У.бр.22/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 октомври 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободи и права – заштита од дискриминација по основ на верска припадност од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Маргарета Куртиќ и Давор Хорватиќ од Скопје, застапувани преку полномошникот Павлина Зефиќ, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија доставија барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, повредени со „Програмата на работни денови за 2017 година“ донесена од Министерството за труд и социјална политика.

Во барањето се наведува дека на подносителите како припадници на католичката вероисповед, им биле повредени слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот, со дискриминација по основ на верска припадност, која била сторена од Министерството за труд и социјална политика со преземеното дејствие на донесување на „Програмата на неработни денови за 2017 година“ објавена на веб страната на Министерството и се бара Уставниот суд да утврди постоење на повреда и да ја забрани дискриминацијата преку укинување на наведената програма. Имено, подносителите на барањето не уживале еднаков третман во одбележувањето на празникот Велигден – Христово воскресение, со припадниците на православната вероисповед, иако католиците и православните припаѓале на иста христијанска вероисповед. Во Програмата на Министерството било наведено дека на граѓаните кои практикувале католичка вероисповед им следувал само еден неработен ден за време на најголемиот христијански празник Велигден и тоа бил 17 април 2017 година (понеделник) како втор ден Велигден, а Велики петок, петок пред Велигден, 14 април 2017 година, не бил опфатен како неработен ден, додека за припадниците на православната вероисповед и тој ден бил неработен. Со ваквиот нееднаков третман во одбележувањето на празникот, била сторена дискриминација на подносителите на барањето, по основ на верска припадност и биле повредени членовите 9 и 19 од Уставот на Република Македонија, со кои е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите, правата и се еднакви пред Уставот и законите, како и се гарантира слободата на вероисповест. Исто така, биле повредени членот 4 од Законот за правната положба на црквата, верските заедници и религиозните групи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2002) со кој е забранета верска дискриминација и биле повредени членовите 9 и 14 од Европската конвенција за заштита на човековите права, во кои е утврдена слободата на совеста и мислењето и е забранета дискриминацијата. Во барањето се предлага Судот да утврди повреда на слободи и права на барателите по основ на верска припадност, настаната со дискриминација извршена од страна на Министерството за труд и социјална политика со донесувањето на Програмата на неработни денови за 2017 година и Судот да ја укине наведената програма.

3. Според членот 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 19 ставови 1 и 2 од Уставот, се гарантира слободата на вероисповеста. Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална,социјална и политичка припадност.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Тргнувајќи од содржината на барањето, а имајќи ги предвид податоците кои треба да бидат содржани во барањето за заштита на слободите и правата согласно членот 52 од Деловникот на Судот, во конкретниот случај сметаме дека наводите во барањето за сторена дискриминација, не ги исполнува критериумите на факти и докази врз чија основа Судот може да се впушти во мериторно одлучување по барањето, поради следното:

Со Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998 и 18/2007) се утврдени шест државни празници на Република Македонија и пет празници на Република Македонија прецизно набројани во членот 2 од овој закон.

Овие празници се однесуваат на сите граѓани на Република Македонија, без оглед на нивната верска припадност.

Во членот 2 од Законот, посебно, како еден од петте празници на Република Македонија, е утврден и Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, кој се однесува за сите граѓани во Република Македонија.

Во членот 4 од овој закон, детално е утврдено дека во Република Македонија се празнуваат и како неработни денови се утврдени за празниците, на верниците од православната вероисповед, на верниците од муслиманската вероисповед и на верниците од католичката вероисповед, како и празниците од посебно значење на припадниците на албанската заедница, турската заедница, еврејската заедница, српската заедница, ромската заедница, влашката заедница и бошњачката заедница.

Во тие законски рамки, покрај празникот Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, кој е општ за сите граѓани на Република Македонија, законодавецот за верниците од православната вороисповед и за верниците од другите вероисповеди и припадници на заедници во Република Македонија, детално и одделно уредил кои празници ќе се празнуваат и неработни денови ќе користат сите тие посебно и одделно. Притоа, првиот ден на Божиќ, вториот ден на Велигден и Празникот на сите светци, според Грегоријанскиот календар, се определени како посебни празници за верниците од католичката вероисповед. Поаѓајќи од тоа дека Велигден според православниот календар и според Грегоријанскиот календар се во различни датуми низ годините, односно многу ретко тие се совпаѓаат со ист датум (како во случајов во 2017 година), произлегува дека граѓаните со католичка вероисповед неработни денови имаат во однос на празникот Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар и во однос на вториот ден на Велигден според Грегоријанскиот календар, vis a vis граѓаните со православна вероисповед кои неработни денови имаат во однос на празникот Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар и Велики петок, петок пред Велигден. Оттука, во однос на овој верски празник гледан во светло на неработни денови е еднаков, односно со еднаков број неработни денови како за граѓаните од православната вероисповед така и за граѓаните од католичка вероисповед.

Тргнувајќи од член 110 алинеја 3 од Уставот и од членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, произлегува дека Уставниот суд во постапката за заштита на слободите и правата дава заштита само по однос на лично повредени слободи и права на подносителите на барањето, при што повредата настанала со конечен или правосилен поединечен акт или преземено дејствие од надлежен орган во институциите на државата.

Со оглед на тоа што согласно Законот за празниците на Република Македонија, Министерството за труд и социјална политика секоја година донесува на годишно ниво програми, како во случајов и предметната „Програма на неработни денови за 2017 година“ која е акт за операционализација на неработните денови на празниците, произлегува дека со барањето за заштита од дискриминација за повредено право по основ на верска припадност, барателите пред овој суд ниту се повикувааат на конечен или правосилен поединечен акт, ниту пак бројот на неработни денови за празник, со донесувањето на Програмата од страна на Министерството, претставува дејствие и повреда спрема практикувањето на верска слобода и право и повреда на верско делување на припадниците на определена верска припадност.

Поради наведеното Судот оцени дека не се исполнети процесните претпоставки од членот 51 од Деловникот за постапување по барањето.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека барањето за заштита на слободите и правата – заштита од дискриминација по основ на верска припадност треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.22/2017
4 октомври 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски