У.бр.156/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за донесување на ДУП за Централно градско подрачје 3 дел – Блок 10 и 16 – Битола, бр. 07-15/26, донесена од Советот на Општина Битола на 4 јули 2012 година („Службен гласник на Општина Битола“ бр.8/2012).

2. АД за угостителство, туризам и трговија МАКЕДОНИЈА од Битола, преку полномошникот Игор Петковски, адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека Деталниот урбанистички план донесен со означената одлука бил во спротивност со Генералниот урбанистички план за Битола со оглед дека (1) пред објектот Дом на културата и Народен театар, ДУП-от не определувал ништо а ГУП-от предвидувал јавен паркинг, (2) вкрстувањето на пешачката улица „Широк сокак“ со улицата „Пеце Матичевски“ (поранешна „Борис Кидриќ“) според ДУП-от било на две нивоа односно се планирало постоење на подземна сообраќајница а во ГУП-от вкрстувањето било на едно ниво и (3) вкрстувањето на улицата „Никола Тесла“ со улицата „Пеце Матичевски“ кај зградата „Грозд“ според ДУП-от било со кружен тек а според ГУП-от било крстосница со четири крака. Наведените промени во Деталниот урбанистички план предизвикувале во иднина да можело да се одземе правото на АД Македонија-Битола да користи дел од КП 11471/1 на која парцела правното лице имало објект во сопственост, а со цел на тој дел да се гради катна гаража.

Таквата неусогласеност на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план била во спротивност со член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, со оглед дека според наведената законска одредба детален урбанистички план како план од пониско ниво морал да биде усогласен со генерален урбанистички план. Поради тоа, Одлуката била незаконита, па подносителот на иницијативата предлага поведување на постапката и потоа поништување или укинување на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека од (1) содржината на иницијативата, во која се наведува дека „Деталниот урбанистички план … е во спротивност со Генералниот урбанистички план за Битола …“, дека „неусогласеноста на Деталниот урбанистички план … со Генералниот урбанистички план Битола се однесува на следните 3 (три) случаи: …“ (страна 1), потоа од (2) „стручното писмено мислење“ од архитектите Томе Ристевски-овластен планер и Виолета Југовска-судски вештак од областа на архитектурата за „неусогласеноста на ДУП-от со одредбите на ГУП Битола“ приложено кон иницијативата (страна 4), како и од (3) предлогот на подносителот на иницијативата да се одржи подготвителна седница на која ќе бидат повикани, покрај другите, „посочените стручни лица ангажирани од страната на подносителот и други стручни работници по наоѓање на Судот за кои ќе оцени дека има потреба“ заради расчистување на фактичката и правната состојба (страна 4), произлегува дека аспектот од кој се проблематизира Деталниот урбанистички план донесен со означената одлука е неговата усогласеност со Генералниот урбанистички план, а не постапката на донесувањето на Одлуката со која е усвоен Деталниот урбанистички план.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето од иницијативата.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на подзаконските прописи со Уставот и со законите, а не и за согласноста на едни подзаконски прописи со други подзаконски прописи. Од изнесената одредба, пак, од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека за барањето од иницијативата кое не е во надлежност на Уставниот суд, Судот ќе одлучи со отфрлање на иницијативата.

Со оглед дека, во конкретниот случај, со иницијативата се бара Судот да одлучува за согласноста на Деталниот урбанистички план, донесен со Одлука од Советот на Општина Битола на 4 јули 2012 година, со Генераниот урбанистички план за Битола, односно за согласноста на еден подзаконски пропис со друг подзаконски пропис, за што Уставниот суд нема овластувања во член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата определени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.156/2016
16 ноември 2017 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски