У.бр.126/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 9 од Правилникот за начинот и постапката за избор на член на управен одбор и на надзорен одбор на пензиско друштво, донесен од Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.175/2013 и 131/2016).

2. КБ Прво друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови АД Скопје, преку полномошник адвокат Жарко Хаџи-Зафиров од Адвокатско друштво БОНА ФИДЕ Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 на ова решение.

Со иницијативата најнапред се предлага поништување или укинување на членот 9 од Правилникот поради тоа што бил во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, како и со членовите 51, 95 и 96 од Уставот на Република Македонија, потоа со членовите 17 и 52-а од Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и со членот 28 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Во образложението на иницијативата се наведува дека член 17 став 3 од Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и член 28 став 3 од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување определиле како се постапува во ситуација кога е намален бројот на членови на управниот одбор под законски утврдениот број, при што тие законски одредби пропишале дека надзорниот одбор го именува вршителот на должноста, од своите редови. Но, оспорениот член 9 од Правилникот определил поинаков начин и постапка на избор на вршителот на должноста член на управен одбор при намален број на членови во тој орган така што пропишал дека пензиското друштво доставува: барање за добивање на одобрение, програма за работење предложена од кандидатот за вршител на должноста член на управен одбор, спроведува интервју, издава одобрување на именувањето, доставува до Агенцијата заверена копија од извршениот упис на вршителот на должноста член на управен одбор во Централниот регистар во рок од 5 дена. Таквиот начин и постапка, според член 17 став 6 точка б) и став 10, потоа според член 52-а став 1 точка ј) од Законот за задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување, како и според член 28 став 6 точка б) од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата можела да ја уреди со свој акт само при избор на член на управен одбор на пензиско друштво, а не и при избор на вршител на должност член на управен одбор. Оттука можело да се заклучи дека Агенцијата уредила прашање кое требало да биде законски уредено, односно Агенцијата со членот 9 од Правилникот излегла од рамките на надлежностите пропишани во наведените законски одредби и го повредила член 17 став 3 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување така што наметнала обврски кои не биле предвидени во закон, со што оспорената одредба од Правилникот значела навлегување на извршната во законодавната власт, поради што оспорената одредба не била во согласност со наведените уставни и законски одредби.

3. Судот на седницата утврди дека означениот правилник е донесен врз основа на член 17 став 10 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Членот 9 од Правилникот гласеше: „Доколку надзорниот одбор на пензиското друштво од своите редови именува вршител на должноста член на управен одбор, пензиското друштво доставува барање за добивање на одобрение со одлука од надзорниот одбор која стапува на сила по добивање на одобрение од Агенцијата. Исто така, пензиското друштво доставува програма за работење на пензиското друштво и пензиските фондови изработена од предложениот член на управен одбор за неговиот делокруг на работа“ (став 1). „Советот на експерти на Агенцијата спроведува интервју, согласно член 6 на овој правилник, со предложениот кандидат за вршител на должноста член на управен одбор“ (став 2). „Советот на експерти на Агенцијата донесува решение за одобрение на именувањето од став 1 на овој член, кое не може да биде подолго од шест месеци од денот на издавањето на одобрението или решение за одбивање на барањето“ (став 3). „По конечноста на решението за одобрение од став 2 на овој член пензиското друштво поднесува барање до Централниот регистар за упис на вршителот на должност член на управен одбор“ (став 4). „По добивање на одобрението за именување на вршител на должноста член на управен одбор, пензиското друштво доставува до Агенцијата заверена копија од решението за извршен упис на вршителот на должноста член на управен одбор во Централниот регистар на Република Македонија, во рок од 5 дена од извршениот упис“ (став 5).

Судот исто така утврди дека после приемот на иницијативата во Уставниот суд, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување донесе Правилник за измена на Правилникот за начинот и постапката за избор на член на управен одбор и на надзорен одбор на пензиско друштво („Службен весник на Република Македонија“ бр.131/2016), при што во член 9 став 2 од Правилникот од 2013 година зборот: „спроведува“ го замени со зборовите: „може да спроведе“.

4. Според член 17 од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015 и 30/2016), врз основа на кој член е донесен Правилникот, „Управниот одбор на друштвото е составен од најмалку два члена“ (став 1). Во ставот 2 од истиот член се определува дека „Надзорниот одбор на друштвото е составен од најмалку четири члена“.

Според член 17 став 3 од Законот, „Доколку се намали бројот на членови на управен одбор под оној предвиден во ставот 1 од овој член, надзорниот одбор од своите редови именува вршител на должност член на управен одбор. Членот на надзорен одбор кој е именуван за вршител на должност во период на извршување на оваа должност, не може да учествува во донесување на одлуките што се во надлежност на надзорниот одбор. Вршителот на должност е предмет на упис во Централниот регистар.“

Во ставот 4 од наведената законска одредба се определува дека „За член на управен одбор и надзорен одбор може да се именува лице кое, покрај условите предвидени во Законот за трговските друштва, ги исполнува и следниве услови: а) има високо образование; б) има работно искуство од најмалку пет години во областа на правото, банкарството, сметководството, осигурувањето, управување со средства и инвестирање, управување со задолжителни пензиски фондови или финансиски услуги од кои три години работно искуство на раководна позиција; в) не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во областите наведени во точката б) на овој член; г) не е осудувано за кривично дело од областа на финансиите и банкарството и предизвикување на стечај на правно лице; и д) поседува репутација со што ќе се обезбеди сигурно и стабилно работење на друштвото и пензискиот фонд.“ Во ставот 5 од истиот член на Законот се предвидува дека „Агенцијата по службена должност обезбедува информации од надлежните институции во Република Македонија од ставот 4 точки в) и г) на овој член, а странецот сам обезбедува вакви информации од надлежните институции во странската земја.“

Според член 17 став 6 од Законот, „Покрај условите од ставот 4 на овој член, член на управен одбор на друштвото дополнително треба да ги исполни следниве услови: а) да ги познава прописите од областа на капитално финансираното пензиско осигурување; и б) да достави програма за работење на друштвото и пензискиот фонд од својот делокруг на работа.“ Според ставот 7, „Најмалку еден од членовите на управниот одбор треба да има положен испит за инвестиционен советник или друг соодветен испит од надлежна институција во странство.“

Во ставот 8 се определува дека „При изборот на членовите на надзорен одбор се назначува кои членови се избираат како независни членови на надзорен одбор“, а во ставот 9 се предвидува дека „Членовите на управниот одбор на друштвото, по добивањето на одобрение од Агенцијата треба да се вработат во друштвото.“

Според член 17 став 10 од Законот, „Агенцијата поблиску ги уредува начинот и постапката за избор на член на управен одбор и надзорен одбор на пензиско друштво.“

Во врска со прашањето покренато со иницијативата, Судот утврди дека од изнесените законски одредби произлегуваат следните начела: управниот одбор на пензиско друштво мора да има најмалку два члена (став 1); член на управен одбор мора да исполни и други два законски услови покрај оние што се определени за членовите на надзорниот одбор на пензиското друштво (ставовите 4 и 6); најмалку еден од членовите на управниот одбор треба да има положен испит за инвестиционен советник или друг соодветен испит (став 7); членовите на управниот одбор треба да се вработат во друштвото за разлика од одделни членови на надзорниот одбор (ставовите 8 и 9).

Овие законски начела, според мислењето на Судот, имаат важност и во ситуација кога бројот на членовите на управниот одбор ќе се намали под два члена односно кога тој орган ќе се состои само од еден член. Имено, за таа ситуација Законот определил дека надзорниот одбор, од своите редови, ќе именува вршител на должност член на управен одбор (став 3), но дали конкретен кандидат член на надзорен одбор ги исполнува законските услови за да биде именуван за вршител на должност член на управен одбор, неопходно е да се спроведе определена постапка, за што Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување има начелно законско овластување со свој акт да ја уреди таа материја (став 10). Поинаквото интерпретирање на значењето на член 17 став 10 од Законот, при намален број на членови на управен одбор на пензиско друштво, би значело дека за вршител на должност член на управен одбор може да се именува член на надзорен одбор иако не ги исполнува другите услови од членот 17 на Законот, а тоа не е во функција на интересите на граѓаните кои се задолжителни капитално финансирани пензиски осигуреници. Оттука, Судот оцени дека членот 9 од Правилникот има основа во член 17 ставот 10 од Законот, а со тоа оспорената одредба не е во несогласност со другите уставни и законски одредби наведени во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.126/2016
31 мај 2017 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски