Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 11 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016).
2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот дел од одредбата од член 2 точка 11 од Законот за царинската управа пропишувала дека, како царински прекршоци покрај прекршоците пропишани со тој закон, Царинскиот закон и/или други закони со кои одредени прекршоци биле дадени во надлежност на царинската управа се утврдуваат и прекршоците пропишани со Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост.
Во иницијативата се цитира член 2 точка 11 од Законот за царинската управа кои се компарираат со одредбите на член 44 став 1 и член 45 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, од аспект на тоа што Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи сметано од 05.06.2015 година, и оттука произлегувало дека оспорениот дел од одредбата од член 2 точка 11 од Законот за царинска управа упатувал на пропис кој повеќе не е дел од правниот поредок кое нешто било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот на Република Македонија и од тие причини се бара истите да бидат укинати.
3. Судот на седницата утврди дека според член 2 од Законот:
Одделните поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
1) Царински службеник е административен службеник на Царинската управа кој е униформиран или има посебни должности и овластувања и кој своите надлежности ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за Царинската тарифа, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка и други закони;
2) Оперативна инструкција е упатство и насока донесена од директорот на Царинската управа наменета за царинските службеници за тоа како одредена работа и постапка треба да биде раководена или спроведувана, како и очекуваните стандарди на работа и однесувањето кон кои царинските службеници мора да се придржуваат;
3) Царинска мерка е секоја мерка преземена под надлежност на Царинската управа во согласност со овој закон и со друг закон;
4) Царинското подрачје на Република Македонија (во натамошниот текст: царинско подрачје) ја опфаќа територијата, територијалните води и воздушниот простор над територијата на Република Македонија, државната граница, а согласно со ратификувани меѓународни договори може да се протега и на делови од територијата на други држави. Царинското подрачје е обележано со царинска линија која е идентична со државната граница;
5) Царински пограничен појас на копно е дел од царинското подрачје на Република Македонија, во ширина од 15 км од царинската линија во длабочината на територијата на Република Македонија. Царински пограничен појас на граничните езера е дел од царинското подрачје на Република Македонија кој во ширина ја опфаќа царинската линија на езерото и до 5 км на копното од брегот на езерото. Кога пограничниот појас се протега на дел од месности, тогаш целата месност се смета како да е внатре во појасот;
6) Царинска контролирана зона вклучува царински пограничен појас, 1 преземено царински складишта, царински терминали, царински зони, слободни економски зони, слободни складови, воздухопловни и езерски пристаништа отворени за меѓународен јавен сообраќај на лица и стоки и сите други места определени или одобрени од страна на Царинската управа со цел спроведување на царински надзор;
7) Царински надзор се општи мерки кои ги презема Царинската управа заради обезбедување на примена на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор;
8) Царинска контрола е извршување на конкретни дејствија како што се преглед на стока, проверка на постоење, веродостојност и точност на документите, преглед на деловни книги и други евиденции, преглед и претрес на транспортни средства, преглед и претрес на личен багаж и друга стока која ја носат лицата со или на себе, спроведување на службени истраги и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор;
9) Транспортни средства се секакви патнички и товарни возила, вклучувајќи запрежни коли, приколки или полуприколки, авиони, возови, вагони, чамци, бродови, амфибиски возила, хидроплани, други контејнери, како и сите други средства кои можат да се користат за транспорт на лица и стоки и
10) Технички надзор е мерка на набљудување, увид и документирање на движење на стоки, транспортни средства и лица со примена на аудио, видео и други технички средства.
11) Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 1 став 1 од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2004, 81/2005 107/2007,103/2008, 64/2009, 105/2009, 48/2010, 158/2010, 53/2011, 113/2012, 43/2014, 167/2014, 33/2015, 61/2015, 129/2015 и 23/2016) се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и управувањето со Царинската управа, царинските надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Царинската управа. Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на царинските службеници од работен однос, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Царинската управа (став 2).
Согласно член 2, од овој закон, одделните поими употребени во овој закон го имаат следново значење: Царински службеник е административен службеник на Царинската управа кој е униформиран или има посебни должности и овластувања и кој своите надлежности ги врши согласно со овој закон, Царинскиот закон, Законот за Царинската тарифа, Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, Законот за акцизите, Законот за даночна постапка и други закони (точка 1); Оперативна инструкција е упатство и насока донесена од директорот на Царинската управа наменета за царинските службеници за тоа како одредена работа и постапка треба да биде раководена или спроведувана, како и очекуваните стандарди на работа и однесувањето кон кои царинските службеници мора да се придржуваат (точка 2); Царинска мерка е секоја мерка преземена под надлежност на Царинската управа во согласност со овој закон и со друг закон (точка 3); Царинското подрачје на Република Македонија (во натамошниот текст: царинско подрачје) ја опфаќа територијата, територијалните води и воздушниот простор над територијата на Република Македонија, државната граница, а согласно со ратификувани меѓународни договори може да се протега и на делови од територијата на други држави. Царинското подрачје е обележано со царинска линија која е идентична со државната граница (точка 4); Царински пограничен појас на копно е дел од царинското подрачје на Република Македонија, во ширина од 15 км од царинската линија во длабочината на територијата на Република Македонија. Царински пограничен појас на граничните езера е дел од царинското подрачје на Република Македонија кој во ширина ја опфаќа царинската линија на езерото и до 5 км на копното од брегот на езерото. Кога пограничниот појас се протега на дел од месности, тогаш целата месност се смета како да е внатре во појасот (точка 5); Царинска контролирана зона вклучува царински пограничен појас, 1 преземено царински складишта, царински терминали, царински зони, слободни економски зони, слободни складови, воздухопловни и езерски пристаништа отворени за меѓународен јавен сообраќај на лица и стоки и сите други места определени или одобрени од страна на Царинската управа со цел спроведување на царински надзор (точка 6); Царински надзор се општи мерки кои ги презема Царинската управа заради обезбедување на примена на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор (точка 7); Царинска контрола е извршување на конкретни дејствија како што се преглед на стока, проверка на постоење, веродостојност и точност на документите, преглед на деловни книги и други евиденции, преглед и претрес на транспортни средства, преглед и претрес на личен багаж и друга стока која ја носат лицата со или на себе, спроведување на службени истраги и други слични дејствија во поглед на запазување на царинските прописи, а кога е потребно и на други прописи кои важат за стока која е предмет на царински надзор (точка 8); Транспортни средства се секакви патнички и товарни возила, вклучувајќи запрежни коли, приколки или полуприколки, авиони, возови, вагони, чамци, бродови, амфибиски возила, хидроплани, други контејнери, како и сите други средства кои можат да се користат за транспорт на лица и стоки (точка 9); Технички надзор е мерка на набљудување, увид и документирање на движење на стоки, транспортни средства и лица со примена на аудио, видео и други технички средства (точка 10) и Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа (точка 11).
Оспорената одредба од Законот е поместена во делот Општи одредби и дефиниции каде што е утврдено дека Царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на царинската управа.
Поради наведеното, Судот оцени дека со ваквата формулација постојат уставни противречности и не се работи само за одделниот поим употребен во овој закон, туку и нејаснотија и конфузност која следи од нејасната одредба.
Од цитираната содржина на член 2 точка 11 произлегува дека тој се повикува на Закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 2 точка 11 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од член 2 точка 11, со принципот на владеењето на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Ова од причини што владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот подразбира во правниот поредок да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување преставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со означениот дел на член 2 точка 11 од Законот.
Со оглед на тоа што во текстот на изменетиот член 2 точка 11 од Законот за царинската управа воопшто не е направена корекција на поранешниот Закон за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост со другиот Закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2015), кој е веќе во сила, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето на уставноста бидејќи уредува примена на непостоечко право во Законот, со што се повредува уставниот принцип на владеење на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни одредби поради што основано се тврди во иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот со што се повредувало начелото на владеењето на правото, кое се обезбедува преку членот 51 од Уставот, според кој, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Ова од причина што создадената норма не треба да биде лесно разбирлива само за оној што ја креирал, туку и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа се царинските прекршоци предвидени во Законот за царинската управа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.100/2016
31 мај 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски