Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 мај 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 13 од Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данок на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2006, 116/2007, 126/2007, 145/2008, 41/2011, 150/2011, 147/2012, 117/2014, 31/2016 и 222/2016), донесена од Владата на Република Македонија.
2. Зоран Величковски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 13 од Одлуката означена во точка 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорената точка 13 од Одлуката не била во согласност со членовите: 8, 9, 33, 51, 55 и 88 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 30 став 1 точка 16 од Законот за данокот на додадена вредност.
Поточно, со означената законска одредба било определено дека повластена даночна стапка од 5% се применува врз прометот и увозот на бебешки производи и тоа: креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во кола, када, хранилка, цуцла, шише и пелени за бебиња. Согласно ставот 3 од членот 30 од Законот за данокот на додадена вредност, Владата на Република Македонија поблиску ги определува добрата од ставот 1 на овој член кои подлежат на повластена стапка на данок на додадена вредност.
Во членот 30 став 1 точка 16 од Законот биле наброени повеќе бебешки производи за кои се применува повластена даночна стапка од 5%, а законодавецот ги навел само вообичаените називи под кои се определувале наброените бебешки производи, без да го определи материјалот од кои тие се изработени, нивниот облик и слично и не определил што точно се подразбира под поимите: транспортер и релаксатор. Според вака дадениот опис со Одлуката на Владата морале да бидат опфатени креветчиња, релаксатори и бебешки столчиња за хранење изработени од било каков материјал, меѓу кои и метал. Потоа под поимот „транспортер“ требале да бидат опфатени и „кенгури“, а под поимот „релаксатор“ требало да бидат опфатени сите призводи кои служат за релаксирање, одмор и опшутање на бебињата, меѓу кои и лулашките.
Со Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данок на додадена вредност не биле опфатени бебешки креветчиња, седишта за возило, транспортери, релаксатори и хранилки од метал, односно метални скелети, ниту биле опфатени „кенгурите“ и лулашките.
Ваквата селективност не била во согласност со Уставот и цитираните уставни одредби, како и со Законот за данокот на додадената вредност, а поради следните причини:
Означената одлука морала да биде во согласност со Уставот и Законот за данокот на додадената вредност, морала да важи за сите поддеднакво и да обезбеди еднаква положба на сите субјекти на пазарот. Меѓутоа оспорената одредба од Одлуката не била во согласност со член 30 став 1 точка 16 од Законот за данокот на додадената вредност затоа што ја ограничувала примената само на одделни производи, односно не ги опфаќала: бебешките креветчиња, седиштата за возило, транспортерите, релаксаторите и хранилките од метал, ниту „кенгурите“ и лулашките. На тој начин истата не важела за сите подеднакво, односно граѓаните кои ќе купеле бебешки производи кои не биле опфатени во Одлуката наместо данок на додадена вредност од 5% ќе морале да платат данок на додадена вредност од 18%. Одлуката не обезбедувала еднаква правна положба на субјектите на пазарот, односно увозниците на бебешка опрема на кој начин се намалувала нивната конкуреност на пазарот.
Во два одделни, дополнителни поднесоци, подносителот на иницијативата појаснува дека конкретни правни лица водат управни постапки во врска со оспорената одредба, бидејќи требало да платат данок на додадена вредност од 18%, а не од 5%, а заради долготрајноста на постапките можеле да настанат тешко отстранливи последици, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба, да донесе решение за запирање на извршувањето на сите поединечни акти на Царинската управа за дополнително евидентирање на царинскиот долг, а потоа оспорената одредба да ја поништи.
Инаку подносителот на иницијативата го идентификува оспорениот акт од Одлуката како точка 13, но Судот утврди дека неговата прецизна нумерација, според службено објавениот текст на Одлуката, е член 2 став 1 точка 13. Повикувањето во иницијативата на службените гласила бр.45/2014 и 160/2016 е погрешно, бидејќи од содржината на актите кои се објавени во наведените гласила Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данок на додадена вредност или нејзини измени и дополнувања не е предмет на објавување. Во претходната постапка, Судот, покрај ваквите недостатоци, преку увид во регистарот на службеното гласило „Службен весник“, утврди дека предмет на оспорување е член 2 став 1 точка 13 од Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данок на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2006, 116/2007, 126/2007, 145/2008, 41/2011, 150/2011, 147/2012, 117/2014, 31/2016 и 222/2016), донесена од Владата на Република Македонија. Оттаму, член 2 став 1 точка 13 од Одлуката беше предмет на уставно-судска анализа.
3. Судот на седницата, утврди според член 2 став 1 точка 13 од Одлуката, повластената стапка на данокот на додадена вредност во смисла на член 30 од Законот се применува врз прометот и увозот на бебешки производи и тоа: креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во возило, када, хранилка, цуцла, шише и пелени за бебиња распоредени во следниве тарифни броеви од Царинската тарифа:
Ред. бр. Глава/Тарифен број Наименување на стоките според Номенклатура на царинска тарифа
(1) (2) (3)
1 Ех.9403 60 90 00 — Друг мебел;Друг дрвен мебел *Бебешко креветче од дрво
2 Ех.9403 89 00 00 –Друг мебел; Мебел со други материјали,вклучувајќи и трска,врба,бамбус или слични материјали; Друго *Бебешко креветче од друг материјал
3 Ех.8715 00 10 00 – Бебешки колички
4 Ех. 9401 61 00 00 — Седишта; Други седишта, со дрвени скалети; тапацирани *Бебешки седишта за возила, транспортер,релаксатор,хранилки
5 Ех. 9401 69 00 00 –Седишта;Други седишта,со дрвени скелети;други *Бебешки седишта за возила, транспортер,релаксатор,хранилки
6 Ех. 9401 71 00 00 –Седишта;Други седишта,со метални скелети; тапацирани *Бебешки седишта за возила, транспортер,релаксатор,хранилки
7 Ех. 9401 79 00 00 –Седишта; Други седишта *Бебешки седишта за возила, транспортер,релаксатор,хранилки
8 Ех 9401 80 00 00 Седишта; Други седишта, со метални скелети; Други *Бебешки седишта за возила, транспортер,релаксатор,хранилки
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7 од Уставот, едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото; поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и слободата на пазарот и претприемништвото.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Во членот 88 од Уставот е определено дека, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/99, 86/99, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16 и 189/2016), со овој закон се воведува данокот на додадена вредност и се уредува неговото пресметување и плаќање. Данокот на додадена вредност, како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако поинаку не е пропишано со овој закон.
Предмет на оданочување со данок на додадена вредност, според членот 2 од истиот закон се: прометот на добра и услуги кој се врши со надоместок во земјата од страна на даночниот обврзник во рамките на неговата стопанска дејност и увозот на добра.
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека законодавецот има уставно право со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, ова уставно право не е ограничено по однос на предметот на оданочување. Во рамките на остварувањето на ова уставно право законодавецот со Законот за данокот на додадена вредност не само што го вовел овој вид на данок, туку го уредил и начинот на неговото пресметување и плаќање, со тоа што го утврдил предметот на оданочување, даночните обврзници, даночните стапки (општа и повластена), ослободувањата и другите погодности, административните обврски на даночните обврзници, присилната наплата на данокот и друго.
Во член 30 став 1 точка 16 од Законот за данокот на додадена вредност е определено дека, повластена даночна стапка од 5%, меѓу другото, се применува и врз прометот и увозот на бебешки производи, и тоа: креветче, количка, транспортер, релаксатор, седиште за во возило, када, хранилка, цуцла, шише и пелени за бебиња.
Според член 30 став 3 од Законот, Владата на Република Македонија поблиску ги определува добрата и услугите од ставовите 1 и 2 на овој член кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност.
Од анализата на оваа одредба произлегува дека законо-давецот децидно не навел дека производите „кенгур“ и детска лулашка се оданочуваат со повластена даночна стапка. Дали пак истите треба да се сметаат како еден вид на транспортер или релаксатор, како што смета подносителот на иницијативата е прашање на толкување на законската норма кое спаѓа во надлежност на законодавецот, а не во надлежност на Уставниот суд. Од друга страна, законодавецот има уставна слобода при нормирањето да определи кои предмети и услуги, според даночната политика, во даден момент ќе бидат оданочувани според општата или повластената даночна стапка.
Инаку, во иницијативата погрешно се тврди дека во Одлуката не е предвидено даночна повластена стапка за детските креветчиња, седишта, транспортери, релаксатори и хранилки направени од метална конструкција, туку само за предметите направени од дрвена конструкција, бидејќи од содржината на оспорената одредба произлегува спротивното, односно сите наведени производи со метален скелет, според специфичен тарифен број, имаат повластена даночна стапка.
Судот, имајќи предвид дека Владата на Република Македонија при креирањето на оспорениот член 2 став 1 точка 13 од Одлуката се движела во рамките на овластувањата од членот 30 став 3 од Законот на начин што поблиску ги определила добрата кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, оцени дека со одредбата е направено поединечно и подетално утврдување и дефинирање на повластената стапка за претходно законски определените бебешки производи со повластена даночна стапка. Оттаму, Владата постапила согласно овластувањата предвидени во членовите 88 и 91 алинеи 1 и 5 од Уставот.
Прашањето пак како оспорената одредба се применува во практиката не е во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.
Од сето наведено произлегува дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Судот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.
Судот, врз основа на направената анализа оцени дека оспорениот член 2 став 1 точка 13 од Одлуката е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7, член 9 став 2, член 33, член 51, член 55 и член 88 од Уставот и со член 30 став 1 точка 16 од Законот за данокот на додадена вредност.
5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.2/2017
31 мај 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски