У.бр.64/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, донесе

 Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 50-а став 2 во делот:„постапка за порамнување“ од Законот за вршење на земјоделска дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2002, 89/2008, 116/2010, 53/2011 и 39/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, во членот 50-а став 2 од Законот за вршење на земјоделска дејност било пропишано дека пред поднесувањето на барањето за прекршочна постапка за прекршоци предвидено во овој закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води постапка за порамнување, согласно Законот за прекршоци.

Меѓутоа, согласно член 48 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015), постоеле два вида на забрзани постапки за порамнување: мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Согласно член 155 од Законот за прекршоците, државните органи се должни во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон да ги усогласат законите во кои се пропишани прекршочни санкции.

Според подносителот на иницијативата, иако Законот за прекршоците влегол во сила, оспорениот дел од одредбата на Законот за вршење на земјоделска дејност не бил усогласен со членот 155 од Законот за прекршоците

Оспорената одредба попрецизно не определувала која постапка за порамнување, пропишана со член 48 став 1 од Законот за прекршоците, ќе ја спроведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно дали ќе се спроведе постапка за порамнување во мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог или ќе се спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог.
Според тоа, можело да дојде до забуна во операционализацијата на одредбата од член 50-а став 2 од Законот за вршење на земјоделска дејност, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50-а став 2 од Законот за вршење на земјоделска дејност, пред поднесувањето на барањето за прекршочна постапка за прекршоци предвидено во овој закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води постапка за порамнување, согласно Законот за прекршоци.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Со Законот за вршење на земјоделска дејност се уредуваат условите и начинот на вршење земјоделска дејност (член 1).

Според член 2 од Законот, под земјоделска дејност, во смисла на овој закон, се подразбира производство, доработка, преработка и пласман на сопствени земјоделски производи. Под земјоделска дејност се подразбира и одгледување на добиток и други стопанско- корисни животни, како и пласман на нивните производи.

Во согласност со членот 3 на истиот закон, земјоделска дејност е и дејноста на одредени организациони облици (задруги) насочена кон овозможување, олеснување и унапредување на одделни фази на земјоделското производство, организирано од страна на земјоделски производители (снабдување на земјоделските производители со производи што им се неопходни за примарно земјоделско производство, градење објекти за преработка и доработка на сопствените земјоделски производи и пласман на земјоделските производи на самостојните земјоделци).

Главата IV од Законот носи наслов: Прекршочни одредби (членови 48 – 50-б). Со членовите 48, 49, 50 се пропишани прекршоците и прекршочните санкции кои можат да се изречат за тие прекршоци.

Според член 50-а од Законот, прекршочната постапка за прекршоците предвидени во овој закон ја води надлежниот суд (став 1). Пред поднесувањето на барањето за прекршочна постапка за прекршоци предвидено во овој закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води постапка за порамнување, согласно Законот за прекршоци (став 2).

Од анализата на наведените одредби на Законот за вршење земјоделска дејност, произлегува дека законодавецот ги пропишал прекршоците и прекршочните санкции што можат да се изречат за сторени повреди на Законот, дека прекршочната постапка за прекршоците предвидени во овој закон ја води надлежниот суд, но дека пред поднесувањето на барањето за прекршочна постапка за прекршоци предвидено во овој закон, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство води постапка за порамнување, согласно Законот за прекршоци.

Со членот 47 од Законот за прекршоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015) се пропишани забрзани постапки кои имаат за цел постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган (став 1). Надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, ако тоа е определено со закон (став 2). Судот, односно прекршочниот орган по службена должност внимава дали е спроведена една од забрзаните постапки. Ако не се исполнети условите од ставот (2) на овој член судот, односно прекршочниот орган ќе го врати барањето на органот за да спроведе една од забрзаните постапки (став 3).

Според член 48 став 1 од истиот закон, постојат два вида на забрзани постапки за порамнување, и тоа: мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Со членот 50 од Законот за прекршоците се уредува мандатната постапка со издавање на мандатен платен налог, при што во ставот 1 на овој член се пропишува дека кога службеното лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог, а со член 51 се уредува постапката за издавање на прекршочен платен налог, при што во ставот 1 на овој член се пропишува дека ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, произлегува дека Законот за вршење на земјоделска дејност и Законот за прекршоци меѓусебно се надополнуваат и создаваат една логична правна целина во комплексноста на уредувањето на конкретната правна проблематика, што не е непознат начин на правно уредување на одредена правна проблематика во два или повеќе закони.

Оттука, според Судот, јасна и прецизна е одредбата со која се упатува дека за прекршоците пропишани со Законот за вршење на земјоделска дејност, пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како надлежен и стручен орган на државната управа, води постапка за порамнување согласно одредбите на Законот за прекршоци, поради што не може да се прифати наводот во иницијативата дека ваквата одредба, поради својата недоволна прецизност, го повредувала владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати дека одредбата од член 50-а став 2 во делот:„постапка за порамнување“ од Законот за вршење на земјоделска дејност не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Наводите во иницијативата дека оспорениот член 50-а став 2 од Законот за вршење на земјоделска дејност не бил усогласен со членот 155 од Законот за прекршоците, всушност претставува барање за оценување на меѓусебна согласност на два закони, што според член 110 алинеја 1 од Уставот, не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.64/2017
29 ноември 2017 година
С к о п ј е

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски