У.бр.149/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 17 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 во делот „мнозинство сопственици“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010).

2. Домника Плашеска од Прилеп до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одредби во делот „мнозинство сопственици“ не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 30 од Уставот бидејќи законодавецот различно постапил во уредувањето на правото за лица со ист статус и правна положба при што останатите сопственици на станови кои не дале согласност биле доведени во нерамноправна положба во однос на сопствениците на станови кои дале согласност.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 101 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), за стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на деловните простории во зградата, односно на влезот во зградата.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 173/2007 од 19 декември 2007 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 во деловите „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „ во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и член 83 став 3 алинеја 2 во деловите „согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005).

Имено, во наведеното решение по направената уставно- судска анализа, Судот утврди дека во однос на прашањето за пропишувањето на согласноста на мнозинството сопственици на становите во зградата, односно на влезот во зградата како услов за одобрување пренамена на стан, дел од стан, помошна и заедничка просторија за вршење деловна дејност, кое се покренува со иницијативата, Уставниот суд на Република Македонија оценил дека тоа не претставува повреда на принципите на владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, поради што не повел постапка за оценување на уставноста на член 101 став 1 во деловите „по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „ во зградата, односно на влезот во зградата“ од Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001) и на член 83 став 3 алинеја 2 во деловите „согласност на мнозинството сопственици на становите“ и „во објектот, односно дел од објектот што претставува функционална и градежна целина“ од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005).

Според Судот, претходната согласност на мнозинството сопственици на станови на зградата односно на влезот на зградата, утврдена како еден од условите кои треба да се исполнат при пренамена на објектите за вршење на деловна дејност, е условена токму со промената на основната намена на деловите на објектите. Ова особено поради тоа што при пренамената не би требало да се тргнува само од интересот на поединецот, туку и од интересот на другите станари и на заедницата во целина. Имено, во моментот на стекнување на правото на сопственост, објектот бил со една намена и стекнувачот знаел и очекувал дека станот го зема како станбен простор за живеење во објект кој е предвиден како станбена зграда, па подоцнежната пренамена на делови од зградата од станови, помошни станбени простории или заеднички простории во деловен простор, може да доведе до повредување на неговото право на несметано користење на станот, поради што законодавецот основано оценил дека, покрај исполнувањето на другите услови, за пренамената е потребна и јасно искажана согласност на мнозинството сопственици на становите.

Судот, исто така, утврдил дека Законот за сопственост и други стварни права не содржи одредби според кои барателот на пренамената на објектот би можел во управна или судска постапка, да ја докажува и обезбеди согласноста на мнозинството сопственици за пренамената, доколку таква согласност не е обезбедена. Меѓутоа, ваква постапка не е пропишана ни за обезбедување на другите услови неопходни за одобрување на пренамената, доколку тие не се исполнети. Оттука, произлегува дека законодавецот оценил дека пренамената на објектот е можна единствено и само доколку се исполнат сите пропишани услови и дека не е дозволено било кој од овие услови да биде заменет со управен или судски акт, што според Судот, е во функција на заштита на сопственоста. Од друга страна, согласно Законот за градење, одобрение за градење, односно за адаптирање со пренамена на станбен во деловен простор, издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините на Градот Скопје, во постапка која се води согласно со одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој закон поинаку не е уредено. Против одобрението за градење, односно против решението со кое се одбива барањето за издавање на одобрение за градење, градителот може да изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот. Тоа значи дека законодавецот пропишал постапка за заштита на сопствениците доколку нивните права во постапката за пренамена на објектот бидат неосновано загрозени.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, во наведеното решение, Судот утврди дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во овој предмет. Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.149/2016
17.05.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски