У.бр.12/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 ноември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 45 ставови 6, 7 и 9 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 137/2013, 164/2013, 158/2014, 15/2015, 129/2015, 192/2015 и 30/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 45 ставови 6, 7 и 9 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ја цитира целината на членот 45 од Законот, кој содржи девет става со цел да ја образложи неуставноста на оспорените ставови 6, 7 и 9 од Законот.

Според подносителот на иницијативата во оспорениот став 6 од членот 45 од Законот било предвидено дека формата и содржината на барањето од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот, но во ставот 5 од истиот член од Законот не било уредено ништо по однос на барањето, туку се регулирала состојба за поднесување на жалба.

Ставот 3 од членот 45 од Законот не предвидувал кој ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи, а на која одредба упатувал оспорениот став 7 од членот 45 од Законот за безбедност и здравје при работа.

Во оспорениот став 9 од членот 45 од Законот било предвидено дека податоците од евиденцијата на ставот 6 на овој член се достапни на јавноста, но ставот 6 не пропишувал било каква евиденција, туку пропишувал форма и содржина на барање.

Во правниот промет требало да постојат јасни, прецизни и концизни норми во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од што произлегувало кога една норма упатува на друга и упатувачката и нормата на која се упатува да бидат една логична заедница на норми што не било случај со оспорените одредби.

Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа истите да ги укине како спротивни на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека согласно член 45 став 1 од Законот, министерството за труд и социјална заштита на правно или физичко лице кое ги исполнува условите во однос на вработени, организацијата, техничките и други услови, му издава дозвола за вршење на следниве стручни работи:

-процена на ризикот;
-редовно тестирање и контрола на работната опрема;
– концепт за изјавата за безбедност,
-изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата и
-вршење на периодични мерења на хемиски, физички и биолошки штетности микроклиматски услови во работната средина.

Министерот надлежен за работите од областа на трудот ја пропишува висината на трошоците за извршување на стручни работи врз основа на видот, начинот, обемот и местото на извршените стручни работи (став 2).

Според ставот 3 од истиот член од Законот за здравје и безбедност при работа, министерството за труд и социјална заштита ја одзема дозволата за работа од ставот 1 на овој член, во следниве случаи:

-по утврдување дека правното или физичкото лице не ги исполнува неопходните услови за добивање на дозволата;
-правното или физичкото лице кое добило дозвола не ги извршува задачите прецизирани во дозволата по една година од нејзиното издавање;
-дозволата била издадена врз основа на лажни податоци и
-по предлог на инспекторот на труд, доколку е утврдено дека работите не се вршат професионално и согласно со прописите од областа на безбедност и здравје при работа.

Министерството за труд и социјална политика донесува решение за издавање на дозвола за вршење на стручни работи во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето (став 4).

Против решението од ставот 4 на овој член барателот може да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен (став 5).

Формата и содржината на барањето од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот (став 6).

Трошоците за спроведување на постапката од ставот 3 на овој член паѓаат на товар на правното или физичкото лице (став 7).

За издадените или одземените дозволи за вршење на стручните работи од ставот 1 на овој член министерството надлежно од областа на трудот води евиденција, согласно со Законот за општата управна постапка (став 8).

Податоците од евиденцијата на ставот 6 од овој член се достапни на јавноста (став 9).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во оспорениот став 6 од членот 45 од Законот е определено дека формата и содржината на барањето од ставот 5 на овој член ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот, но во ставот 5 од истиот член на Законот отсуствува било какво уредување по однос на ова барање. Во ставот 5 се определуваат рокови за поднесување на жалба од страна на барателот Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен

Во оспорениот став 7 од Законот е определено дека трошоците за спроведување на постапката од ставот 3 на овој член паѓаат на товар на правното или физичкото лице. Во ставот 3 од членот 45 од Законот, пак, се определени ситуациите кога се одзема дозволата за работа, односно нема регулатива по однос на трошоците за спроведување на постапката.

Оспорениот став 9 од Законот определува дека податоците од евиденцијата на ставот 6 од овој закон се достапни на јавноста. Ставот 6 од Законот содржи овластување за министерот надлежен за работите од областа на трудот да ги пропише формата и содржината на барањето од ставот 5 на членот 45 од Законот (ставот 5 уредува рокови за жалба). Оттаму, ставот 6 нема предмет на уредување поврзан со податоците од евиденцијата.

Од вака направената анализа произлегува дека оспорените ставови 6, 7 и 9 од членот 45 од Законот упатуваат на правни институти кои не се предмет на уредување во нормата на кои се упатува (ставови 3, 5 и 6) што ги доведува под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи таквото несоодветно упатување доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.12/2017
1 ноември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски