У.бр.172/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 мај 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за утврдување цена на комунална услуга – собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад бр. 02-165/5 од 19.06.2015 година, донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора”.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Емил Османов, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.172/2016 од 29 март 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување цена на комунална услуга – собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад бр.02-165/5 од 19.06.2015 година, донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со Уставот и закон.

4. Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈКП „Скопска Црна Гора“ на деветтата седница одржана на 19.06.2015 година, ја донело оспорената одлука за утврдување цена на комунална услуга – собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад.

Согласно членот 1, предмет на оваа одлука, е утврдување на цената на комуналната услуга – собирање, транспортирање и отстрану­вање на комунален отпад од деловните објекти /простории сопственост на физички и правни лица.

Според членот 2 од оваа одлука, цената на комуналната услуга, собирање, транспортирање и отстранување на комунален отпад се утврдува по цена – денар/м2 месечно.

Во членот 3 од Одлуката, е утврдено дека цената за извршена услуга на корисниците од оваа одлука се утврдува на месечно ниво и тоа:

– за објекти/простории со површина до 100м2, 12 денари/м2 без ДДВ,
– за објекти/простории со површина над 100 м2, 3 денари/м2 без ДДВ.

Во членот 4 е утврдено дека со влегување во сила на оваа одлука, престанува да важи Одлуката бр.02-116/6 од 24.04.2015 година и со членот 5 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила по добивањето на согласност од Советот на Општина Чучер-Сандево.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и со законите.

Во член 1 став 1 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/1996, 9/1997, 6/2002, 19/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015 и 39/2016),е предвидено дека јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Република Македонија, општините и Градот Скопје можат да основаат јавни претпријатија во согласност со овој закон, со цел за вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија (став 2 од истиот член).

Во членот 11 точка 5 од наведениот закон,се предвидува дека основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпри­јатие ги продава и врши за корисниците доколку таквите цени не се предмет на регулирање од страна на независно регулаторно тело.

Според член 19 став 2 точка 7 од Законот за јавните претпријатија, Управниот одбор на јавното претпријатие ги утврдува цените на производите и услугите.

Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 71/2004, 107/2007, 102/2008, 143/2008, 82/2009, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 147/2013, 163/2013, 51/2015, 146/2015, 156/2015, 192/2015, 39/2016 и 63/2016), во членот 4 утврдува дека управувањето со отпадот е дејност од јавен интерес, која што се врши во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 6 точка 28 од овој закон, давател на услуга е јавно претпријатие основано од општините или градот Скопје и правно и физичко лице кое склучило договор за давање на услуга од јавен интерес од локално значење.

Согласно членот 46 став 1 од овој закон, собирањето и транспортирањето на комунален отпад, одржувањето на јавната чистота и третманот на комуналниот отпад, како и ракувањето и одржувањето на местата за селективно собирање на комуналниот отпад, претставуват јавни услуги од локално значење.
.
Во членот 121 став 1 од овој закон, е утврдено дека висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општините и градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општините и градот Скопје, кога давател на услугата е јавно претпријатие основано од општините и градот Скопје согласно членот 46 став 3 на овој закон.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад се утврдува со договорот од членот 46 став 4 на овој закон кога давател на услуга е правно и физичко лице.

Во ставот 3 од членот 121 од Законот е определено дека цената од ставовите 1 и 2 на овој член ќе биде определена врз основа на количеството и видот на отпадот која може да се утврдува според единица како денар по метар квадратен, денар по метар кубен и денар по килограм.

Од наведените законски одредби Судот оцени дека комунал­ната дејност собирање и транспортирање на комуналниот отпад можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините, кои како даватели на услугите, се овластени да ја утврдуваат и висината на цената и начинот на плаќањето на оваа кому­нална услуга и тоа по претходно одобрување од советот на општината.

Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“ ја донело оспорената одлука за утврдување на ценатa на комуналната услуга-собирање,транспортирање и отстранување на комунален отпад, а Советот на Општината Чучер-Сандево дало согласност на истата, со Одлука број 08-854/7 од 30.06.2015 година („Службен гласник на Општина Чучер Сандево“ број 7/2015)

Од содржината на оспорената одлука Судот утврди дека Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“, ја утврдило цената за услугата според единица денар по метар квадратен површина на деловните објекти односно простории, што е неспорно законски предвидена мерна единица. Меѓутоа, со оспорената одлука се врши различен третман и поделба на една цена за деловни објекти со површина до 100м2 и друга цена за деловни објекти со површина над 100м2.

Ваквото класифицирање на деловни објекти со групирање според големината на површината на просторот на објектите, при што во зависност од површината се определува една цена за површина до 100м2, а друга цена за површина над 100м2, нема законски основ и претставува нееднакво третирање на корисниците на деловните објекти во однос на цената за комуналната услуга која им се пресметува на месечно ниво доведувајќи ги во нееднаква положба деловните субјекти, што не е во согласност со одредбите од Законот за управување со отпад.

Имајќи го предвид наведеното, а со оглед на тоа што подзаконските акти мораат да бидат во согласност со Устав и закон, што воедно е и принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и член 121 став 3 од Законот за управување со отпад.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.172/2016
17 мај 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот Суд на Република Македонија
Никола Ивановски