У.бр.56/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 октомври 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 79-а од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 180/2014, 33/2015, 72/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015 и 30/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 79-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 79-а од Законот за социјална зашита, не бил доволно прецизен и поради тоа бил во несогласност со принципот на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Имено, во иницијативата се наведува дека со одредбите од оспорениот член 79-а од Законот, било уредено дека правото на еднократна парична помош се определувало за секој центар поодделно во зависнот од вкупниот број на жители на подрачјето за кое бил надлежен центарот, потоа, била определена висината на износот на правото на еднократната парична помош по општини во Република Македонија според бројот на жители во тие општини, бил определен доносителот на одлуката за зголемување на износот на еднократната парична помош и било уредено што не влегувало во еднократната парична помош.

Меѓутоа, во содржината на одредбите од оспорениот член од Законот, не биле пропишани повеќе елементи, и тоа:
– кој ја носел самата одлука со која се определувала висината на еднократната парична помош која ќе се доделела на секој центар одделно, односно дали било тоа Министерството за труд и социјална политика или друг орган,
– зошто исклучиво бројноста односно вкупниот број на жители во конкретна општина, претставувало единствен критериум за определување на еднократната парична помош, а не и други параметри,
– во кои случаи износот на еднократната парична помош определен на годишно ниво од ставот 2 на членот 79-а од Законот, можело да се зголеми со одлука на Владата на Република Македонија по предлог на министерот за труд и социјална политика и поради што тоа би се одлучило,
– што се случувало со средствата доделени на конкретна општина, доколку тие не се доделеле на поединец, односно семејство за предметната намена.

Врз основа на овие прашања поставени во иницијативата, од кои произлегувало дека оспорениот член од Законот не бил прецизен и јасен и дека требало да има содржина која сега ја нема, подносителот му предлага на Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорениот член од Законот како несогласен со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 79-а од Законот за социјална заштита е предвидено:
„ Правото на еднократна парична помош се определува за секој центар поодделно во зависност од вкупниот број на жители на подрачјето за кое е надлежен центарот.

Во зависност од вкупниот број на жители се определува износот на еднократната парична помош и на годишно ниво изнесува:

– до 10.000 жители, 300.000 денари годишно,
– од 10.001 – 20.000 жители, 360.000 денари годишно,
– од 20.001 – 30.000 жители, 420.000 денари годишно,
– од 30.001 – 40.000 жители, 480.000 денари годишно,
– од 40.001 – 50.000 жители, 540.000 денари годишно,
– од 50.001 – 60.000 жители, 600.000 денари годишно,
– од 60.001 – 70.000 жители, 660.000 денари годишно,
– од 70.001 – 80.000 жители, 720.000 денари годишно,
– од 80.001 – 90.000 жители, 780.000 денари годишно,
– од 90.001 – 100.000 жители, 840.000 денари годишно,
– над 100.001 жител, 900.000 денари годишно.

Износот на еднократна парична помош определен на годишно ниво од ставот 2 на овој член може да се зголеми со одлука на Владата на Република Македонија по предлот на министерот за труд и социјална политика.

Во годишно определениот износ од став 2 не влегуваат еднократна парична помош за дете или младинец без родители и без родителска грижа, кој по наполнување на 18-годишна возраст ја напушта установата или згрижувачкото семејство, заради негово адаптирање во социјалната средина и за лице и семејство заради претрпена природна непогода или епидемија“.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од фактот што подносителот на иницијативата во суштина го оспорува членот 79-а од Законот за социјална заштита поради непостоење на содржина каква што тој смета дека требало да биде инкорпорирана во одредбите на овој член од Законот, и дека нивната содржина требало да биде дополнета со нови елементи кои би допринеле креацијата на одредбите да биде појасна, а имајќи предвид дека Уставниот суд согласно своите надлежности во членот 110 од Уставот, е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот, а не каква поинаква содржина тие треба да имаат,ниту со иницијативата се дадени други аргументи за оспорување на уставноста на оспорениот член од Законот, Судот оцени дека во случајов согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата треба да се отфрли.

Имено, Судот не може да се впушти во мериторна оценка на оспорениот член од Законот врз основа на наводите во иницијативата, со оглед на тоа што Собранието на Република Македонија е законодавната власт која ги уредува законските решенија и ги донесува законите, а Уставниот суд ја цени уставноста на законските одредби кои се во правниот поредок, меѓутоа со иницијативата не се дадени аргументи за несогласноста на оспорениот член од Законот со Уставот, туку исклучиво се оспорува нивната содржина од аспект дека требало да биде дополнета заради поголема прецизност и истата да се креира како што иницијаторот наведува, што не е во надлежност на одлучување на Судот и постојат процесни пречки за мериторно одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски, и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.56/2017
4 октомври 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски