У.бр.17/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 7 јуни 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 алинеја 4 во делот

2. Марија Којчевска, Елена Дамчевска и Сандра Цакиќ, студенти на 3-та година на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ колеџ-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорениот дел од Одлуката не бил во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со наведената одлука, Советот на Град Скопје, на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“-Скопје, му дава субвенции по сите основи наведени во членот 1 на Одлуката, со тоа што во алинејата 4 се предвидува дека овие субвенции се однесуваат „ и на бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети“. Со овој дел од Одлуката, редовните студенти кои студираат на додипломски студии на приватните универзитети биле ставени во нееднаков третман во однос на студентите кои се запишани на државните универзитети, поради фактот што овој дел од Одлуката не се применувал и на нив, и тие, како и нивните колеги на државните универзитети, не можеле да остварат и користат бесплатен превоз од страна на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“-Скопје за време на нивното школување.

Понатаму, во иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 и член 51 од Уставот, како и член 1, член 4, член 7 став 1, член 8 став 1, член 16 став 1, член 18 став 1, член 110 ставовите 1, 2 и 3 и член 149 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015, 98/2015, 145/2015, 154/2015, 30/2016, 120/2016 и 127/2016), со коментар дека од наведените одредби од Законот за високото образование, како и од било која друга одредба од овој закон, не можел да се воочи фактот дека законодавецот прави разлика во статусот на државните и приватните универзитети, како и дека прави разлика во статусот на студент запишан на државен или приватен универзитет, како и на правата кои се стекнуваат согласно овој закон.

Понатаму, се наведува дека со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 96/2004, 61/2007, 156/2009, 47/2011 и 192/2015), се уредува финансирањето на единиците на локалната самоуправа, а финансирањето на Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа се уредува со овој закон и со Законот за Градот Скопје (член 1).

Согласно со истиот закон, извори на финансирање на општината се: сопствени извори на приходи, дотации на средства од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на фондовите и задолжувањето (член 3), приходи од персонален данок од доход (член 5), приходи од донации (член 6), приходи од самопридонес (член 7).

Според членот 1 од Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/2004 и 158/2011), со овој закон се уредува организацијата на Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, надлежностите и финансирањето на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, употреба на јазиците на заедниците во Градот Скопје и во општините во Градот Скопје, соработката меѓу Градот Скопје и општините во Градот Скопје, како и други прашања од значење за Градот Скопје.

Согласно со членот 22 од истиот закон, Градот Скопје и општините во Градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи, приходи од даноци, приходи од Буџетот на Република Македонија и буџетите на фондовите, приходи од задолжување во согласност со закон и од други приходи утврдени со закон.

Тоа што е од суштествено значење бил фактот дека согласно Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и согласно Законот за Градот Скопје, граѓаните по сите основи наведени во овие два закони, на соодветен начин учествувале во финансирањето на Градот Скопје и на единиците на локалната самоуправа на Градот Скопје. Ако студентите и нивните семејства, како граѓани на Градот Скопје, учествувале во финансирањето на Градот Скопје и на единиците на локалната самоуправа во Градот Скопје, повеќе од јасно било дека и студентите запишани на приватните универзитети го имаат истото право да ги користат придобивките од нивното учество во финансирањето, на начин што истите по ист основ, а тоа е да се биде запишан студент на редовни додипломски студии, без разлика на кој универзитет се запишани (државен или приватен), да можат да користат исти права, во конкретниот случај право на бесплатен автобуски превоз на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“-Скопје. Со оспорената одлука, студентите на приватните универзитети биле ставени во состојба на нееднаквост со нивните колеги кои студираат на државните универзитети.

Поради наведеното, се бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката во оспорениот дел и да донесе одлука со која ќе го поништи или укине тој дел од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 алинеја 4 од Одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“-Скопје за 2017 година, Градoт Скопје му дава субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие “Скопје“ – Скопје за бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети, во износ од 100.000.000,00 денари.

4. Според член 8 ставовите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 46 став 2 од Уставот, условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Во таа смисла, со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015, 98/2015, 145/2015, 154/2015, 30/2016 и 127/16) се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност (член 1).

Според член 4 од истиот закон, дејноста на високообразовните установи е од јавен интерес.

Согласно член 7 став 1 од Законот, државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија.

Според член 16 став 1 од Законот, високообразовни установи се универзитет и висока стручна школа. Според ставот 5 на истиот член, високообразовните установи можат да бидат јавни, приватно-јавни непрофитни установи и приватни (профитни или непрофитни) установи.

Во согласност со членот 149 од Законот за високото образование, статусот на студент, а со тоа и член на академската заедница се стекнува со запишувањето на прв, втор и трет циклус на студии на универзитет, односно на самостојна високообразовна установа. Статусот на студент се докажува со студентска легитимација.

Според член 150 од Законот:

Студентот има право на:
– квалитетни студии и образовен процес како што е предвидено со студиските програми,
– слободно искажување на мислење и ставови во текот на наставата и другите активности на високообразовната установа,
– право на изјаснување за квалитетот (оценување) на наставата и наставниците,
– редовно студирање и статус на редовен студент и право на вонредно студирање и статус на вонреден студент,
– редовно да напредува, да се образува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот,
– запишување и образование под еднакви услови утврдени со закон, статут и студиска програма,
– учество во управувањето со високообразовната установа согласно со овој закон и статутот на високообразовната установа,
– заштита на своите права и должности пред органите на високообразовната установа и
– заштита на личноста на студентот од злоупотреба и на неговото достоинство.

Студентот има право и да:
– може да напредува и да ги заврши студиите за пократко време отколку што е предвидено со студиската програма,
– студира истовремено на повеќе студиски програми од различни специјалности и да изучува дополнителни курсеви,
– ги продолжи студиите на друга високообразовна установа ако високообразовната установа на која е запишан престане со работа,
– ги користи библиотеката и базите на податоци, просторот, опремата (учебните помагала), софтверот и друга научна и стручна инфраструктура на универзитетот и неговите единици, односно на самостојната високообразовна установа,
– учествува во научно-истражувачката и стручната дејност при што му се гарантираат авторски, пронаоѓачки и слични права и награди,
– избира и да биде избиран како претставник на студентите во органите на високообразовните установи,
– користи услуги на студентскиот стандард (сместување, исхрана, здравствена заштита и друго), градски и меѓуградски превоз според условите утврдени со закон од вршителите на соодветните дејности,
– ги користи универзитетските објекти за спортска и културна дејност,
– преминува од една на друга високообразовна установа, односно од едни на други студии и при тоа да ги користи погодностите на кредит системот,
– учествува на работата на студентските организации,
– учествува во формите на организирање на студентските организации утврдени со статутот на универзитетот,
– ги продолжи студиите што ги прекинал под услови определени со статутот на високообразовната установа,
– користи распуст не помалку од 60 дена во рамките на една календарска година,
– добива државни или други стипендии или да користи финансиски кредит за издршка за време на школувањето, – остварува соработка со студентите во земјата и во странство и
– остварува и други права согласно со закон и со статутот на високообразовната установа.

Студентот има обврска да:
– ги исполнува задачите пропишани во студиските програми,
– ги почитува одредбите од овој закон, статутот на високообразовната установа и другите правни акти на внатрешното уредување,
– ги применува решенијата на органот на управување, ректорот, односно директорот на самостојната високообразовна установа и
– да дејствува во согласност со студентскиот етички кодекс кој го подготвува и одобрува високообразовната установа во согласност со студентското претставување.

Студентите на сите степени на високо образование кои се без родители, слепи, глуви, инвалиди од прва и втора група, мајки со деца до шестгодишна возраст и хоспитализираните имаат право на посебни погодности утврдени со статутот на високообразовната установа.

Правата од ставовите 1 и 2 и обврските од ставот 3 на овој член, студентот на високообразовната установа ги остварува во обем и според условите утврдени со закон и статутот на високообразовната установа.

Заради заштита на правата на студентите на секој универзитет се формира студентски правобранител. Надлежноста, изборот и работата на студентскиот правобранител се утврдува со статутот на универзитетот.

Со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ број 61/2004, 96/2004, 67/2007, 156/2009, 47/2011 и 192/2015) се уредува финансирањето на единиците на локалната самоуправа (во натамошниот текст: општина). Финансирањето на Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа се уредува со овој закон и со Законот за Градот Скопје (член 1).

Според член 3 од овој закон, извори на финансирање на општината се: сопствени извори на приходи, дотации на средства од Буџетот на Република Македонија и од буџетите на фондовите и задолжувањето.

Според член 22 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 151/2011), Градот Скопје и општините во Градот Скопје се финансираат од сопствени извори на приходи, приходи од даноци, приходи од Буџетот на Република Македонија и буџетите на фондовите, приходи од задолжување во согласност со закон и од други приходи утврдени со закон.

Според член 23 став 1 од истиот закон, заради обезбедување рамноправни услови за функционирање на општините во Градот Скопје и задоволување на заедничките потреби на граѓаните во Градот Скопје се формира Заеднички фонд на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: Заеднички фонд). Во согласност со ставот 2 на истиот член, Заедничкиот фонд се формира од средствата од персоналниот данок на доход, комуналната такса за фирма и комуналната такса за користење на улиците со патнички, товарни и приклучни возила и други средства, во согласност со закон.

Според член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), во надлежност на советот на општината е да:
1. Го донесува статутот на општината и други прописи;
2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината;
3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон;
4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа;
5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа;
6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината;
7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината;
8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон;
9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината;
10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината;
11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон;
12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон;
13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител;
14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и
15. Врши и други работи утврдени со закон.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, а еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите е уставно гарантирана, дека високото образование е дејност од јавен интерес, уредена со Законот за високото образование, а државјаните на Република Македонија имаат под еднакви услови право на образование на високообразовните установи во Република Македонија. Високообразовни установи се универзитет и висока стручна школа, и истите можат да бидат јавни, приватно-јавни непрофитни установи и приватни (профитни или непрофитни) установи. Правата и обврските на студентите на овие високообразовни установи се исти за сите студенти и се утврдени со Законот. Статусот на студент се докажува со студентска легитимација.

Финансирањето на Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа, е уредено со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Законот за Град Скопје. Советот на Град Скопје, како орган на Градот, има надлежност да основа јавни служби во рамките на надлежноста на единицата на локалната самоуправа и врши надзор над нивната работа; како и да усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала единицата на локалната самоуправа.

Во согласност со наведената законска регулатива, Градот Скопје, во својство на основач на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“-Скопје, на седницата одржана на 13 декември 2016 година, има донесено Одлука за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“-Скопје за 2017 година, каде во член 1 алинеја 4 се пропишува дека Градот Скопје му дава субвенции на ЈСП „Скопје“-Скопје за бесплатен превоз на возрасни лица (над 62 години старост за жени и над 64 години старост за мажи) во вторник, петок, сабота и недела и бесплатен превоз на редовни студенти на додипломски студии на државните универзитети, во износ од 100.000.000,00 денари. Според член 2 на истата одлука, средствата за оваа намена се обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2017 година.

При наведената правна и фактичка состојба, со иницијативата се поставува прашањето дали е во согласност со Уставот, правото на бесплатен превоз во возилата на ЈСП „Скопје“-Скопје да важи само за редовните студенти на државните универзитети, со што се исклучени од користењето на ваквото право редовните студенти на приватните универзитети и дали со тоа не се повредени владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, кои се уставно утврдени начела.

Во одговор на ова прашање, Судот имаше предвид дека Законот за високото образование на ист начин ги утврдува правата и обврските за сите редовни студенти, без да прави разлика дали истите студираат на државен или приватен универзитет, а статусот на студент се докажува со студентска легитимација. Од друга страна, во начинот на финансирање на Градот Скопје, законодавецот определил форми на финансирање на Градот, на кои подлежат подеднакво, под исти услови, сите физички и правни лица кои живеат, односно имаат седиште на територијата на Градот. Оттука, произлегува дека редовните студенти на универзитетите во Град Скопје, односно нивните семејства (родители), учествуваат во финансирањето на Градот Скопје под исти услови, независно од тоа на кој универзитет студираат.

Меѓутоа, со Одлуката за давање на субвенции на ЈСП „Скопје“-Скопје за 2017 година, Градот Скопје одлучил дека бесплатен превоз во организација на ова јавно претпријатие се субвенционира само за редовни студенти на државните универзитети, а не за сите редовни студенти, со што студентите на приватните универзитети се ставени во нееднаква положба.

Според Судот, ваквата одлука на Градот Скопје нема уставна основаност, односно со истата е повредена уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните во однос на остварување на нивните права, под исти услови и при еднаква положба. Одлуката, во оспорениот дел, ги става редовните студенти во нееднаква положба, во зависност од тоа дали студираат на државен или на приватен универзитет, иако Законот за високото образование не прави разлика помеѓу студентите по тој основ, а сите студенти, директно или преку своите семејства (родители) подеднакво, под исти услови учествуваат во финансирањето на Градот Скопје, од кои средства се субвенционира бесплатниот превоз. Оттука, произлегува дека учеството во финансирањето на Градот Скопје под исти услови, им дава право на сите редовни студенти на универзитетите во Градот Скопје да ги користат придобивките од нивното учество во финансирањето, по ист основ, во конкретниот случај право на бесплатен автобуски превоз на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“-Скопје, без оглед дали студираат на државен или приватен универзитет.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 1 алинеја 4 во делот:„државните“ од Одлуката за давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“- Скопје за 2017 година, со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.17/2017
7 јуни 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски