Делегација на Уставниот суд на Република Македонија во состав од судиите: д-р Трендафил Ивановски, д-р Бајрам Положани, д-р Зоран Сулејманов и Игор Спировски, како и библиотекарот на Уставниот суд г-ѓа Нада Мурадјан, во периодот од 4 јуни до 12 јуни 2005 година беше на студиски престој во Соединетите Американски Држави (САД) во Вашингтон. Планот за спроведување на студискиот престој на судиите на Уставниот суд го спроведе УСАИД Македонија, а програмата за обука беше спроведена од Центарот за меѓународно разбирање во склоп на Блуфилд Државниот колеџ во Вирџинија. Во склоп на програмата на обуката, судиите на Уставниот суд остварија контакти и го посетија Врховниот суд на САД, при што и присуствуваа на седница (сесија) на Врховниот суд и беа запознати со функционирањето на Судот.
При посетата на Конгресната библиотека им беше презентиран фондот на Устави на многу земји како и преглед на електронската база на податоци. Беа остварени средби во Административната канцеларија на судовите на САД, Правниот факултет во Вашингтон, Центарот на Првиот Амандман во Арлингтон при што беше одржана сесија на округла маса на Центарот на Првиот Амандман и Центарот за човекови права, Канцеларијата на Конгресменот Ник Рахал, Канцеларијата на Јавниот обвинител, Сојузниот судски центар и Министерството за правда.
Како дел од програмата беше и посетата на Меморијалниот музеј на Холокаустот во САД, Вашингтон и на музејот Фридом Парк.