У.бр.73/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите и начинот на остварување на основното образование на учениците со пречки во развојот („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1996), во целина и одделно на член 3 став 1 алинеја 5 од означениот правилник.1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за критериумите и начинот на остварување на основното образование на учениците со пречки во развојот („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/1996), во целина и одделно на член 3 став 1 алинеја 5 од означениот правилник.
2. Европски центар за правата на Ромите со седиште во Будимпешта, Република Унгарија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот и неговата одредба означени во точката 1 од ова решение.Во иницијативата најнапред се наведува дека оспорениот правилник датира од јуни 1996 година, дека основ за неговото донесување бил член 27 од Законот за основно образование од 1995 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 63/2004, 82/2004, 55/2005, 81/2005, 113/2005, 35/2006, 70/2006 и 51/2007) и тој правилник бил единствен пропис со кој се уредувале критериумите и начинот на остварување на основното образование на учениците со пречки во развојот. Со донесувањето на новиот Закон за основно образование во 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008, 33/2010, 116/2010, 156/2010, 18/2011, 42/2011, 51/2011, 6/2012, 100/2012, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 135/2014, 10/2015, 98/2015, 145/2015 и 30/2016), во член 51 став 4 било наложено на министерот за образование да ги пропише критериумите и начинот на реализација на основното образование за учениците со посебни образовни потреби, при што во членoт 176 од Законот бил утврден рокот од една година за донесување на нови подзаконски прописи, а во членот 177 било определено дека постоечките прописи остануваат во примена до донесување на нови, но тие законски одредби не биле спроведени до поднесувањето на оваа иницијатива. Со оглед дека оспорениот правилник не бил навремено заменет со нов подзаконски пропис, ниту по истекот на рокот бил отстранет од правниот поредок на Република Македонија туку продолжил да се применува во практиката до денес, подносителот на иницијативата смета дека Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и дека во ваква ситуација е неопходна одлука на Уставниот суд за невалидност на овој подзаконски пропис со цел оневозможување на неговата натамошна примена.
Покрај тоа, во иницијативата се наведува дека терминот „ученици со пречки во развојот“ употребен во Правилникот не е усогласен со терминот „ученици со посебни образовни потреби“ употребен во членовите 6, 10, 39, 49, 58 и 61 од постојниот Закон за основно образование од 2008 година, па таа неусогласеност на Правилникот во целина со наведениот закон претставувала грубо кршење на членот 51 од Уставот.
Во однос на член 3 став 1 алинеја 5 од Правилникот, во иницијативата се наведува дека определувањето „ученици со воспитна запуштеност (асоцијално однесување) и престапничко поведение“ да претставуваат ученици со пречки во развојот, била нејасна и непрецизна одредба која оставала голем простор на дискреција и различни толкувања во нејзината примена и дека во државата не постоело специјализирано тело компетентно за стручно воспоставување на таква дијагноза, па тоа овозможувало надлежните власти и институциите необјективно да го применуваат членот 2 став 1 од Правилникот така што овие ученици ќе ги сегрегираат во посебни паралелки при основно училиште или во посебни училишта, наместо нивна вклученост и целосна интеграција во редовните училишта со сите други ученици и со тоа остварување на две главни цели од новиот Закон за основно образование определени во член 3 ставовите 1 и 2: „хармоничен, интелектуален, емоционален и социјален развој на учениците соодветно со нивните способности“ и во член 3 став 1 алинеја 11: „вклучување и водење грижа за развојот на учениците со посебни образовни потреби“. Поради тоа, член 3 став 1 алинеја 5 од Правилникот не бил во согласност со членовите 9, 44 и 51 од Уставот, член 3 ставовите 1 и 2 од сега важечкиот Закон за основно образование и со член 6 ставовите 1 и 2 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Подносителот на иницијативата предлага поведување и потоа поништување на Правилникот во целина и одделно на член 3 став 1 алинеја 5 од наведениот правилник.3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник е донесен врз основа на членот 27 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1995). Во членот 1 од Правилникот е определено дека со Правилникот се утврдуваат критериумите и начинот на остварување на основното образование на ученици со пречки во развојот. Според член 2, „учениците со пречки во развојот кои не можат да се вклучат во основно образование заедно со други ученици, се вклучуваат во посебни паралелки при основно училиште, односно посебно основно училиште“ (став 1). Во членот 3 од Правилникот се пропишува дека: „ученици со пречки во развојот во смисла на член 2 се: 1) ученици со пречки во физичкиот развој (наглуви, глуви, слабовидни, слепи, со пречки во телесниот развој односно хронично болни), 2) ученици со пречки во психичкиот развој (ученици со лесна и деца со умерена и тешка попреченост), 3) ученици со пречки во говорот, 4) ученици со комбинирани пречки, 5) ученици со воспитна запуштеност (асоцијално однесување) и престапничко поведение.“
Членовите 4-7 од Правилникот се однесуваат на бројот на учениците со пречки во развојот во паралелка и во воспитна група, а во членот 9 од Правилникот се определува денот на влегувањето во сила на Правилникот.
Со членот 7 од Правилникот за бројот на учениците со посебни образовни потреби во паралелка и начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2017 од 26 септември 2017 година) се определува дека: „со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за критериумите и начинот на остварување на основното образование на учениците со пречки во развојот („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/96), а според член 8 од новиот правилник „овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија.“
Покрај тоа, новиот правилник не содржи одредби со кои „ученици со воспитна запуштеност (асоцијално однесување) и престапничко поведение“ се сметаат за ученици со пречки во развојот односно за ученици со посебни образовни потреби.
Од изнесената фактичка состојба произлегува дека оспорениот правилник и одделно оспорениот член 3 став 1 алинеја 5 од тој правилник престанаа да важат со влегувањето во сила на новиот правилник, а тоа е 27 септември 2017 година.
4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот (алинеја 1) и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите (алинеја 2).
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд одлучува за, меѓу другото, согласноста на подзаконските прописи со Уставот и со законите, а од изнесената одредба на Деловникот на Уставниот суд произлегува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за постапување по неа.
Во конкретниот случај, Судот утврди дека оспорениот правилник, како и одделно оспорениот член 3 став 1 алинеја 5 од Правилникот, престанаа да важат наредниот ден од објавувањето на Правилникот за бројот на учениците со посебни образовни потреби во паралелка и начинот и условите за запишувањето на учениците со посебни образовни потреби во основните училишта („Службен весник на Република Македонија“ бр.136/2017 од 26 септември 2017 година), со што почнувајќи од 27 септември 2017 година тој правилник и наведената одредба не се дел од правниот поредок на Република Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување на Уставниот суд по иницијативата, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.73/2017
29 ноември 2017 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски