У.бр.169/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, 14 став 1 и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 ноември 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната („Службен весник на Република Македонија” број 199/2014) и член 39 став 3 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 42/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Христијан Георгиевски, адвокат од Куманово и по сопствена иницијатива на Уставниот суд во однос на член 39 став 3 од Кривичниот законик, со Решение У.бр.169/2016 од 27 септември 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, како и на членот од Кривичниот законик.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека оспорениот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната е систематизиран во VI глави, со вкупно 24 члена, а составен дел на оспорениот закон се и пет прилози.

Со глава I. Основни одредби (членови 1, 2 и 3) од оспорениот закон, е дефиниран предметот на уредување на Законот, целта што треба да се постигне и начелата врз кои тој се заснова.

Имено, со Законот се уредува одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика (член 1).

Целта на Законот е воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија преку пропишување објективни критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната (член 2).

Со член 3 на оспорениот закон, е определено дека Законот се заснова на начелата на:

-законитост,
-индивидуализација на казната,
-пропорционалност на казната со стореното кривично дело,
-ефикасност,
-воедначување на казнената политика и
-транспарентност.

Главата II од оспорениот закон (членови 4 до 8), е посветена на Комисијата за воедначување на казнената политика која се основа како независно и советодавно тело кое се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Со членот 5 од оспорениот закон, се уредени составот, мандатот и основите за престанок на функцијата член на комисијата. Имено, таа е составена од седум члена кои ги избира Собранието на Република Македонија, со мандат од четири години, со право на повторен избор.

Со членот 6 од оспорениот закон, се пропишани надлежностите на Комисијата, а со членот 7 изворите на средства за работата на Комисијата и правото на паричен надоместок на членовите на Комисијата.

Според членот 6 од оспорениот закон, Комисијата ги има следниве надлежности:

-ја следи и анализира казнената политика на судовите во Република Македонија, во смисла на целите на казнувањето (т.е. утврдената казна, запретената казна, способноста за вина, превенцијата и рехабилитацијата, како и пресудите донесени врз основа на спогодба меѓу јавниот обвинител и обвинетиот);

-предлага мерки за обезбедување на сигурност и правичност во исполнувањето на целите на казнувањето, заради избегнување на неоправдан диспаритет меѓу сторителите на кривични дела со слични карактеристики осудени за исти или слични кривични дела (според објективната категоризација на кривични дела согласно овој закон), со почитување на диспозицијата на судот при оцената на отежнувачките и олеснувачките околности;

-доставува предлози до Министерството за правда на Република Македонија за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на овој закон;

-доставува годишен извештај до Собранието на Република Македонија;

-до Министерството за правда доставува шестмесечни извештаи за прашањата од нејзина надлежност, за што Министерството ја известува Владата на Република Македонија и

-доставува известувања до Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, до Врховниот суд на Република Македонија и Јавниот обвинител на Република Македонија за примената на овој закон по судови и дава предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика.

Членот 8 од оспорениот закон, се однесува на актите кои ги донесува Комисијата, односно Статутот и Програмата.

Главата III (членови 9 до 19) од оспорениот закон се однесува на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на кривичните санкции, а како објективни критериуми за таа цел со членот 9 од оспорениот закон се определени:

-објективната категоризација на кривичното дело и
-поранешниот живот на сторителот на кривичното дело.

Со членот 10 од оспорениот закон, кривичните дела пропишани во Кривичниот законик и во други материјални закони се категоризираат во 55 хоризонтални категории согласно видот и висината на кривичната санкција.
Со членот 11 од оспорениот закон се пропишани критериумите за поранешниот живот на сторителот на кривичното дело врз основа на вертикални категории.

Членот 12 од оспорениот закон определува што содржи Прилогот 1 кој е составен дел на Законот и на кој начин се определени тие содржини во секој хоризонтален ред од Прилогот 1 како што се податоците за минималните и максималните граници на казни кои би можеле да му бидат изречени на сторителот на кривичното дело (во месеци), односно дека тие се определени согласно категоризираните кривични дела кои законодавецот ги уредил со членот 10 од оспорениот закон и критериумите за поранешниот живот на сторителот на кривичното дело определени во членот 11 од оспорениот закон.

Членот 13 од оспорениот закон уредува на кој начин се засметуваат отежнувачките и олеснувачките околности, односно дека тоа се врши со додавање односно одземање на поени, при што почетна основа претставува средната вредност на утврдената висина на казната во секоја вертикална категорија согласно табелата содржана во Прилогот број 1.

Со членот 14 од оспорениот закон се дефинирани отежнувачките и олеснувачките околности кои влијаат на висината на казната, групирани во девет категории.

Листата на олеснувачки и отежнувачки околности во која е извршено поединечно бодување на секоја околност е дадена во табелата содржана во Прилогот број 2 кој е составен дел на овој закон.

Во членот 15 од оспорениот закон се пропишува дека при засметувањето на отежнувачките и олеснувачките околности, како и при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, судиите ги користат работните листови кои се составен дел од списите на предметот и се дадени во Прилогот број 3, Прилогот број 4 и Прилогот број 5 кои се составен дел на овој закон.

Во членот 16 е пропишано дека доколку судот утврди казна затвор во траење до 24 месеци, а при евалуацијата во значителен обем преовладуваат олеснувачки околности, при што разликата е најмалку 5 поени во корист на олеснувачките околности, може вака утврдената казна затвор да ја услови или да примени некоја од другите алтернативни мерки предвидени во членот 48-а од Кривичниот законик, ако оцени дека и со изречената условна осуда или друга алтернативна мерка ќе се постигнат целите на казнувањето во смисла на специјалната и генералната превенција.

Со членовите 17, 18 и 19 од оспорениот закон е уредена материјата за одмерување на парична казна на правни лица.

Во IV глава (член 20) и во V глава (член 21) од оспорениот закон е уредена материјата за договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето и признанието на вина во текот на главната расправа.

Имено според член 20 од оспорениот закон, при договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка и во скратената постапка до поднесување на обвинителниот предлог, не може да биде договорена казна помала од 50% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 1). При договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во фазата на оцена на обвинителниот акт, не може да биде договорена казна помала од 60% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 2).

Според член 21 од оспорениот закон, во текот на главната расправа, по одржувањето на воведните говори на странките, ако обвинетиот ја признае вината судот не може да му изрече на обвинетиот казна помала од 70% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка.

Во VI глава (членови 22, 23 и 24) од оспорениот закон, се дефинирани преодните и завршните одредби.

Со овие одредби од оспорениот закон се определува дека, Комисијата ќе се формира во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на овој закон, дека со отпочнувањето со примената на овој закон престанува да важи Правилникот за начинот на одмерување на казните („Службен весник на Република Македонија“ брoj 64/2014) и дека Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува по истекот на шест месеци од денот на влегувањето во сила.

Составен дел на оспорениот закон се и пет прилози.

Судот, исто така утврди дека според член 39 став 3 од Кривичниот законик, одмерувањето на казната судот го врши согласно одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2). Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).

Според член 101 од Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Во функција на операционализација на уставниот амандман за самостојност и независност на судовите при вршењето на судската власт, во Законот за судовите, а и во Законот за кривичната постапка е утврдено начелото на слободна оценка на доказите, согласно кое начело судиите во судските постапки постапуваат и одлучуваат врз основа на своето слободно судиско уверување.

Конкретно, според член 10 став 1 алинеја 12 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010), постапката пред судот се уредува со закон и се заснова, помеѓу другите и врз основа на начелото на слободна оцена на доказите.

Според член 11 став 1 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите.

Членот 16 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010) е исто така посветен на начелото на слободна оцена на доказите.

Според ставот 1 на членот 16 од Законот за кривичната постапка, правото на судот и на државните органи што учествуваат во кривичната постапка да го оценуваат постоењето или непостоењето на фактите не е врзано ниту ограничено со посебни формални доказни правила, а според ставот 2 на членот од Законот, судот и другите државни органи се должни јасно да ги образложат причините за одлуката која ја донеле.

Начелото на слободна оценка на доказите произлегува од теоријата на слободна оценка на доказите според која фактите што треба да послужат како материјална основа за одлуката, судијата ги подложува на логичка и психолошка анализа и во зависност од субјективниот впечаток кој притоа го добива, врз основа на анализа на секој доказ посебно и во корелација со другите докази, судијата оценува и заклучува на кои докази ќе им поклони верба, а на кои не, односно судијата слободно и самостојно цени и одлучува кои докази ќе ги земе како релевантни заради утврдување на фактичката состојба.

Наспроти теоријата на слободна оценка на доказите е теоријата на легалната односно формалната теорија на доказите, според која оценувањето на сите докази се врши според правила кои однапред се пропишани со закон, односно во законот е пропишано кои докази треба да стојат за еден факт да се смета за утврден, односно за вистинит, што значи дека доказните средства што се користат за утврдување на фактите, однапред се одредени во законот, а одредена е и доказната вредност на секој одделен доказ.

Според теоријата на слободна оценка на доказите, прифатена во нашиот законодавно-правен систем, законот не бара од судиите да полагаат сметка за начинот врз основа на кој тие го создале своето уверување, ниту пак им пропишува правила според кои треба да ја одредуваат потполноста и доволноста на еден доказ. Суштината на слободната оценка на доказите се состои во правото на судот да го оценува (не)постоењето на фактите според сопственото убедување и ваквата нивна оценка не е врзана ниту ограничена со посебни формални доказни правила.

Имајќи предвид дека законодавецот со Кривичниот законик за секое казнено дело го определил видот на казната и нејзините рамки, како вредносна линија, односно ориентација по која треба да се движи судот во изборот на казната, произлегува дека, во нашето кривично законодавство е прифатен системот на релативно определени казни кој се состои од комбинација на законско определување на казната (за секое казнено дело Законикот го определил видот на казната и рамките на казната) и судско определување на казната во законски определените рамки.

Оттука, судското определување на казната, значи оставање на простор (слобода), судот самостојно да изврши избор и одмерување на казна во законски утврдените рамки за секое казнено дело.

Бидејќи законодавецот, пропишувајќи ги казните за секое казнено дело, го определил и просторот за слободно оценување на судот во конкретизирањето на законски определената казна, неспорно произлегува дека начелото на слободно судиско уверување како процесно начело врз основа на кое се раководи судијата во фазата на утврдување на вина кај обвинетиот, наоѓа своја примена и во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната за стореното кривично дело.

Меѓутоа, со измените и дополнувањата на Кривичниот законик во 2014 година („Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), концептот на судско одмерување на казната, е напуштен така што одмерувањето на казната судот го врши не по своето слободно судиско уверување, туку според посебни правила пропишани со оспорениот закон, поточно, одредувањето на видот и одмерувањето на висината на кривичните санкции, судот е законски обврзан да го врши според работни критериуми кои се утврдени во хоризонтални редови и по вертикала на Прилогот 1 од оспорениот закон.

Во хоризонталните редови се определени минималните и максималните граници на казни кои би можеле да му бидат изречени на сторителот на кривичното дело во месеци, а по вертикала од табеларниот приказ во Прилогот 1, е утврдена средната вредност на висината на казната во месеци, од која судот започнува да ги засметува олеснувачките и отежнувачките околности врз основа на што ќе ја индивидуализира висината на казната за конкретен сторител.

Прилогот 2 кој е составен дел на овој закон, претставува листа на олеснувачки и отежнувачки околности во која е извршено поединечно бодување на секоја околност, а судијата нивното засметување треба да го врши со додавање односно одземање на фиксно утврдени поени, при што почетна основа претставува средната вредност на утврдената висина на казната во секоја вертикална категорија согласно табелата содржана во Прилогот број 1.

При засметувањето на отежнувачките и олеснувачките околности, во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, судиите ги користат и останатите работни листови (Прилог број 3, Прилог број 4 и Прилог број 5) кои се составен дел на овој закон.

Исто така, со оспорениот закон се утврдени и правила според кои може да се договори видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, како и висина на казна која може да биде изречена во случај обвинетиот да ја признае вината во текот на главната расправа (членови 20 и 21).

Оспорениот закон и прилозите кои се негов составен дел, упатуваат на обврска за судот при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната и при договарањето за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, стриктно да ги примени утврдените критериуми и квантификации на секоја одделна релевантна околност.

Тоа значи дека судското определување на казната, кое значи простор (слобода), судот самостојно да изврши избор и одмерување на казна во законски утврдените рамки во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната за стореното кривично дело, се елиминира, а се востановува законско определување на казната, според правила и критериуми задолжителни за судот.

Според Судот, ваквиот концепт на оспорениот закон, доведува до формализирање на принципот на слободно судиско уверување, како принцип преку кој непосредно се изразува уставната определба за независност и самостојност на судовите, бидејќи на судот му се дава однапред дефиниран систем на утврдени и вреднувани критериуми за сторителот на кривичното дело, според кои судијата ќе треба да ја одмери и индивидуализира казната.

Според ставот на Уставниот суд, ваквата состојба не дава можност, судот самостојно да го одреди видот и да ја одмери висината на казната во утврдените рамки, бидејќи со однапред утврдените правила за таа цел, делувањето на судијата се сведува на проста математичка операција на бодирање и пресметување бодовни разлики (преку собирање или одземање на бодовите) помеѓу олеснувачките и отежнувачките околности, за кои пак со оспорениот закон се утврдени фиксни вредносни бодови.

Фиксно утврдени бодови со кои се вреднуваат олеснувачките и отежнувачките околности и наметнатата математичка операција, според Судот, не гарантираат објективна индивидуализација на казната на сторителите на кривични дела, и не е во духот на начелото на индивидуализација на казната, чија суштина е да се приспособи видот и висината на казната на личноста на сторителот.

Евидентен пример за тоа е олеснувачката околност „ментална или телесна попреченост” од Прилогот 2, која со оспорениот закон е вреднувана фиксно со 10 бода, а која околност, може да биде од различен степен: лесна, средно тешка, особено тешка итн., така што фиксно утврдената вредност на одредена околност, не може да биде основа за објективна индивидуализација на казната, со што се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните дека со изречените казни ќе бидат постигнати сите цели на казнувањето и остварување на објективна правда.

За забележување е и фактот што при одредувањето на околностите со значење на олеснувачки околности за одмерувањето на казната, изразени во Прилогот 2 на оспорениот закон, не се водело сметка на околностите што се конститутивни елементи на казнетото дело (крајна нужда, казнив обид) или на вината (небрежност), имајќи предвид дека основните елементи на делото (дејствие, остварување на законско битие, противправност, вина, казнивост) имаат конститутивно значење во одредувањето дали станува збор за казнено дело или не, а не значење на околности (олеснувачки или отежнувачки) за одмерување на казната.

Според Судот, ваквиот концепт на Законот кој се оспорува, имплицира повреда на Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, бидејќи го обврзува судот во изборот и изрекување на казната да се раководи, не по своето слободно судиско уверување, односно судско одмерување на казната, туку врз основа на однапред дефиниран систем на утврдени и вреднувани параметри со оспорениот закон, со што се ограничува уставната определба за независност и самостојност на судовите кои постапуваат по кривични предмети.

Понатаму, со оспорениот закон (членови 4 до 8) е основана Комисија за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија. Ако се имаат во предвид определените надлежности на Комисијата со оспорениот закон, според кои Комисијата се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање на критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната, произлегува дека со оспорениот закон на Комисијата и се определени надлежности кои значат влијание врз работата на судовите. Ваквото востановување на надлежност на Комисијата, да влијае во процесот на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, според Судот, значи мешање на законодавната власт во судската власт, што е спротивно на уставно загарантираното начело за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што уставотворецот со Уставот (член 101) утврдил надлежност на Врховниот суд како највисок суд во Републиката да го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Со оспорениот закон, исто така, се уредени и правила кои треба да овозможат воедначување на казните кои се изрекуваат во рамките на спогодувањето меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка, скратената постапка, во фазата на оцена на обвинителниот акт, како и во случај на признание на вината од страна на обвинетиот во текот на главната расправа. Според Судот и во однос на ова прашање, оспорениот закон не наоѓа уставна оправданост, поради следното:

Во рамките на судските овластувања за одмерување на казната, а во функција на индивидуализација на казната, со Кривичниот законик е уреден институтот ублажување на казната и случаите (член 40) во кои може судот да ја ублажи казната или да примени поблаг вид на казна, а со Законикот се пропишани и границите за ублажување на казната (член 41).

Институтот ублажување на казната во рамките предвидени во членот 41 од Кривичниот законик, судот може да го примени кога изрекува казна по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка, а исто така судот може да изрече поблага казна во границите на ублажување на казната од член 41 од овој законик и кога согласно со законски пропишаната постапка за спогодување меѓу јавниот обвинител и осомничениот е постигната спогодба за применување на поблага санкција од санкцијата пропишана за кривичното дело со закон.

При ова со член 483 став 1 (со поднаслов „Поднесување на предлог-спогодбата”) од Законот за кривичната постапка, се уредува дека: „до поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик”, а според членот 490 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако судијата на претходна постапка ја прифати предлог-спогодбата изрекува пресуда со која не смее да изрече кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата.

Од погоре наведените законски одредби, произлегува дека во рамките на спогодувањето меѓу јавниот обвинител и осомничениот и кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа, одредувањето на поблага казна се врши според правилата за ублажување на казната определени со членот 41 од Кривичниот законик, односно според посебниот минимум на казната пропишана за казненото дело.

Меѓутоа законодавецот за истата правна ситуација (договарање на казна во случај на спогодување и признанието на вина во текот на главната расправа) со членовите 20 и 21 од оспорениот закон, уредил поинаков начин на ублажување на казната за погоре наведените случаи, со цел да се постигне воедначување на казните кои се договарале и изрекувале во рамките на спогодувањето и признанието на вина во текот на главната расправа.

Имено, според членот 20 од оспорениот закон, при договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка и во скратената постапка до поднесување на обвинителниот предлог, не може да биде договорена казна помала од 50% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 1). При договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во фазата на оцена на обвинителниот акт, не може да биде договорена казна помала од 60% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 2).

Според член 21 од оспорениот закон, во текот на главната расправа, по одржувањето на воведните говори на странките, ако обвинетиот ја признае вината судот не може да му изрече на обвинетиот казна помала од 70% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка.

Од содржината на погоре цитираните одредби од оспорениот закон, произлегува дека ублажувањето на казната не се врши според посебниот минимум на казната пропишана за казненото дело како што е уредено со Кривичниот законик, туку според казната што би била изречена во редовна судска постапка со примена на одредбите на оспорениот закон, па на таквата можна казна, се утврдува границата до каде може да се движи ублажувањето (не помалку од 50%, односно 60% во рамките на спогодувањето, односно не помала од 70% кај признание на вина во текот на главната расправа).

Наведеното води кон заклучок дека за исти правни прашања (одредување на казна во рамките на спогодувањето и кај признанието на вина во текот на главната расправа) со Кривичниот законик и со оспорениот закон, се уредени различни правила за примена на институтот ублажување на казната, односно правилата од оспорениот закон отстапуваат од правилата содржани во Кривичниот законик. Меѓутоа, предмет на оцена пред Уставниот суд не може да биде меѓусебна согласност на оспорениот закон и Кривичниот законик во деловите со кои се пропишани правилата за одредување на казна во рамките на спогодувањето и кај признанието на вина во текот на главната расправа, туку дали конкретен закон е во согласност со одредбите на Уставот или не.

Во конкретниот случај од содржината на членот 20 и 21 од оспорениот закон, произлегува определување на лимит до каде може да се ублажи казната која се договара (не помала од 50%, 60% односно 70%), при што како горна граница е утврдена казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка. Меѓутоа, останува отворено прашањето, со оцена на кои околности, ќе се дојде до одреден квантум на бодови, а преку нив и до казната, ако тие околности врз основа на докази треба да се утврдат во редовната судска постапка, односно на главната расправа.

Според Судот, законски решенија кои се темелат на претпоставена казна (казната што би била изречена во редовна судска постапка со примена на одредбите на оспорениот закон), овозможуваат произволност и арбитрарност во определувањето на казната како горна граница, од која пак може да се договара поблага казна не помала од 50%, 60%, односно 70% од определената казна, од кои причини овие воспоставени правила за ублажување на казната кога се применува институтот спогодување меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и кај признанието на вина во текот на главната расправа, според Судот имплицираат повреда на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, за правилно и објективно индивидуализирана казна за наведените случаи.

Во образложението на Предлог-законот за оправданоста на законските решенија содржани во оспорениот закон, се наведува дека овие законски решенија се воведени како гаранција дека во текот на преговорањето за вина јавниот обвинител како алтернатива на судската постапка, нема да може да понуди казна под определените граници за ублажување на казната со примена на одредбите на Кривичниот законик за поблаги казни (членови 40 и 41), ниту би можел да предложи изрекување на условна осуда за дело за кое таа по Кривичниот законик не може да се изрече, односно дека оспорените правила биле во функција на намалување на волунтаризмот, непринципиелното и тенденциозно пресудување, па дури и можноста за коруптивно однесување на учесниците во кривичната постапка.

Во врска со ваквото образложение, прифатлива е интенцијата на законодавецот за пропишување на правила, со цел да се спречи можно договарање на казна под границите до каде може да се ублажи казната со примена на одредбите од Кривичниот законик, односно за да се спречи можност за злоупотреба на институтот спогодување во корист на обвинетиот. Меѓутоа, треба да се има во предвид дека можната злоупотреба на институтот спогодување, може да биде и на штета на обвинетиот, кој заради страв да не ја докаже својата невиност или поради други притисоци или уцени, може да биде ставен во положба, прелиминарно да признае вина и да прифати било каква казна, што пак не е само на негова штета, туку и на штета на севкупната правда.

Поради наведеното Судот смета дека востановување на правила кои оставаат простор за арбитрарност и произволност при одредувањето на казната, а притоа излегуваат од рамките на материјалните закони кои ја регулираат оваа област, не ја обезбедуваат правната сигурност на граѓанинот, дека во својство на обвинет и прифаќање на институтот спогодување, правилно, непристрасно и објективно, ќе му биде понудена, договорена и изречена справедлива казна.

При формирањето на правното мислење во однос на уставната издржаност на ваквото легислативно решение, Судот го имаше во предвид и мислењето од предлагачот на оспорениот закон, дека ваквиот концепт на правила за определување на видот и одмерување на висината на казната, овозможувал предвидливост и одредливост на казните кои можеле да се изречат за сторените кривични дела, се исклучувала арбитрарноста на судот во процесот на изрекување на казните, како и се исклучувал волунтаризмот, повластувањето, субјективизмот и протекционизмот при одлучувањето на судот. Меѓутоа, имајќи предвид дека уставна обврска на судовите е да судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, значи дека слободното судиско уверување не подразбира апсолутна дискреција и самоволие во одлучувањето и не може да се сфати како основа за волунтаризам и импровизации од било каков вид, бидејќи како гаранција од самоволието на судот, е неговата должност да ги образложи причините од кои се раководел при одлучувањето (член 16 од Законот за кривичната постапка, посветен на начелото на слободна оцена на доказите), што значи дека одлуката на судот подлежи на контрола од страна на повисокиот суд во постапката по правни лекови.

Имајќи го предвид сето погоре наведено, Судот оцени дека содржаните правила и критериуми во оспорениот закон, задолжителни за судот при одредување на видот и одмерување на висината на казната, кои се под контрола на Комисија за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија, не се во согласност со уставната определба за самостојноста и независноста на судовите, принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Исто така, со оспорениот закон се воспоставува дерогирање на уставна одредба, имајќи предвид дека Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд во Републиката, според Уставот е надлежен да го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите (што значи и на кривичните судови), што е уште една причина за уставната неиздржаност на оспорениот закон.

Што се однесува до целта, која законодавецот сакал да ја постигне со донесувањето на оспорениот закон, а тоа е обезбедување на воедначена казнена политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија, како цел сама по себе, не може да се оцени како спротивна на Уставот, меѓутоа оспорениот закон како инструмент за постигнување на таа цел, според Судот, не ја издржува уставната оправданост од аспект на неговата принципиелна согласност со воспоставените темелни вредности на уставниот поредок, уставната определба за независност на судовите и основните правни начела врз кои се темели современото казнено законодавство.

Во рамките на одлучувањето за уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, Судот по сопствена иницијатива, врз основа на член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, оцени дека и член 39 став 3 од Кривичниот законик, не е во согласност со одредбите на Уставот, имајќи предвид дека овој член директно упатува на обврска на судот одмерувањето на казната да го врши согласно одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорениот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната и член 39 став 3 од Кривичниот законик, не се во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија и член 101 од Уставот на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.169/2016
16 ноември 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски