатување може единствено да се однесува на Законот за стандардизација објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.23/1995 од 27 април 1995 година. Ваквото упатување не било правно проблематично се до 23 јули 2002 година кога влегол во сила Законот за стандардизација („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2002) кој сега е во примена и кој нема ни содржински, ни нумерички 34 одредби, туку има само 30.
Во доставениот одговор, односно мислење наведените факти не се оспоруваат од страна на Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија. Според нивните дописи оспорените одредби преставуваат правна целина, иако постои терминолошка неусогласеност која би се надминала со соодветни измени на Законот.
Од наведеното произлегува дека оспорените делови од одребите од Законот, упатуваат на надлежности на непостоечки органи или пак на примена на пропис кој воопшто не постои во правниот поредок, што доведува до правна несигурност и правна забуна во неговата примена од каде пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.66/2017
29 ноември 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски