У.бр.48/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 112 став 1 во деловите „треба“ и „и списите на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 112 став 1 во деловите „треба“ и „и списите на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).
2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на членот 112 во наведените делови од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата наведените делови од оспорениот член биле нови и за прв пат се воведени со новиот Закон за општата управна постапка, но тие биле неодржливи од уставно-правен аспект во правниот поредок на Република Македонија.
Понатаму, подносителот го цитира член 247 став 1 од претходниот Закон за општа управна постапка во кој било предвидено дека решение по жалбата мора да се донесе и да се достави на странката штом е тоа можно, а најдоцна во рок од два месеци сметајќи од денот на предавањето на жалбата, ако со посебен пропис не е определен пократок рок.
Според подносителот претходната законска одредба била многу попрецизна, јасна и императивна, за разлика од оспорените законски делови, кои овозможувале постапката неоправдано да се одолговлекува бидејќи оспорениот дел „треба“, значи може и не мора. Исто така оспорениот дел „и списите по предметот од првостепениот орган на второстепениот орган“ создава законска можност првостепениот орган да не ги достави на време списите на предметот и постапката по жалбата ќе се решавала во недоглед. Ова од причини што оспорените законски делови не се од императивна природа и истите се непрецизни и одредливи. Со тоа, според подносителот не се постигнува начелото на владеење на правото и правната сигурност на човекот и граѓанинот, туку се постигнува само владеење на волјата на првостепениот и второстепениот орган.
Имено, владеењето на правото подразбирало доследна примена на законските прописи, кои треба да се општи точно определиви и недвосмислено формулирани правилно, а не како што е предвидено во оспорените законски делови.
Оттука, според подносителот оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 и 3, член 50 став 2 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 112 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) е предвидена дека:„ Постапката по жалбата на второстепениот орган треба да се заврши без одлагање, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на предавање на жалбата и сите списи на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган“
4.Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од содржината на наводите во иницијативата со која се бара оценување на уставноста на член 112 став 1 во деловите „треба“ и „и списите на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган“ од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), Судот оцени дека наводите во иницијативата во суштина се толкување на оспорената одредба и компарирање со претходен закон кој на поинаков начин ги уредил спорните делови, а не се правни аргументи за причините во што би се состоела неуставноста на оспорените делови од одредбите од Законот.
5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.48/2017

16 ноември 2017 година

С к о п ј е

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ

на Уставниот суд на Република Македонија

Нилола Ивановски