У.бр.11/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:

– Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, бр.08-4468/1 од 18 октомври 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2016), донесена од Собранието на Република Македонија и

– Решението за распишување на предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија бр.09-4469/1 од 18 октомври 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2016), донесено од претседателот на Собранието на Република Македонија.

2. Тони Ѓуревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 5 од Уставот, кои се однесуваат на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, и тоа: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори. Во иницијативата се наведува дека оспорените акти не биле во согласност и со членот 63 од Уставот, во кој е утврдено дека пратениците во Собранието се избираат за време од четири години, мандатот на пратениците го верифицира Собранието, мандатот почнува да тече од конститутивната седница на Собранието, новоизбраното Собрание се состанува на консултативна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори и конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав (став 1), а доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршување на изборите (став 2).

Во иницијативата се наведува дека откако Државната изборна комисија ги објавила конечните резултати од последните одржани избори врз основа на оспорените акти, а во предвидениот рок од 20 дена од изборите не било окончано конституирањето на Собранието на Република Македонија и не завршила конститутивната седница на Собранието, при што не биле избрани претседател и потпретседател на Собранието, тоа значи дека со оспорените акти се овозможиле избори кои не ја оствариле целта и било оневозможено пренесување на мандатот и сувереноста на граѓаните во Собранието, за да тоа Собрание решава и одлучува во нивно име. Конституирањето на Собранието морало да заврши во рок од 20 дена по одржаните избори, што е уставен рок, во кој требало да се избере и негов претседател кој согласно членот 82 од Уставот, во случај претседателот на Република Македонија да биде спречен да ја врши својата функција, него го заменува претседателот на Собранието на Република Македонија, а конкретно немало услови и поради тоа била загрозена безбедноста на државата.

Оспорените акти не биле во согласност и со одредби од Деловникот на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2008, 119/2010, 130/2010, 138/2010, 23/2013 и 54/2013).

Врз основа на изнесеното со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените акти, а следователно на тоа да ја поништи верификацијата на мандатите од 30.01.2017 година и да им го одземе мандатот на пратениците во Собранието на Република Македонија.

 

3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Република Макекдонија, на седницата одржана на 17 октомври 2016 година ја донело оспорената Одлука за распуштање на Собранието на Република Македонија, со која во членот 1 утврдило дека Собранието на Република Македонија се распушта, а во членот 2, утврдило дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Судот, исто така утврди дека претседателот на Собранието на Република Македонија, на 18 октомври 2016 година го донел оспореното решение, со кое во точката I е утврдено дека се распишуваат предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, во точката II е утврдено дека изборите ќе се одржат на 11 декември 2016 година, во точката III е утврдено дека роковите за извршување на изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавувањето на Решението во „Службен весник на Република Македонија“, во точката IV е утврдено дека Решението ќе го спроведат Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, избирачките одбори и избирачките одбори за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија, а во точката V е определено дека ова решение влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето (алинеја 1), ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување (алинеја 2), и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата (алинеја 3 ).

Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесени иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти, односно Одлуката и Решението кои се и сега предмет на оспорување, веќе се произнел и донел Решение У.број 157/2016 од 21 јуни 2017 година со кое ги отфрлил иницијативите. Ова од причини што оспорената одлука нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена бидејќи не содржи општи норми на однесување и не уредува односи на субјектите во правото на општ начин.Таа според формата и доносителот спаѓа во групата на правни акти со кои се одлучува за конкретна правна ситуација и се исцрпува еднократно и со оваа одлука Собранието на Република Македонија ја реализирало својата уставна можност за распуштање определена во член 63 став 6 од Уставот во форма на правен акт предвиден во член 68 став 2 од Уставот.

Во однос на оспореното решение, Судот се произнел, исто така, дека не содржи општи норми на однесување, односно не уредува воопшто односи на општ начин. Решението според формата и доносителот спаѓа во групата правни акти што имаат поединечен карактер, односно со кои се одлучува за поединечни правни ситуации во кои примената на некој општ пропис се исцрпува еднократно. Оспореното решение и според содржината не уредува правни односи на општ начин. Со оспореното решение не се вршат никакви измени и дополнувања на системот на општи норми кои се однесуваат на изборите,затоа што со него не се утврдуваат ниту условите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, ниту постапката за избор ниту пак, на општ начин се утврдува времето,односно роковите за спроведување на изборите, а неговата функција се исцрпува во тоа тие општи норми што се однесуваат на роковите за изборите да ги примени на еден конкретен случај на избор на пратеници за Собранието на Република Македонија кој ќе се исцрпи со спроведувањето на изборните дејствија.

Имајќи ги во предвид изнесените уставни и деловнички норми, како и фактот што Уставниот суд веќе се произнел за оценување на уставноста и законитоста на оспорените акти со Решение У.број 157/2016 со кое утврдил дека нема надлежност да одлучува за овие акти поради тоа што тие немаат карактер на пропис, Судот утврди дека и во случајов се настапени деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата .

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

 

У.бр.11/20171
16.11.2017 година
С к о п ј е

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски