У.бр.114/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 јули 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 2 и член 28 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Игорчо Точев од Кочани, со Решение У.бр.114/2016 од 12 април 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 2 и 28 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека, според член 2 од Законот за вонсудско спогодување, при спроведувањето на постапка за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции.

Одредбата се оспорува во делот: „за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции“.

Според член 28 точка 1 од истиот закон, извештајот за финансиската состојба и работењето на должникот содржи (меѓу другото) и финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство кои не се постари од три месеци од денот на поднесувањето на барањето за спроведување на постапката за вонсудско спогодување.

Одредбата се оспорува во делот: „Законот за сметководство“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 2 од Законот за вонсудско спогодување упатува на примена на одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување.

Судот од увидот во регистрите на правни прописи, како и увидот на веб-страницата на Собранието на Република Македонија утврди дека во правниот поредок на Република Македонија не постои Закон за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Оттаму, оспорениот дел од членот 2 од Законот за вонсудско порамнување упатува на примена на непостоечки закон.

Од мислењето на Владата на Република Македонија бр.42-5284/1 од 25.08.2016 година, доставено до Судот по повод конкретната иницијатива, се потврди дека наведениот закон не постои. Во дописот се појаснува и тоа дека наведениот наслов е користен во почетната фаза од подготовката на Законот за финансиската дисциплина.

Членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување, предвидува извештајот за финансиската состојба да содржи финансиски извештаи согласно Законот за сметководство, кој е пропис што престанал да важи сметано од 26.07.2002 година кога влегол во сила Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2002).

Имено, член 32 од Законот за сметководството на буџет и буџетските корисници предвидел дека, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр. 42/1993, 48/1993, 6/1995, 32/1998, 39/1999, 70/2001 и 36/2002).

Според тоа членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување упатува на примената на пропис кој престанал да важи.

Наведените факти не се оспоруваат од страна на Владата на Република Македонија во доставеното мислење. Според Владата во прашање е технички пропуст, кој заради економичност и ефикасност на постапката ќе биде надминат со измени на Законот, подготвени од Министерството за економија, кои до моментот на изготвување на оваа
одлука не се направени.

Од наведеното произлегува дека членот 2 од Законот упатува на примена на пропис кој воопшто не постои во правниот поредок, а членот 28 од Законот упатува на пропис кој одамна престанал да биде дел од правниот поредок на Република Македонија, што според оцена на Судот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на владеење на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на примена на непостоечки пропис, односно пропис кој не е дел од правниот поредок што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Судот оцени дека член 2 и член 28 од Законот за вонсудско спогодување не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како целини, а не само по однос на оспорените делови, бидејќи она што би останало по евентуалната интервенција не би можело да претставува целосна и правно логична норма со своја самостојна примена во правниот поредок.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2016
12 јули 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски