СООПШТЕНИЕ

Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница не поведе постапка за оценување на уставноста на целината на Законот употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија (“Службен весник на Република Маке­донија” бр. 58/2005), целината на членовите 4, 5, 6 и 8, како и за посебно оспорените членови од Законот.

Имено, Судот оцени дека оспорениот закон има своја уставна основа во Амандманот VIII на Уставот, односно припадниците на зедниците кои не се мнозинство во Република Македонија имаат уставно утврдено право заради изразување, негување и развој на својот идентитет и особеностите на своите заедници да ги употребуваат симболите на својата заедница.

Според Судот изборот на знаме на друга држава како знаме кое ќе служи за симболизирање на идентитет и особености на одредена група на припадници на заедници кои не се мнозинство во Република Македонија не би можел да го загрози суверенитетот и државниот интегритет на Република Македонија се до тогаш до кога така избраното знаме во неговата употреба ќе значи само изразување припадност на одредена заедница во функција на Амандманот VIII на Уставот.

Во однос на оние одредби од Законот (делови од член 4, член 5, член 6 и член 8) кои ја уредуваат постојаната и повремената употреба на знамето на припадниците на заедниците заедно со знамето на Република Македонија пред одредени објекти како на пример: државните органи, јав­ните служби, правните лица основани од државата и други инфраструктурни објекти, потоа по однос на употребата на знамето при меѓународни и политички средби, при пречек и испраќање на претседателот на Република Македонија, претседателот на Собранието на Република Македонија и претседателот и членови на Владата на Република Македонија и при официјално доаѓање на претседател или премиер на странска држава, како и на суверен или висок преставник на меѓуна­родна заедница, како и по однос на делови од одредбите според кои право на употреба на знамето имаат само припадниците на заедницата кои се мнозинство во единицата на локална самоуправа Уставниот суд изрази сомневање и поведе постапка за оценување на нивната согласност со Устaвот.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут ЈУСУФИ