По покана на Претседателот на Европскиот суд за човекови права, Г-динот Вилдхабер, Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Г-ѓа Лилјана Ингилизова-Ристова во придружба на државниот советник за меѓународна соработка и информативно-документациони работи м-р Симеон Петровски, присуствуваше на свечената церемонија по повод официјалното отворање на новата судиска 2004 година на Судот од Стразбур, што се одржа на 22 јануари во Палатата за Човекови Права во Стразбур.
Значајно е да се истакне дека Претседателот на Уставниот суд на Република Македонија имаше получасовна средба со Претседателот на Европскиот суд за Човекови Права, Г-динот Лузиус Вилдхабер, на која беа разменети мислења во врска со претстојната меѓународна конференција што се планира да се одржи кон средината на оваа година во Скопје, а во организација на Уставниот суд на Република Македонија и Европската Комисија за Демократија преку Правото, позната како Венецијанска Комисија, која функционира во рамки на Советот на Европа. На оваа средба се разговараше за можноста Претседателот на Европскиот суд за Човекови Права, Г-динот. Вилдхабер да има свое излагање на претстојната конференција која ќе се одржи по повод 40години од функционирањето на Уставниот суд на Република Македонија. На оваа средба присуствуваше и националниот судија на Република Македонија во Европскиот суд за Човекови права, Г-ѓа Маргарита Цаца-Николовска која со својот ангажман придонесе за успешната реализација на контактите во Европскиот суд за Човекови Права. На оваа средба исто така присуствуваше и Амбасадорот при Постојаната Мисија на Република Македонија во Советот на Европа д-р. Звонимир Јанкуловски, кој со својот ангажман ја заокружи успешноста на посетата на Стразбур.
На 23 јануари беше остварена и средба со претставникот на Европската Комисија за Демократија преку Правото на Советот на Европа, Г-динот Дур, а со цел поконкретно да се разменат мислења во врска со Конференцијата.
Посетата на Европскиот суд за Човекови Права беше искористена да се направат низа билатерални средби и контакти со Претседатели и судии на повеќе Уставни судови од Европа. Во рамки на програмата беше организиран информативен семинар во врска со предлог решенијата за дополнување на Европската Конвенција за заштита на фундаменталните слободи и права на човекот, а кои ќе се однесуваат на работата и организацијата на Европскиот суд за Човекови права. Исто така, беа остварени низа разговори со официјални лица од Европскиот суд за Човекови права во врска со организацијата на библиотеката и најновите информациско-технолошки достигнувања применети во работата на Судот од Стразбур, а со цел разгледување на можностите за нивна примена во работата на Уставниот суд на Македонија.