Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 мај 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на висина и наплата на надоместок за гробарина, бр.02-3731/5 од 05.07.2010 година, донесена од Управниот одбор на ЈПКД “Комуналец”-Струмица („Службен гласник на Општина Струмица“ бр.12 од 16.07.2010 година).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот за давање согласност на Одлуката за утврдување на висина и наплата на надоместок за гробарина бр.07-4256/1 од 14.07.2010 година, донесен од Советот на Oпштина Струмица.
3. Бранко Достинов и други од Струмица до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со член 9 точка 7 од Законот за гробишта и погребални услуги во кој се предвидувало дека за одржување на гробиштата, носителот на гробното место на управителот на гробиштата му плаќал гробна такса (гробарина) во висина на реалните трошоци за одржување на гробиштата. Во член 52 став 4 од Уставот било предвидено дека законите и другите прописи не можеле да имаат повратно дејство (ретроактивност) освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Подносителите на иницијативата сметаат дека одлуката има повратно дејство бидејќи од страна на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица било поднесено Известување до граѓаните на Oпштина Струмица дека согласно оваа одлука висината на гробарината изнесува 600,00 денари годишно на секој носител на гробно место, но кога некој граѓанин би склучил договор за носител на гробно место и регулирање на гробарина, истовремено морал да уплати и износ од 4.000,00 денари, односно за седум години наназад, од донесувањето на Одлуката што била во спротивност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за утврдување на висина и наплата на надоместок за гробарина во член 1 уредува дека се определува висината и наплата на надоместок за гробарина и тоа 600.00 денари годишно на секој носител на гробно место.
Според член 2 од Одлуката oваа одлука за утврдување на висината и наплата на надоместок за гробарина влегува во сила по добивањето согласност од Советот на Oпштина Струмица.
Со оспорениот Заклучок за давање согласност на Одлуката за утврдување на висина и наплата на надоместок за гробарина во точка 1 се утврдува дека се дава согласност на Одлуката за утврдување на висина и наплата на надоместок за гробарина, донесена од Управниот одбор на ЈПКД „Комуналец“–Струмица, бр.02-3731/5 од 05.07.2010 година.
Во точката 2 од Заклучокот се утврдува дека Одлуката на Управниот одбор на ЈПКД „Комуналец“, ќе се објави во „Службен гласник на општина Струмица“.
Според точката 3 овој Заклучок влегува во сила по објавувањето во „Службен гласник на општина Струмица“.
5. Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок кога е тоа поповолно за граѓаните.
Законот за гробишта и погребални услуги („Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2008, 156/2010, 53/2011, 163/2013 и 152/2015), ги уредува начинот на определување, изградба, одржување, употреба и видови на гробишта, управување со гробиштата, употреба на гробно место и гробница, условите и начинот на вршење на погребалните услуги, изградба на надгробни споменици, како и надзор над спроведувањето на овој закон (член 1).
Со член 2 од Законот се утврдува дека гробиштата како добра во општа употреба се во сопственост на Република Македонија, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин утврден со овој закон.
Во член 3 точка 6 од Законот се определува дека носител на гробно место е физичко лице кое има лична службеност на гробно место востановена на товар на градежно земјиште на Република Македонија. Според член 3 точка 10 од Законот, управител на гробишта е јавно претпријатие или друго правно лице кое врши работа на изградба, реконструкција, управување и одржување на гробиштата. Во точката 11 од членот 3 на истиот закон, се определува дека гробна такса (гробарина) е надоместок за одржување на гробиштата.
Според членот 5 од Законот, управувањето со гробиштата и давањето на погребални услуги како дејности од јавен интерес во надлежност на единиците за локалната самоуправа, се вршат под услови и начин утврдени со овој закон.
Во член 9 став 5 од Законот се уредува дека одржувањето на гробиштата опфаќа одржување на: придружни објекти, улици, патеки и зелени површини во гробиштата – јавна чистота на гробиштата и гробниците и инсталациите.
Според член 9 став 7 од Законот за одржувањето на гробиштата, носителот на гробното место на управителот на гробиштата му плаќа гробна такса (гробарина) во висина на реалните трошоци за одржување на гробиштата.
Според член 9 став 9 од истиот закон, висината на гробарината од ставот (7) на овој член ја определува управителот на гробиштата во согласност со органите на општината, општините во Градот Скопје, односно Градот Скопје, според големината и бројот на гробните места.
Согласно член 17 став 1 точка 10 од Законот, управителот на гробиштата е должен да ја определи висината и наплатата на надоместокот за одржување на гробишта (гробарина).
Управниот одбор на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, врз основа на одредбите од Законот за гробишта и погребални услуги ја донел оспорената одлука, во чиј член 1 определува дека висината на наплатата на надоместок за гробарина е 600,00 денари годишно за секој носител на гробно место, а во членот 2 утврдува дека оваа одлука влегува во сила по добивањето согласност од Советот на Општина Струмица.
Советот на Општина Струмица со оспорениот заклучок дава согласност на оспорената одлука кој заклучок, според точката 3 влегува во сила по објавувањето во „Службен гласник на општина Струмица“.
Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски одредби Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената одлука ниту со Уставот на Република Македонија, ниту со одредбите од Законот за гробишта и погребални услуги.
Имено, од увидот во содржината на оспорената одлука, поточно од членот 2 на истата, неспорно произлегува дека Одлуката влегува во сила по добивањето на согласност од Советот на Општина Струмица, што значи нејзината важност е во иднина, а нема важност години наназад, како што се тврди во иницијативата, поради што според Судот нема повреда на член 52 став 4 од Уставот, односно истата нема ретроактивно дејство, како што се тврди во иницијативата.
Наводот дека носителите на гробното место со дополнително известување од ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, биле задолжувани при склучување на договор да плаќаат износ од 4.000,00 денари, односно за седум години наназад од донесување на одлуката, не ја доведува во прашање уставноста на оспорената одлука. Ова од причина што во случајов станува збор за примена на донесената одлука, па доколку навистина се постапува на начин како се тврди во иницијативата, согласно Законот за облигационите односи, странките, односно граѓаните можат да ги остварат своите права во редовна граѓанска постапка.
По однос на наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се повредувал членот 9 став 7 од Законот, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што со ставот 7 на член 9 од Законот се задолжува носителот на гробно место на управителот на гробиштата да му плаќа гробарина во висина на реалните трошоци за одржување на гробиштата. Меѓутоа, подносителите на иницијативата при ваквото тврдење не го имаат во вид ставот 9 на членот 9 од Законот, според кој висината на гробарината ја определува управителот на гробиштата во согласност со органите на општината.
Во конкретниов случај управителот на гробиштата, ЈПКД „Комуналец“ – Струмица (јавно претпријатие во смисла на член 3 точка 10 од Законот), согласно овластувањата дадени во член 9 став 9 и член 17 став 1 точка 10 од Законот ја определил висината на гробарината, за што со оспорениот заклучок добива согласност од Советот на Општина Струмица, односно ја определил висината и наплатата на надоместок за одржување на гробишта (гробарина).
Од наведените причини Судот оцени дека оспорената одлука не може да се доведе под сомнение по однос на член 52 став 4 од Уставот и одредбите од Законот за гробишта и погребални услуги, на кои се упатува во иницијативата.
6. По однос на оспорениот заклучок, Судот оцени дека истиот нема карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа.
Имено, според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.
Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.
Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото.
Меѓутоа, во конкретниот случај оспорениот заклучок се однесува на конкретно правен проблем, односно правна ситуација (давање согласност на одлука), поради што не ги содржи потребните правни елементи, односно општи норми на однесување, и како таков , според Судот, не е акт подобен за уставно судска оцена, поради што во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на овој дел од иницијативата.
7. Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.25/2017
25 мај 2017 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски