У.бр.69/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Арбен Адеми од с. Здуње, Гостивар, Шезо Зенку од Гостивар, Екрем Исмаили од Гостивар, Салију Медија Мевлуде од с.Чајле, Гостивар, Саџиде Биљали од с.Чегране, Гостивар, Шпенд Бајрами од с.Србиново, Гостивар и Џумази Амити од с. Дебреше, Гостивар, сите застапувани од адвокат Седат Зулбеари од Гостивар, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесува на заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, повредени со решенија за разрешување од функцијата директор на средно, односно основно училиште во Општина Гостивар, донесени од градоначалникот на Општина Гостивар и пресуди на Основниот суд Гостивар, РО.бр.121/2013 од 27.05.2014 година и на Апелациониот суд Гостивар, РОЖ.бр.457/14 од 12.05.2015 година.

По однос на лицето Јамин Ука од с. Беловиште, Гостивар, се констатира дека истиот повеќе нема статус на подносител на барање за заштита на слободите и правата од точка 1 на ова решение, затоа што Судот, од страна на адвокатот е известен дека именуваниот починал.

2. Подносителите на барањето биле директори на основни и средни училишта во Општина Гостивар. Истите биле активни членови на политичката партија Национална демократска преродба (НДП), за што се приложени копии од членските карти на подносителите, кои својата политичка активност јавно ја изразиле во текот на локалните избори 2013 година и предвремените парламентарни избори во 2014 година, преку присуство на сите предизборни собири на политичката партија.

По промената на локалната власт, истите веднаш биле разрешени од функциите од страна на новоизбраниот градоначалник на Општина Гостивар, Невзат Бејта, кој бил припадник на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ). Според подносителите на барањето, причина за разрешувањето била нивната припадност на политичката партија НДП.

Новоизбраниот градоначалник на ден 15.04.2013 година, на првиот ден од стапувањето на функцијата, во својот говор кон жителите на Општината, навел:„Образованието, драги граѓани се уништи. Учениците, родителите и професорите ќе го заземат своето место и училиштата ќе се деполитизираат. Нема место за политика во училиштата, затоа што тука учениците се здобиваат со знаење, а иднината на граѓаните на Гостивар, нашата иднина, зависи од нашите деца, затоа ќе му посветам особено значење.“ Говорот на градоначалникот бил објавен на веб-страната на Општина Гостивар.

Само два дена по одржаниот говор, донесени биле решенија за разрешување на сите подносители на барањето во една недела, а за некои дури во ист ден, што укажувало на решителноста на градоначалникот да се разрешат сите директори поставени од претходниот градоначалник, земајќи ја предвид различната политичка припадност и уверување на сите подносители. Дел од директорите пред донесувањето на спорните решенија биле повикани на разговор со секретарот на Општината кој им се заканил дека ако не поднесат оставки, ќе бидат соочени со разноразни инспекциски надзори и дека било во нивна корист што побрзо да дадат оставки на функциите.

Подносителите на барањето, за разрешувањето врз основа на политичка припадност, реагирале преку медимите, изразувајќи го својот револт поради нееднаквиот третман, на што градоначалникот, преку прес конференција одговорил дека ваквото постапување било за заштита на учениците и родителите и дека и претходниот градоначалник постапил на истиот начин по промената на локалната власт на претходните локални избори.

Нееднаквиот третман кон подносителите на барањето се докажувал и со фактот дека од страна на градоначалникот биле разрешени сите директори кои биле членови на НДП, освен еден кој не бил член на наведената политичка партија.

Поради дејствијата на дискриминација, подносителите на барањето повеле судска постапка за утврдување на дискриминација по основ на политичка припадност, која била правосилно завршена и во која не било утврдено дека била извршена дискриминација кон подносителите на барањето.

Понатаму, во барањето поблиску се појаснува процесот на разрешување од функцијата на подносителите на барањето, и тоа:

1) Адеми Арбен со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1021/7-09 од 21.04.2010 година бил именуван на функцијата директор на средно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-585/1 од 17.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-67 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-585/10 од 16.08.2013 година.

Од страна на Државниот просветен инспекторат по претставка на именуваниот извршена била вонредна контрола и била утврдена повреда на законските прописи на штета на директорот при неговото разрешување (Известување бр. 21-132 од 12.09.2013 година).

Именуваниот, незадоволен од решението донесено при повторното постапување и одлучување, вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што овој пат било донесено Решение РО бр.0904-232 од 27.09.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Незадоволен од вака донесената одлука, именуваниот повел соодветна судска постапка пред Основниот суд Гостивар за поништување на истите. Основниот суд Гостивар, постапувајќи по тужбата, донел пресуда РО.бр.156/12 од 27.01.2014 година со која тужбеното барање се одбива како неосновано.

Против вака донесената пресуда, именуваниот вложил жалба до Апелациониот суд Гостивар, по која е донесено Решение РОЖ.Бр. 260/14 со кое обжалената пресуда се укинува и предметот се враќа на повторно одлучување.

Основниот суд Гостивар, постапувајќи по напатствијата на Апелациониот суд Гостивар, на ден 27.01.2015 година донесува пресуда РО.Бр. 310/14 со која тужбеното барање на тужителот се усвојува, а предметните решенија се поништуваат како незаконити.

Во тек е постапка по жалба на тужениот.

2) Шезо Зенку со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 10-102/2 од 26.01.2010 година бил именуван на функцијата директор на средно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-586/1 од 17.04.2013 година.

Со предметното решение, со известување од Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, констатирано било дека е направена повреда на постапката за разрешување.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-69 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-586/10 од 16.08.2013 година.

3) Екрем Исмаили со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-878/6 од 20.07.2010 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-600/1 од 19.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-71 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-600/10 од 16.08.2013 година.

Од страна на Државниот просветен инспекторат утврдена била повреда на постапката при повторното разрешување (Известување бр. 21-148 од 17.09.2013 година).

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-267 од 01.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 596/2013 од 25.09.2013 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

4) Салију-Медија Мевлуде со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1027/3 од 12.08.2010 година била именувана на функцијата директор на основно училиште во с. Чајле, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваната била разрешена од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-665/1 од 30.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваната вложила жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-90 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно ја разрешува именуваната од функцијата директор, бр. 08-665/10 од 16.08.2013 година.

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-278 од 15.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 673/13 од 28.11.2013 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по пресуда на Управниот суд, носи Решение РО.Бр. 0904-278 од 08.05.2015 година со кое жалбата се уважува а Решението за разрешување се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

Во тек е постапка пред Управниот суд по тужба на Општина Гостивар.

5) Билали Саџиде со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1174/6-11 од 27.03.2012 година била именувана на функцијата директор на основно училиште во с. Чегране, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваната била разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-613/1 од 22.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваната вложила жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-74 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно ја разрешува именуваната од функцијата директор, бр. 08-613/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорката (Известување бр. 21-182 од 25.10.2013 година)

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-274 од 15.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешената директорка повела управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 672/13 од 25.12.2014 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по пресуда на Управниот суд, носи Решение РО.Бр. 0904-274 од 08.05.2015 година со кое жалбата се уважува а Решението за разрешување се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

Во тек е постапка пред Управниот суд по тужба на Општина Гостивар.

6) Шпенд Бајрами со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 03-83/2 од 24.01.2011 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-593/1 од 18.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-70 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-593/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорот (Известување бр. 21-135 од 11.09.2013 година)

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-230 од 27.09.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 526/13 од 20.11.2014 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

Против пресудата на Управниот суд во тек е постапка по жалба пред Вишиот управен суд.

7) Џумази Амити со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1419/3 од 09.12.2011 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во с. Дебреше, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-711/1 од 13.05.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-95 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-711/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорот (Известување бр. 21-180/2 од 10.10.2013 година)

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-269 од 01.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 594/13 од 28.11.2014 година со која Решението на Државната комисија се укинува.

Понатаму, во барањето се цитира националната регулатива во однос на разрешувањето на подносителите (член 132 став 1, член 133 став 2, член 134 од Законот за основното образование, како и член 93 и член 93-б од Законот за средното образование), при што се констатира дека ниту една одредба од наведените не била почитувана, никаква постапка која и претходи на спорното решение не била спроведена, ниту училишниот одбор предложил донесување на вакво решение односно мерка, што било видно од самото образложение на актот кое било од декларативна и површна природа и без реални и материјални докази. Бидејќи се работело за иницијален акт од страна на органот кој согласно закон избира и разрешува директор на училиштето, насловниот доносител бил должен да даде детално образложени причини за фактите, начинот и постапката, како се тие утврдени и основот за преземените мерки.

Потоа во барањето се цитираат одредби од Уставот на Република Македонија (член 9, член 11 и член 32), при што се дава констатација дека со оспорените разрешувања се вршела директна политичка дискриминација и политичка пресметка со луѓето со различна политичка припадност и уверување, било повредено правото на работа и на вршење на функцијата директор на средно и основно училиште, и со ваквиот третман бил повреден и моралниот интегритет на тужителите.

Понатаму, се цитираат одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација (член 3, член 4 и член 6 став 1, член 34 и член 35), како и член 3 и член 31 од Законот за локалната самоуправа.

Се наведува дека заштитата од дискриминација била загарантирана и со меѓународни инструменти за заштита на човековите слободи и права кои биле ратификувани со закон и кои биле обврзувачки за Република Македонија, како дел од нејзиниот правен поредок.

Во тој правец, заштитата од дискриминација на политичка основа, како еден од основите за дискриминација, била загарантирана и со член 2 и член 7 од Универзалната декларација за човекови права, член 2 и член 25 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, како и член 14 од Европската конвенција за човековите права. Во тој контекст многу било важно да се спомене и судската пракса и ставовите на Европскиот суд за човекови права (случајот Castells v. Spain – application no. 11798/85, случајот Sidiropulos and others v. Greece – Application no. 2669/95), кои домашните судови требало да ја земат во предвид со цел почитување на Европската конвенција за човековите права и слободи.

Овие пресуди биле од особено значење и за конкретниот случај поради тоа што со вршењето на дискриминација врз основа на политичка припадност и политичко уверување, се вршела повреда на правото на слободно изразување на политичката припадност и уверување, како и слободата на здружување, кои биле заштитени со член 20 од Уставот. Имено, подносителите на барањето во конкретниот случај биле дискриминирани поради јавното искажување на својата политичка припадност и уверување, кое било различно од она на локалната власт. Истите, како членови на политичка партија, јавно го изразувале своето политичко уверување и убедување на собирите во предизборниот период на
локалните избори 2013 година, но никогаш не вршеле политичко дејствување во училиштата и не постапиле спротивно на член 11 од Законот за основното образование и член 7 од Законот за средното образование, со кои се забранува политичко дејствување и истакнување на партиски обележја во училиштата. Дека подносителите секогаш имале професионален однос кон својата работа и ги почитувале во целост законските одредби говорел и фактот дека никогаш не била утврдена никаква повреда од страна на Државниот просветен инспекторат за работата на истите, ниту пак имало некакви приговори од страна на училишните одбори во училиштата за подносителите на барањето.

Подносителите на барањето повеле судска постапка за утврдување на дискриминација од страна на посочениот градоначалник, но и од страна на Општината, по што пред Основниот суд Гостивар бил оформен предметот РО.бр.121/13.

Во оваа постапка, како замешувач на страна на тужителите, сега подносители на барањето за заштита на слободи и права, се јавила и Мрежата за заштита од дискриминација (составена од седум невладини организации), која со свој адвокат учествувала на расправите пред Основниот суд Гостивар и во докажувањето на дискриминацијата.

Во постапката пред првостепениот суд биле изведени сите предложени докази во поднесената тужба и биле сослушани сите тужители, кои освен за незаконското разрешување од функцијата директор, сведочеле и за чувството на деградација и омаловажување поради претрпената дискриминација. Од страна на полномошникот на тужителите, но и од страна на замешувачот, било побарано товарот на докажување да премине на страната на тужениот, поради тоа што тужителите направиле веројатно дека биле дискриминирани. Сепак, на ваквото барање не било одговорено и постапката продолжила да се води на начин што тужителите требало да докажуваат дека биле дискриминирани. И покрај сите поднесени докази и сведочења на тужителите, Основниот суд Гостивар не утврдил дека била извршена нивна дискриминација, посочувајќи дека не се докажало дека било повредено нивното право на еднаков третман. Основниот суд Гостивар на ден 12.01.2015 година донел дополнителна пресуда во однос на барањето на подносителите пресудата да биде јавно објавена (Пресуда на Основен суд Гостивар, РО.Бр.121/13 од 27.05.2014 година и Дополнителна пресуда на Основен суд Гостивар, РО.Бр. 121/13 од 12.01.2015 година).

Против првостепената пресуда била поднесена жалба и од страна на тужителите и од страна на замешувачите, поради фактот што Основниот суд Гостивар не успеал целосно и правилно да ја утврди фактичката состојба во предметот. Во жалбата било наведено дека Основниот суд Гостивар не успеал да утврди дека разрешувањето на подносителите од нивните функции било извршено противправно, дека подносителите биле ставени во нееднаква положба поради нивната политичка припадност, особено ако се земе предвид дека бил даден компаратор со директорот од с. Србиново кој единствено не бил разрешен поради тоа што не бил член на политичката партија НДП, дека било нелогично образложението на судот дека градоначалникот не ги дискриминирал подносителите поради тоа што немал директен контакт со нив, иако во случаи на дискриминација не бил неопходен директен контакт, особено на органите/лицата кои вршат функција и имаат мандат да донесуваат одлуки, како и поради фактот што градоначалникот ги донел незаконските решенија за разрешување.

Апелациониот суд Гостивар постапувајќи по поднесените жалби, донел одлука РОЖ.Бр.457/14 од 12.05.2015 година, со која истите ги одбил како неосновани и ја потврдил првостепената пресуда. Во донесената одлука Апелациониот суд утврдил дека разрешувањето на подносителите не било поради нивната политичка припадност, туку поради несовесното работење на функцијата, односно поради низата пропусти кои биле најдени на страната на подносителите во вршењето на нивната работа, за кое тужителите не успеале да го докажат спротивното. Ваквиот став бил апсолутно неоснован, особено поради тоа што судот без сомнеж ги земал наводите дека разрешувањето било сторено поради пропусти во работата на подносителите, без да ги цени мислењата од инспекторатот, како и фактот што сите директори биле разрешени во неколку дена по претходен разговор во Општина Гостивар, а не бил разрешен само еден директор кој не бил припадник на политичката партија НДП.

Имајќи предвид дека во правосилно завршената судска постапка судовите не успеале да ја препознаат очигледно сторената дискриминација, се предлага Уставниот суд да одржи јавна расправа на која ќе присуствуваат сите засегнати страни, вклучително и претставници на Мрежата за заштита од дискриминација и по утврдување на постоењето на дискриминација, да ги поништи актите донесени од страна на градоначалникот на Општина Гостивар и актите на Основниот суд Гостивар и Апелациониот суд Гостивар.

3. Врз основа на доставената документација кон барањето, одговорите на истото, како и добиените известувања од Основниот суд Гостивар и Управниот суд, Уставниот суд ја утврди следната фактичка состојба:

Подносителите на барањето биле директори на основни и средни училишта во Општина Гостивар. Истите биле активни членови на политичката партија Национална демократска преродба (НДП), што се докажува со приложени копии од нивните членски книшки, кои својата политичка активност јавно ја изразиле во текот на локалните избори 2013 година, преку присуство на сите предизборни собири на политичката партија.

По завршувањето на локалните избори на кои доаѓа до промена на локалната власт, истите веднаш биле разрешени од функциите од страна на новоизбраниот градоначалник на Општина Гостивар, Невзат Бејта, кој бил припадник на политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ).

Новоизбраниот градоначалник на ден 15.04.2013 година, на првиот ден од стапувањето на функцијата, во својот говор кон жителите на Општината, навел:„Образованието, драги граѓани се уништи. Учениците, родителите и професорите ќе го заземат своето место и училиштата ќе се деполитизираат. Нема место за политика во училиштата, затоа што тука учениците се здобиваат со знаење, а иднината на граѓаните на Гостивар, нашата иднина, зависи од нашите деца, затоа ќе му посветам особено значење.“ Говорот на градоначалникот бил објавен на веб страната на Општина Гостивар.

Два дена по одржаниот говор, во периодот од 17.04.2013 година до 13.05.2013 година, донесени се решенија за разрешување од функцијата директор на училиште на сите осум подносители на барањето, пред истекот на нивниот мандат. Според наводите во барањето, не бил разрешен само еден директор кој не бил член на политичката партија НДП.

Во барањето се наведува дека дел од директорите пред донесувањето на спорните решенија биле повикани на разговор со секретарот на Општината кој им се заканил дека ако не поднесат оставки, ќе бидат соочени со разноразни инспекциски надзори и дека било во нивна корист што побрзо да дадат оставки на функциите. За наведеното нема писмени докази дека биле известени надлежните служби (МВР, обвинителство, инспекција).

Подносителите на барањето наведуваат дека за разрешувањето, за кое тие сметаат дека било заради нивната политичка припадност, реагирале преку медимите, изразувајќи го својот револт поради нееднаквиот третман, на што градоначалникот, преку прес конференција одговорил дека ваквото постапување било за заштита на учениците и родителите и дека и претходниот градоначалник постапил на истиот начин по промената на локалната власт на претходните локални избори.

За донесените решенија за разрешување од функцијата директор на училиште, подносителите на барањето поднеле соодветни претставки до Државниот просветен инспекторат, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и повеле судски спорови пред Основниот суд Гостивар, односно управен спор пред Управниот суд Скопје.

I.Фактичката и правната состојба во однос на донесените решенија за разрешување од функцијата директор на секој подносител на барањето, поединечно, е следна:

1) Адеми Арбен со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1021/7-09 од 21.04.2010 година бил именуван на функцијата директор на средно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-585/1 од 17.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-67 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-585/10 од 16.08.2013 година.

Од страна на Државниот просветен инспекторат по претставка на именуваниот извршена била вонредна контрола и била утврдена повреда на законските прописи на штета на директорот при неговото разрешување (Известување бр. 21-132 од 12.09.2013 година).

Именуваниот, незадоволен од решението донесено при повторното постапување и одлучување, вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-232 од 27.09.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Незадоволен од вака донесената одлука, именуваниот повел соодветна судска постапка пред Основниот суд Гостивар за поништување на истата. Основниот суд Гостивар, постапувајќи по тужбата, донел пресуда РО.бр.156/12 од 27.01.2014 година со која тужбеното барање се одбива како неосновано.

Против вака донесената пресуда, именуваниот вложил жалба до Апелациониот суд Гостивар, по која е донесено Решение РОЖ.Бр. 260/14 со кое обжалената пресуда се укинува и предметот се враќа на повторно одлучување.

Основниот суд Гостивар, постапувајќи по напатствијата на Апелациониот суд Гостивар, на ден 27.01.2015 година донесува пресуда РО.Бр. 310/14 со која тужбеното барање на тужителот се усвојува, а предметните решенија се поништуваат како незаконити. Пресудата е правосилна на 16.02.2016.

2) Шезо Зенку, со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 10-102/2 од 26.01.2010 година бил именуван на функцијата директор на средно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-586/1 од 17.04.2013 година.

Со предметното решение, со Известување од Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука, констатирано било дека е направена повреда на постапката за разрешување.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-69 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-586/10 од 16.08.2013 година.

Според известувањето на Основниот суд Гостивар, заклучно со 01.02.2016 година, пред овој суд не е заведен судски спор за разрешување на Шезо Зенку од Гостивар од функцијата директор на ОСТУ„Гостивар“-Гостивар.

3) Екрем Исмаили со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-878/6 од 20.07.2010 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-600/1 од 19.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-71 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-600/10 од 16.08.2013 година.

Од страна на Државниот просветен инспекторат утврдена била повреда на постапката при повторното разрешување (Известување бр. 21-148 од 17.09.2013 година).

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-267 од 01.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 596/2013 од 25.09.2013 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување. Според известувањето од Управниот суд, Пресудата станала правосилна на 06.08.2015 година и истата е доставена до странките на 22.09.2015 година.

4) Салију-Медија Мевлуде со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1027/3 од 12.08.2010 година била именувана на функцијата директор на основно училиште во с. Чајле, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваната била разрешена од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-665/1 од 30.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваната вложила жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-90 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно ја разрешува именуваната од функцијата директор, бр. 08-665/10 од 16.08.2013 година.

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-278 од 15.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 673/13 од 28.11.2013 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по пресудата на Управниот суд, носи Решение РО.Бр. 0904-278 од 08.05.2015 година со кое жалбата се уважува а решението за разрешување се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

По тужба на Општина Гостивар, Управниот суд носи Решение У-1.бр.503/2015 од 24.09.2015 година, со кое тужбата на Општина Гостивар се отфрла како недозволена, и кое Решение, врз основа на Пресуда УЖ-1.бр.176/16 на Вишиот управен суд, е правосилно на 17.03.2016 година.

5) Билали Саџиде со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1174/6-11 од 27.03.2012 година била именувана на функцијата директор на основно училиште во с. Чегране, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваната била разрешена од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-613/1 од 22.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваната вложила жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-74 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно ја разрешува именуваната од функцијата директор, бр. 08-613/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорката (Известување бр. 21-182 од 25.10.2013 година).

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-274 од 15.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешената директорка повела управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 672/13 од 25.12.2014 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, по пресуда на Управниот суд, носи Решение РО.Бр. 0904-274 од 08.05.2015 година со кое жалбата се уважува а Решението за разрешување се поништува и предметот се враќа на повторно одлучување и постапување.

По тужба на Општина Гостивар, Управниот суд носи Решение У-1.бр.506/15 на 24.09.2015 година, со кое тужбата на Општина Гостивар се отфрла и кое Решение, врз основа на Пресуда УЖ-1.бр.66/17 на Вишиот управен суд, е правосилно на 17.02.2017 година.

6) Шпенд Бајрами со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 03-83/2 од 24.01.2011 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-593/1 од 18.04.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-70 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-593/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорот (Известување бр. 21-135 од 11.09.2013 година)

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-230 од 27.09.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 526/13 од 20.11.2014 година со која Решението на Државната комисија се поништува и предметот се враќа на повторно постапување. Пресудата станала правосилна на 19.11.2015 година и истата е доставена на странките на 11.12.2015 година.

7) Џумази Амити со одлука на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, бр. 08-1419/3 од 09.12.2011 година бил именуван на функцијата директор на основно училиште во с. Дебреше, Гостивар. Согласно законската регулатива, мандатот на директорот трае 4 години.

Од страна на актуелниот градоначалник, именуваниот бил разрешен од функцијата пред истекот на мандатот, со Решение бр. 08-711/1 од 13.05.2013 година.

Против решението за разрешување, именуваниот вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при што било донесено Решение РО бр. 0904-95 од 01.08.2013 година со кое се поништува решението за разрешување и предметот се враќа на повторно одлучување.

При повторното одлучување, актуелниот градоначалник донел Решение со кое повторно го разрешува именуваниот од функцијата директор, бр. 08-711/10 од 16.08.2013 година.

Државниот просветен инспекторат констатирал повреда на законот на штета на директорот (Известување бр. 21-180/2 од 10.10.2013 година)

Оштетениот директор повторно вложил жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, при што овој пат било донесено Решение РО бр. 0904-269 од 01.11.2013 година со кое жалбата се одбива како неоснована.

Против ваквото решение на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, разрешениот директор повел управен спор пред Управниот суд во Скопје. Насловниот суд постапувајќи по тужбата, носи Пресуда У-1 Бр. 594/13 од 28.11.2014 година со која Решението на Државната комисија се укинува. Во пресудата се наведува дека е дојдено до неправилна примена на материјалното право и е донесена незаконита одлука од страна на првостепениот орган, која одлука е потврдена од страна на второстепениот орган, поради што има потреба од повторно постапување, а притоа тужениот орган да ги има во предвид правните сфаќања и забелешките на Судот, дадени во оваа пресуда. Пресудата станала правосилна на 27.02.2015 година и истата е доставена до странките на 30.06.2015 година.

II. Поради дејствијата на дискриминација, сторени со решенијата за разрешување од функцијата директор на училиште, подносителите на барањето против Општина Гостивар и Невзат Бејта, градоначалник на Општина Гостивар, повеле судска постапка пред Основниот суд Гостивар, за утврдување на дискриминација по основ на политичка припадност, при што со Пресуда на овој суд, РО.бр.121/2013 од 27.05.2014 година, тужбеното барање се одбива како неосновано. Како замешувач во оваа постапка, со свој адвокат кој учествувал на расправата пред Судот, се јавила и Мрежата за заштита од дискриминација (составена од седум невладини организации – Фондација отворено општество-Македонија, Хелсиншки комитет за човекови права, Асоцијација за здравствена едукација и истражување „Ера“, Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Здужение ХОПС-опции за здрав живот, РОМА С.О.С. Ромска организација за мултикултурна афирмација).

Во образложението на Пресудата се наведува:

„При една вака утврдена фактичка состојба и од анализа на сите докази заедно и посебно, овој суд неспорно утврди, следното:

Неспорно се утврди дека тужителите беа именувани на функција директор во основните и средните училишта во Општина Гостивар од страна на претходниот градоначалник на Општина Гостивар, тужителите се разрешени од функцијата директор со решение за разрешување донесени од тужените.

Тужителите поднеле жалба против решението за разрешување во Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен на Република Македонија се произнела со решение каде сите жалби поднесени од страна на тужителите се уважени, а решенијата донесени од страна на тужените за нивно разрешување се поништуваат и се вратиле на повторно одлучување.

При повторно постапување по решение од државна комисија од втор степен, од страна на тужените повторно донесе решение за разрешување на сите тужители од функцијата директор.

Не е докажан исходот на второстепениот орган дека се произнел по жалба против повторното решение за разрешување донесено од страна на тужените и истата е во тек по основ на поништување на решението за разрешување од функција директор.

Не е докажан исходот на судската постапка по исказ од тужителите наведуваат дека водат судска постапка и истата е во тек по основ на поништување на решението за разрешување од функција директор.

Од вербалните докази изведени во оваа постапка со сослушување на сите тужители во својство на странки, неспорно произлегува фактот дека второтужениот градоначалникот на Општина Гостивар Невзат Бејта и од нивниот исказ наведено не е утврдено дека се принудени да дадат оставка на функција директор, се повикуваат на друго лице кој се повикал на име на второтужениот, а доколку постоело такво нешто истите настанот би го пријавиле пред надлежните институции и органи на државата.

Тужителите во конкретниот случај по овој предмет не го утврдуваат фактот дека е извршена директна политичка дискриминација, а во однос на доказите на кои се повикуваат во оваа тужба.

Тужителите во оваа тужба се повикуваат дека оспорените решенија за нивното разрешување донесени од страна на тужените се директно во спротивност со уставниот поредок на Р.Македонија како и меѓународните акти ратификувани од страна на Р.Македонија согласно со законот и тоа Универзална декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права, со оспорените решенија повредена е забраната за дискриминација по основ на политичко уверување и припадност од член 6 од Законот за работни односи и од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Тужителите не го утврдуваат фактот дека тужените при донесување на оспореното решение за разрешување на директори ги ставил тужителите во нееднаква положба заради политичко или друго убедување, и дека поради нееднаквиот третман од страна на тужените е извршен поради различната политичка припадност и уверување од она на локалната власт, не е утврдено фактот дека тужителите беа повикувани на разговор и со секретарот на прво тужениот кој им се заканил на истите дека ако не поднесат оставки ќе бидат соочени со разновидни инспекциски надзори и во нивната корист е што побрзо да дадат оставки на функциите.

Не е утврдено дека тужените го повредиле правото на тужителите на еднаков третман, односно дејствието коешто го презел или пропуштил може непосредно да доведе до повреда на правата на еднаквост во постапувањето, не се утврдени кои дејствија ги преземале тужителите на еднакво постапување, не се докажуваат нејзините последици, не е докажана причината на повредата на правата заштитени со закон.
…………………….
Тужителите не го докажуваат дека тужените при донесувањето на оспореното решение за разрешување на директори ги ставил тужителите во нееднаква положба заради политичко или друго убедување, и дека поради нееднаквиот третман од страна на тужените е извршен поради различната политичка припадност и уверување од она на локалната власт.

Не е утврдено дека тужените го повредиле правото на тужителите на еднаков третман, односно дејствието коешто го трпел или пропуштил може непосредно да доведе до повреда на правата на еднаквост во постапувањето, не се утврдени кои дејствија ги преземале тужените на кои ги кршеле или може да се прекршиле правото на тужителите на еднакво постапување, не се утврдени нејзините последици, не е утврдено причината на повредата на правата заштитени со закон.

Не е утврден фактот дека тужените при донесување на решенијата за разрешување на тужителите од функцијата директор извршиле дискриминација врз основа на политичка припадност и уверување, која е забранета со член 9 од Уставот на Република Македонија, Универзалната декларација за човекови права, член 2 и член 25 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, како и член 14 од Европската конвенција за човекови права, не е утврдено фактот дека е извршена дискриминација односно се повредени правата на тужителите кои се загарантирани и заштитени со Уставот на Р.Македонија како правото на слободно изразување на политичката припадност и уверување, слободно здружување, право на работа и право на вршење на функција.

Не е утврдено дека на тужителите му е нарушено или ограничено на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови, или некоја друга група на кој припаѓа, ги ставиле во неповолна положба во споредба со други лица, со донесување очигледно неутрални одредби, критериуми или со преземање на определени практики.

Не е утврдено искажување на политичкиот став или манифестирање приврзаност, односно одбивање на политичка идеологија, а политичка припадност како основа за дискриминација кои се однесува и на случаите кога одредено лице нема конкретна политичка припадност, како основа на дискриминација го опфаќа и политичко мислење во врска со конкретна политика на структурите на власт и во врска со прашањето кои го допираат начинот на владението во државата.

Не се утврдува фактот дека тужителите биле разрешени поради нивна политичка припадност и уверување, и дека му е одземено, нарушено и ограничено еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи.“

Со Дополнителна пресуда РО.бр.121/13 од 12.01.2015 година, Основниот суд Гостивар го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителите за тоа пресудата јавно да се објави во медиумите на трошок на тужените.

Апелациониот суд Гостивар, со пресуда РОЖ бр. 457/14 од 12.05.2015 година, жалбите на тужителите и замешувачите изјавени против наведените пресуди на Основниот суд Гостивар, ги одбива како неосновани и ги потврдува пресудата на Основниот суд Гостивар РО.бр.121/13 од 27.05.2014 година и дополнителната пресуда на Основниот суд Гостивар РО.бр.121/13 од 12.01.2015 година

Во образложението на пресудата се наведува:

„Имајќи ги во предвид погорецитираните законски одредби како и имајќи ги во предвид изведените докази, според овој суд, првостепениот суд правилно постапил кога донел одлука онака како што е наведено во изреката на сега обжалената пресуда. Имено, согласно горенаведените одредби директна дискриминација се случува кога со некое лице се постапувало понеповолно од друго лице во слична ситуација согласно заштитните карактеристики наведени во цитираниот закон. За да се утврди во еден конкретен случај или дејствие постои директна дискриминација според овој суд, а согласно наведениот закон, треба кумулативно да бидат исполнети три главни елементи односно со лицето односно лицата да се постапувало понеповолно од други лица по некој предвиден законски основ, тоа постапување да може да се спореди со постапувањето спрема други лица во иста или слична ситуација и понеповолното постапување да е засновано на личното својство. Согласно горенаведеното, според овој суд, во конкретниов случај не се исполнети кумулативно трите суштествени елементи за да се утврди дека во конкретниов случај постои директна дискриминација по политичка основа. Имено во конкретниов случај од страна на тужителите со тужбата се бара да се утврди дека тужените Општина Гостивар и Невзат Бејта како градоначалник на Општина Гостивар го повредиле правото на тужителите на еднаков третман односно дека со преземните противправни дејствија во насока на донесување на поединечни решенија во насока на разрешување на тужителите од функција директор на јавните образовни установи во кои биле именувани пред истекот на мандатот за кој што биле именувани избирани спротивно од забраната од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација по основ на дискриминација вршејќи дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување, како и да се забрани преземање на било какви натамошни дејствија од страна на тужените со кој може повторно да се крши правото на еднаков третман или да се ограничи правото на вршење на функцијата директор на Основно или Средно училиште во склоп на Општина Гостивар поради нивна политичка припадност и уверување, при што се наведува дека со донесување на решенијата за разрешување на тужителите од функцијата директор не е спроведена никаква транспарентна постапка во рамките на нивните училишта во кои тие ја извршувале својата функција односно се наведува дека сега тужителите биле разрешени согласно нивната политичка припадност различна од политичката припадност од партијата која раководела со локалната самоуправа во Гостивар. Врз основа на ова, според овој суд, од страна на тужителите сторена е веројатноста дека во конкретниот случај од страна на тужените е сторена дискриминација врз основа на политичка припадност па согласно ова а имајќи го во предвид член 38 од погорецитираниот закон, докажувањето дека немало дискриминација паѓа на товар на спротивната странка во конкретниов случај паѓа на товар на сега тужените. Од друга страна, видно од списите во предметот од страна на тужените во текот на постапката се доставени решенија за разрешување од функцијата директор за секој од тужителите поединечно при што од образложението на истите може да се утврди дека во кокретниов случај директорите односно сега тужителите се разрешени бидејќи согласно утврденото на состаноците на Училишните одбори во секое училиште каде тужителите ја извршувале функцијата директор кај истите биле констатирани низа пропусти при нивното работење односно се констатирани повреди на законитоста на работењето на сега тужителите при што во образложението на решенијата за разрешување од функцијата директор е наведено дека за пропустите сторени со сега разрешените директори училишниот одбор располагал со доволен за нив докази кои се наоѓале во прилог на предлогот за разрешување на директор. Оттука според овој суд, во конкретниов случај од страна на тужените се докажало дека во конкретниов случај разрешувањето на сега тужителите од функцијата директор на училиштата во кои тие ја извршувале својата функција не било извршено поради нивната политичка припадност туку поради констатирани низа пропусти при нивното работење односно констатирани повреди на законитоста на работењето на сега тужителите, додека од друга страна сега тужителите согласно товарот на докажување кој по доставувањето на образложените решенија за нивно разрешување преминал на нивна страна во текот на постапката не доставиле релевантен доказ од кој би можело да се утврди дека во конкретниов случај неосновани се наводите наведени во решенијата за нивно разрешување односно не доставиле релевантен доказ од кој би можело да се утврди дека истите во текот на извршувањето на нивната функција целосно ги почитувале одредбите од позитивните законски прописи и дека во целост ја исполниле програмата во училиштата во кои истите биле именувани па следствено на ова останало недокажано дека истите од функцијата директор биле разрешени поради нивната политичка припадност. Врз основа на сето ова според овој суд неосновано односно недокажано е тужбеното барање на тужителите за тоа дека тужените го повредиле правото на тужителите на еднаков третман односно дека со преземените противправни дејствија во насока на донесување на поединечни решенија во насока на разрешување на тужителите од функција директор на јавните образовни установи во кои биле именувани избирани спротивно од забраната од член 3 од Законот за спречување и заштита од дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување, како и да се забранува превземање на било какви натамошни дејствија од страна на тужените со кои може повторно да се крши правото на еднаков третман или да се ограничи правото на вршење на функцијата директор на основно или средно училиште во склоп на Општина Гостивар поради нивна политичка припадност и уверување, односно следствено на ова неосновано е и тужбеното барање за кое е одлучено со дополнителната пресуда со кое тужбеното барање на тужителите за да пресудата јавно се објави во медиумите на трошок на тужените, се одбива како барање неосновано.

Врз основа на горе наведеното, неоснован е и жалбениот навод за погрешна примена на материјалното право, во обжалената пресуда.

При една вака правилно утврдена фактичка состојба и при непостоење на суштествени повреди на одредбите од парничната постапка првостепениот суд правилно го применил и материјалното право, на кое овој суд внимава по службена должност.“

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот утврди дека шестмина подносители на барањето, и тоа: Арбен Адеми Екрем Исмаили, Салију Медија Мевлуде, Саџиде Биљали, Шпенд Бајрами и Џумази Амити, пред поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд, имаат заведено посебни управни и судски спорови за утврдување на законитоста на поединечните решенија за разрешување од функцијата директор на основно, односно средно училиште, пред истекот на мандатот, донесени од градоначалникот на Општина Гостивар.

Со оглед на фактот дека од Уставниот суд се бара да одлучува за заштита на слободи и права, повредени со решенија за разрешување за кои, во време на поднесување на барањето за заштита на слободи и права, во тек биле управни и судски постапки за утврдување на нивната законитост, а законитоста на решенијата за разрешување, според наводите во барањето за заштита на слободи и права, е од клучно значење за одлучувањето на Уставниот суд по барањето, Судот оцени дека ваквото барање не е во согласност со член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и дека се исполнети условите за негово отфрлање согласно член 28 алинеја 3 од од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Еден подносител на барањето (Шезо Зенку) има повторно добиено решение за разрешување од функцијата директор на основно училиште (на 16.08.2013 година), за кое според известувањето на Основниот суд Гостивар, заклучно со 01.02.2016 година, пред овој суд не е заведен судски спор. Со оглед на фактот дека барањето за заштита на слободи и права повредени со наведеното решение до Уставниот суд е поднесено на 04.08.2015 година, произлегува дека истото е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, што не е во согласност со член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија и дека истото треба да биде отфрлено согласно член 28 алинеја 3 од од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Ваквата состојба – заведени судски постапки за утврдување на законитоста на решенијата за разрешување за кои не се донесени конечни, односно правосилни одлуки во времето на поднесување на тужбата за утврдување на дискриминација сторена со наведените решенија, е констатирана и од страна на Основниот суд Гостивар (пресуда РО.бр.121/2013 од 27.05.2014 година) и од Апелациониот суд Гостивар (второстепената пресуда РОЖ.бр.457/14 од 12.05.2015 година).

Во ситуација кога во време на поднесувањето на тужбата за утврдување на дискриминација по основ на политичка припадност, а за која основ се наведените решенија за разрешување на директорите на училиштата, управните и судските постапки за законитоста на решенијата за разрешување се уште не биле правосилно завршени, што било констатирано од судот, судот го прифатил како релевантно образложението за донесување на решенијата за разрешување – сторени пропусти во работата на директорите на училиштата, односно констатирани повреди на законитоста на работењето на истите, поради што оценил дека сторените пропусти во работата, а не политичката припадност на директорите, била основ за нивното разрешување и дека тужителите не успеале да докажат постоење на дискриминација по основ на политичка припадност.

Имајќи предвид дека пред судот се изведени сите предложени докази и сослушани сите страни, кое нешто не се спори од страна на подносителите на барањето, а за оспорените решенија во тек биле поединечни судски постапки кои не биле правосилно завршени, што му било познато на судот, но кој сепак мериторно одлучил по поднесеното барање, произлегува дека поднесеното барање за заштита на слободи и права пред Уставниот суд всушност претставува барање овој суд, како инстанционо повисок суд, да ја преиспита законитоста на донесените пресуди. Според уставно утврдените надлежности на Уставниот суд на Република Македонија, овој суд нема надлежност да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени законитоста на одлуките на другите правосудни органи, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето во делот кој се однесува на оспорените пресуди.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.69/2015
1 ноември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски