Господин Претседател на Република Македонија
Господин Претседател на Собранието на Република Македонија
Господин Претседател на Владата на Република Македонија
Господин Прв Претседател на Република Македонија
Господин Претседател на Врховниот суд на Република Македонија
Господа министри
Колеги и колешки
Дами и господа
Имам особена чест во името на Уставниот суд на Република Македонија да се обратам на оваа Прва меѓународна конференција по повод јубилејот 40 години од функционирањето на Уставниот суд на Република Македонија на тема: »Уставно судска заштита: Реалност и перспективи« која ја организиравме со финансиска поддршка на Европската комисија за демократија преку правото (Венецијанска комисија) на Советот на Европа која е денес претставена од нејзиниот Секретар Г-дин Ѓани Бокикио.
Го изразувам огромното задоволство што денес во Скопје во работата на Конференцијата учествуваат претседатели, потпретседатели или судии на уставни судови од: Република Албанија, Андора, Република Азербејџан, Белгија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Сојузна Република Германија, Република Ерменија, Естонија, Република Литванија, Луксембург, Република Полска, Романија, Руската Федерација, Србија и Црна Гора, Словачката Република,
Република Словенија, Турција, Украина, Унгарија, Франција, Република Хрватска и Чешката Република.
Во работата на Конференцијата учествува официјалниот претставник и националниот судија на Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Г-ѓа Маргарита Цаца Николовска, Претседателот на Европската
конференција на уставни судови и Претседател на Врховниот суд на Кипар Г-дин Христос Артемидес.
Извинувајќи се за објективната спреченост за присаство поради други однапред планирани обврски успех во работата на Конференцијата и желби за соработка со Уставниот суд на Република Македонија писмени пораки испратија
уставните судови на Австрија, Ирска, Латвија, Италија, Португалија и Шпанија, судијата на Врховниот суд на САД Сандра Деј О-Конор и Претседателката на Врховниот суд на Канада Беверли Мек Лаин.
Дами и Господа
Уставното судство во Република Македонија постои 40 години. Првиот Уставен суд, како одделна институција за контрола на уставноста на законите е воведен со Уставот на Државата 1963 година, но поради настанатите состојби од катастрофалниот земјотрес во Скопје во јули 1963 година, фактички почнува да функционира во февруари 1964 година. Со речиси идентична форма оваа институција ја предвидувал и Уставот од 1974 година. Со осамостојувањето на Република Македонија како независна и самостојна држава во ноември 1991 година донесен е Уставот на Република Македонија во кој Уставниот суд и неговите надлежности се предвидени во делот IV.
Како резултат на таквиот развој, Република Македонија има повеќе децениско искуство во развојот на уставното судство што не е случај со поголем број земји од Централна и Источна Европа. Моделот на уставното судство во
Македонија ја следи теоријата и практиката на Келзеновиот модел за уставен суд.
Со Уставот на Република Македонија од 1991 година Уставниот суд се конституира со карактеристики на современото централизирано уставно судство, како камен темелник и носител на една витална уставно – судска надлежност. Тој
е чувар на уставноста и законитоста и има монополско право во извршувањето на оваа исклучително значајна функција во обезбедувањето на принципот на владеење на правото и изградбата на правната држава.
Темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободно изразување на националната припадност;
– владеењето на правото;
– поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемаштвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Гледано низ призмата на односите на различните носители на власта во организацијата на државната власт (законодавна, извршна и судска) Уставниот суд според својата уставна положба не спаѓа во системот на организацијата на државната власт.
Уставниот суд е орган на Републиката кој што ја штити уставноста и законитоста. Во остварувањето на својата уставна улога поаѓа од обезбедување и заштита на единството на хиерархискиот нормативен поредок кој се протега на целата
содржина на Уставот. Спроведувајќи суи генерис заштитна функција на уставниот поредок, преку уставно судската пракса тој има значајно влијание врз обезбедувањето на темелната вредност на уставниот поредок владеењето на правото, уставноста и законитоста, почитување и заштита на човековите права и слободи гарантирани со Уставот.
Во досегашната работа, Судот одлучувал за голем број закони и други прописи при што ги отстранувал правните недостатоци во овие акти или ја потврдувал нивната уставност, односно законитост.
Согласно Деловникот на Уставниот суд секој без да го докажува правниот интерес може да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на закон и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт. Токму затоа, апстрактната контрола на уставноста на законите, односно на уставноста и законитоста на другите прописи и општи акти е предоминантна во работата на Уставниот суд. Преку традиционалната форма на actio popularis, оваа контрола се јавува како прашање од јавен интерес, иако најчесто во овие иницијативи е содржан вистински индивидуален интерес на граѓаните и други субјекти. На тој начин апстрактната контрола претставува средство за остварување индиректна заштита на човековите слободи и права.
Од аспект на лоцус станди, широката можност за ацтио популарис придонесе во најголем број случаи како иницијатори пред Судот да се јават граѓаните. Структурата на предметите покажува дека 2/3 од поднесените иницијативи на годишно ниво од вкупниот број на поднесени иницијативи (годишно 250 – 380) се поднесени од граѓани. Како чести подносители на иницијативи се јавуваат правни лица и други организации и заедници, но не е мал бројот на иницијативи поднесени од Владата и други државни органи, како и од органите на единиците на локалната самоуправа. Досега немало случаи судовите да се јават како иницијатори на уставно – судска контрола (преку претходно прашање за уставноста), а немало случаи Народниот правобранител да поднесе иницијатива за оценка на уставноста во функција на заштитата на човековите права и слободи.
Во неколку случаи Уставниот суд повел постапка за оценување на уставноста и законитоста по сопствена иницијатива.
Речиси во една половина од поднесените иницијативи Судот навлегол во суштината на работата, одлучувал ин меритум. Сепак значителен е бројот на решенијата за отфрлање на поднесените иницијативи и барања поради отсаство на процесни претпоставки за одлучување. Во случаите кога Судот мериторно одлучил актите најчесто биле укинувани, помал дел поништени, донел и решенија со кој Судот оценува дека оспорените акти се во согласност со Уставот односно законите.
Апстрактната уставно – судска контрола покрива широк обем прашања од најразлични области на општествениот живот: сферата на финансиите и јавните давачки на граѓаните, локалната самоуправа, работните односи, здравственото и пензиско и инвалидско осигурување, од образованието, законите и другите акти од областа на одбраната и безбедноста, казненото законодавство, сите видови на процесни закони врз основа на кои постапуваат судовите и др. Во значаен број на одлуки од овие сфери од животот Судот преку своите одлуки придонел кон создавањето и одржувањето на правните претпоставки за остварување на уставната гаранција за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, почитувајќи ја забраната за дискриминација по било која основа.
Одлуките на Уставниот суд се последица на утврдените повреди на Уставот, меѓународните договори ратификувани со закон и законите, поради што тие имаат интервентен карактер, тие се конечни и извршни и се почитуваат и извршуваат.
Во досегашната пракса, сепак проблемите во извршување на одлуките на Судот се исклучок што никако не смее да се потцени.
Уставниот суд на Република Македонија е почитуван за својот професионализам и независноста на одлуките што се илустрира со бројот на укинати одредби од закони, прописи и други општи акти. Можеби и зголемениот број на примени иницијативи во текот на првите пет месеци од оваа година го потврдува овој факт како и најновите истражувања на Американската Правна Асоцијација ABA/CELI во изданието Индекс на судски реформи.
Уставниот суд на Република Македонија исклучиво е зависен од Уставот на Република Македонија од 1991 година и донесените Осумнаесет Амандмани на Уставот, како највисок правен акт во Уставниот поредок на државата. Уставниот суд на Република Макеоднија целосно се вклопува во принципот на владеење на правото. За обезбедување на независноста на Уставниот суд значајно е што Уставот утврдил дека мандатот на судиите трае 9 години без право на повторен избор, што тој мандат не се совпаѓа со мандатот на претставничкиот орган (Собранието), дека функцијата судија е неспоива со членување во политичка партија, дека Уставниот суд сам одлучува кога на судијата и под кои услови утврдени само со Уставот ќе му престане функцијата, и особено што според Уставот двајца судии на Уставниот суд предлага Претседателот на Републиката и двајца судии Републичкиот судски совет. Уставниот суд на Република Македонија според Уставот има 9 судии, се уште не е избран деветиот судија, па Собранието на Република Македонија по предлог на Републичкиот судски совет треба што поскоро да ја заврши својата уставно изборна надлежност и да го избере овој судија. Ова е многу значајно за работата на Уставниот суд во полн капацитет заради обезбедување на поголема ефикасност во неговата работа, што оправдано го очекуваат граѓаните на нашата држава.
Значајна е определбата на Амандманот XV од 2001 година дека тројца судии од вкупно 9, Собранието ги избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кој не се мнозинство во Република Македонија. Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија согласно Деловникот на Судот се избира од редот на уставните судии со 2/3 мнозинство на гласови од вкупниот број на судии предвидени во составот на Судот, со тајно гласање. Мандатот на претседателот трае три години без можност да го повтори мандатот.
Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност. Очигледна е рестриктивната надлежност на Судот во заштитата на човековите права и слободи имајќи ги во вид основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани во делот II од Уставот како граѓанските и политичките така и економско социјалните и културните. Во перспектива Уставниот суд на Република Македонија би можел со амандманска интервенција на Уставот да добие надлежност во поголем обем да штити и некои други од основните слободи и права што се гарантираат со Уставот.
Транспарентноста во работата на Судот се обезбедува со известување на јавноста преку средствата за јавно информирање за работата на Судот, со присаство на учесниците во постапката, другите физички и правни лица и на претставниците на средствата за јавно информирање на седници на Судот и со соопштенија преку средствата за јавно информирање за одлуките на Судот по значајни прашања.
Известувањето на јавноста преку средствата за јавно информирање за работата на Судот се врши континуирано – после секоја седница на Судот, сеопфатно за секоја тема за која е расправано, каква одлука или решение е донесено и кои се причините за одлучувањето.
На WEB страницата на Судот покрај другото редовно се објавува дневниот ред на секоја закажана седница, во делот новости се објавуваат особено активностите и соработката со другите уставни судови. На државните органи, општествени организации и здруженија како и на граѓаните е достапна судската пракса (на македонски и англиски јазик) сите одлуки и решенија од ноември 1991 година до последната одлука и решение од 2004 година на оваа WEB страница се достапни во изворен текст. Оценка е дека на овој начин покрај тоа што одлуките на Уставниот суд на Република Македонија се објавуваат во “Службениот весник”, судската пракса на Уставниот суд и донесените одлуки ќе им помогнат на институциите во нивната работа и на граѓаните во остварувањето на нивните права и обврски. Перспективно гледано заложбите на Уставниот суд на Република Македонија имајќи предвид колку е важна транспарентноста на неговата работа и особено одлуките што ги донесува, ќе се работи на модернизација и зголемување на капацитетот на информатичката технологија во Судот.
Неподелен став на судиите во Уставниот суд на Република Македонија е дека Судот е отворен за соработка со уставните судови на други држави по прашања од интерес за заштитата и унапредувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот и од значење за унапредување на уставно – судската пракса.
По стапувањето на Република Македонија во полноправно членство во Советот на Европа, Судот именува офицер за врски со Поткомисијата за уставно судство при Венецијанската комисија. Воспоставена е соработка, достапна ни е судската пракса на 48 судови кои имаат уставно судска јурисдикција, вклучувајќи го Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Европскиот суд на правдата од Луксембург, а најзначајните одлуки на Уставниот суд на Република Македонија се објавуваат во Билтенот за уставно – судска пракса која го издава на квартална основа оваа Поткомисија.
Уставниот суд од мај 1999 година е полноправен член на Конференцијата на европски уставни судови. Во рамките на оваа Конференција Судот полноправно учествува во расправата по прашања кои се однесуваат на уставното судство и уставната јуриспруденција на европско ниво.
Дами и Господа
Денес имаме добра можност во претпладневната и попладневната пленарна сесија имајќи ги во вид подготвените извештаи и дискусијата по темата на Конференцијата, да размениме искуства, правни мислења и сознанија од уставно –судската пракса и од праксата на Европскиот суд за човекови права. Сметам дека и за Уставниот суд на Република Македонија сите сознанија, искуства, мислења ќе бидат драгоцени за остварувањето на неговите надлежности, за натамошниот развој на уставно – судската мисла и пракса, функционирањето на правната држава и владеењето на правото, со тоа да го дава својот придонес за побрзото приближување на Република Македонија до соверемените европски држави.
3 јуни 2004 година, Скопје