С О О П Ш Т Е Н И Е
до јавноста
Во врска со актуелните настани околу првата поведена постапка за лустрирање, Уставниот суд воочува дека лустрацијата на еден уставен судија се користи за напад врз Уставниот суд како институција која што ја штити уставноста и законитоста. Имено, Премиерот на јавноста и изнесува оценка дека Уставниот суд нема кредибилитет во работењето, дека веќе донесените одлуки немаат легитимитет со оглед на тоа што еден од судиите бил соработник на тајните служби, дека поради тоа Уставниот суд урна цела палета на реформски закони под влијание на Бранко Црвенковски од кој и бил предложен судијата, со што демократската власт ја разоткрила недемократската шема.
Уставниот суд констатира дека ваквиот атак е врв на континуираните напади врз Уставниот суд, поради што Судот укажува дека Премиерот излегол надвор од своите уставни надлежности бидејќи нема право да го цени легитимитетот на одлуките на Уставниот суд, туку само да обезбеди нивно извршување. Судот предупредува дека ваквото негово постапување укажува на темелно непознавање или на целесно непочитување на уставниот поредок до степен
на подривање.
Искористувањето на еден случај кој е во постапка и треба дополнително да добие законски епилог, за стигматизација на колективно тело, потсетува на настани од минатото што на едно демократско општество не смее да му се повторат.
Во однос на постапката за лустрација, Уставниот суд инсистира да се овозможи истата да се води единствено преку правна процедура и со почитување на човековите слободи и права.
Во однос на нападите врз Судот, Уставниот суд уште еднаш потенцира дека Уставниот суд не е политичко тело за ефемерно да добива или губи легитимитет од политичката, особено не од извршната власт, туку тој него го црпи од самиот Устав како многу потраен системски стандард. Во таа смисла, Уставниот суд е највисокиот чувар и гарант на константноста и стандардноста во континуираната примена на тие востановени принципи и права наспроти секоја власт. Од друга страна, секоја извршна власт има обврска при креирањето на своите политики доследно да ги почитува и применува уставните принципи. Затоа, непримерните напади врз Судот, во суштина се атак врз уставниот поредок на Република Македонија, а особено на темелната вредност за поделбата на државната власт.
Покрај сите предизвици, задачата на Уставниот суд останува и тој продолжува да работи совесно и непристрасно, во рамките на неговите уставни надлежности, во функција на заштитата на уставноста и законитоста во Република
Македонија.
Уставен суд на Република Македонија