У.бр.159/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на на членот 196 од Законот за семејство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014,115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. Ариф Османи од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 196 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 40 ставовите 1, 2 и 3 и со член 41 став 1 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што издржувањето на детето е обврска на двете страни и на мајката и на таткото без разлика дали тие се во брак, во вонбрачна заедница или се разведени, односно, дали се вработени или не.

Според подносителот, со оспорената одредба се навлегувало во една многу чувствителна сфера на семејството, а посебно на мајката и на таткото на детето.

Со овој член се нарушувала и прекршувала обврската родителите да можат на еднаков начин да го изржуваат своето дете, посебно во случаи кога тие се разведени, како и правото на детето да биде издржувано од страна на своите родители.

Иако донекаде овој закон може да ги задоволи интересите на детето во однос на издршката, но проблемот се појавува во случај кога издршката со судска одлука се определува во проценти, од каде се поставува прашањето што доколку обврзникот родител да плаќа издршка до донесување на судска пресуда бил вработен, а потоа по правосилноста на судската одлука го загубил своето работно место, во колкав процент ќе се определи издршката, а при тоа имајќи предвид дека неплаќањето на издршка е кривично дело согласно член 202 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Според подносителот доколку не дојде до спречување на примена на оспорениот член од Законот последиците ќе бидат огромни и се од различна природа за кои подносителот чувствува потреба да наведе некои од нив.

Така со оспорената одредба доаѓа до нееднаква положба на мајката и таткото спрема своето дете; родителите се должни да го издржуваат своето дете без разлика дали се вработени или не на ист начин како и родителите кои се заедно, а не се во работен однос; детето до своето полнолетство мора да биде згрижено од своите родители; правото на издршка за секое дете мора да биде загарантирано со законски акт, без да се остави можност за одбегнување на оваа должност, а посебно од страна на родителите; за реализирање на ова право на секое дете, а посебно кога родителите се во вонбрачна заедница или се разведени, издршката треба да биде определена во износ /сума, а не во процент како што е актуелното законско решение; оспорената одредба е непрецизна и нејасна што ја доведува во прашање правната сигурност на граѓаните и владеењето на правото и со ваквото законско решение може да дојде и до злоупотреба со одбегнување на плаќање на издршката на детето.

3. Според член 40 од Уставот: „Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството“ (став 1); „Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон“ (став 2 ); „Родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата“ (став 3).

Со членот 41 од Уставот се определува дека: „Право на човекот е слободно да одлучува за создавање на деца“ (став 1). „Републиката, заради усогласен економски и социјален развој, води хумана популациона политика“(став 2).

Во член 42 став 1 од Уставот се предвидува дека: „Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните деца.“

Според член 51 од Уставот: „Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1); „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другите, основните слободи и права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста (член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8), при што граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (член 9 став 1) и таа еднаквост се обезбедува со Уставот и со законите (член 9 став 2), така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот (член 51 став 1) и секој е должен нив да ги почитува (член 51 став 2). Во однос на децата овие начелни уставни одредби се поблиску разработени така што се определува дека човекот има право слободно да одлучува за создавање на деца (член 41 став 1), во кој случај родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата (член 40 став 3), а Републиката обезбедува посебна грижа и заштита на семејството (член 40 став 1), посебна заштита на мајчинството, децата и на малолетните деца (член 42 став 1), а должна е да води и таква политика за населението во целата држава која ќе обезбеди нејзин усогласен економски и социјален развој (член 41 став 2).

Со Законот за семејството (”Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015), се уредуваат: бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна зашита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството, издржувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство.

Според член 3 од Законот за семејството, односите во семејството се засноваат врз рамноправност, заемно почитување, меѓусебно помагање и издржување и заштита на интересите на малолетните деца.

Согласно член 11 став 1 од Законот, издржувањето е право и должност на родителите, на децата и на другите роднини утврдени со овој закон, како и на лицата кои живеат во брачна или вонбрачна заедница.

Во членовите 44,45 и 46 од Законот поместени во делот „Односи на родители и деца“ помеѓу другото, е предвидено:

Родителското право го сочинуваат правата и должностите на родителите да се грижат за личноста, правата и интересите на своите малолетни деца и децата над кои е продолжено родителското право (член 44).

Родителското право им припаѓа на мајката и на таткото подеднакво. Ако еден од родителите е умрен или не е познат или му е одземено родителското право или ако од други причини е спречен да го врши родителското право, родителското право го врши другиот родител (член 45).

Родителите имаат право и должност да ги издржуваат своите малолетни деца, да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување.

Детето има право да биде издржувано од своите родители, да биде згрижено, да биде заштитен неговиот живот и здравје, да биде оспособено за самостоен живот и работа, да му се обезбедат оптимални услови за семејството (член 46).

Во членовите 76 и 80 од Законот поместен во делот „Вршење на родителското право“ е предвидено дека:

Родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено. Во случај на несогласување на родителите во вршењето на родителското право решава центарот за социјална работа (член 76).

Со пресудата со која се разведува бракот судот ќе одлучи за чувањето, воспитанието и издржувањето на заедничките деца.

Ако родителите не се спогодиле за ова или ако нивната спогодба не одговара на интересите на децата, судот, откако ќе прибави мислење од центарот за социјална работа и ќе ги испита сите околности, ќе одлучи дали децата ќе останат на чување и воспитание кај еден родител или некои ќе останат кај мајката, а некои кај таткото или сите ќе бидат доверени на некое трето лице или установа.

Родителот на кого не му се доверени децата има право да одржува лични односи и непосредни контакти со нив, ако судот не определи поинаку со оглед на интересите на децата.

Судот, по барање на еден од разведените брачни другари или центарот за социјална работа, ќе ја измени одлуката за чување и воспитание на децата и за односите на разведените брачни другари спрема нивните заеднички деца, доколку тоа го бараат изменетите околности (член 80).

Согласно членот 83 од Законот за семејството, Центарот за социјална работа врши надзор над вршењето на родителското право.

Во членот 179 од Законот, поместен во делот „Издржување на децата,на родителите и на другите роднини е предвидено дека:

Родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца. Ако школувањето и стручното образование на децата продолжува и по полнолетството, родителите се должни, понатаму да ги издржуваат децата до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување на 26 годишна возраст.

Ако полнолетното лице е неспособно за работа поради болест, физички или психички недостаток, а нема доволно средства за живот и не може да ги добие од својот имот, родителите се должни да го издржуваат додека трае таа неспособност.

Во членовите од 194 до 202 поместен во поднасловот „Определување на издршка “ од Законот е предвидено:

При утврдување на потребата за издржување на лицето, судот ќе ја земе предвид неговата имотна состојба, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за неговите потреби.

Кога издршката се определува за дете судот ќе ја земе предвид и возраста на детето, како и потребите за неговото школување.

При утврдување на можностите на лицето кое е должно да дава издржување, судот ќе ги земе предвид сите негови приходи и вистинските можности за стекнување на заработка и неговите сопствени потреби и законски обврски по основ на издржувањето спрема други лица (член 194).

Според членот 195 од Законот, во спорот на родителите околу издржувањето на детето, судот како придонес за издржување на детето на родителот на кого детето му е доверено на чување и воспитание, ќе ги цени работата и грижата на тој родител кој ги внесува во воспитанието и подигањето на детето.

Во оспорениот член 196 од Законот, висината на издржувањето судот може да ја определи во определен износ или во процент од остварениот личен доход, односно од приходите и примањата остварени од вршење на друг вид дејност.

Според член 197 од Законот, Центарот за социјална работа може во име на малолетното дете да поведе спор за издржување, односно за зголемување на издржувањето, кога родителот кај кого детето се наоѓа на чување и воспитание, без оправдани причини, не го користи тоа право.

Ако родителот не бара извршување на досуденото издржување, центарот за социјална работа може во името на малолетното лице да поднесе предлог за извршување.

Според член 198 од Законот, Центарот за социјална работа ќе настојува родителите да се спогодат за издржувањето на детето односно за зголемување на придонесот во издржување на детето кога тоа го бараат зголемените потреби на детето или тоа го овозможуваат подобрените материјални прилики на давателот на издржувањето.

Според член 201 од Законот, заинтересираното лице може да бара судот да го зголеми, да го намали или да го укине издржувањето досудено со поранешна правосилна пресуда ако се измениле околностите врз основа на кои е донесена пресудата.

Во Законот за семејството односно во членовите од 274 до 279 е уредена постапката во споровите за издржување при што е утврдено дека:

Со пресудата со која бракот се поништува или се разведува, судот ќе донесе одлука за издржување на лицата утврдени во член 179 од овој закон ( член 274).

Одлука за издржување на детето судот може да донесе и во спорови за утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, кога донесувањето на оваа одлука, со оглед на исходот на спорот и околностите на случајот е можно и потребно (член 275).

Во спорот за издржување нема да се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка кои се однесуваат на постапката во спорови од мала вредност (член 276).

Во споровите за издржување на малолетно дете или полнолетно дете над кое е продолжено родителското право се применува одредбата од член 272 на овој закон (член 277).

Жалбата изјавена против одлуката на судот во споровите за издржување не го задржува нејзиното извршување (член 278).

Во споровите за издржување е дозволена ревизија (член 279).

Од анализата на целината на Законот за семејството, а посебно на наведените членови и оспорениот член 196, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што законодавецот на јасен и недвосмислен начин ги утврдил прашањата кои се однесуваат на тоа дека односите во семејството се засноваат на рамноправност; меѓусебно помагање и издржување на децата; заштита на интересите на малолетните деца; вршењето на родителското право и надзор на вршењето на родителското право како и правото на издршка на децата.

Вршењето на родителското право го сочинуваат права и должности на родителите подеднакво, што значи и на мајката и на таткото, освен во исклучителни случаи и тие се должни да се грижат за подигање, чување, воспитание и образование на своите деца како и да им ги развиваат работните способности и навики.

Во однос на издржувањето на малолетните деца, а во определени случаи и на полнолетните деца, исто така родителите имаат право и должност, а децата имаат право да бидат издржувани од своите родители, да бидат згрижени, да биде заштитен нивниот живот и здравје и да бидат оспособени за самостоен живот и работа.

Вршењето на родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено, а во случај на несогласување во вршењето на родителското право, законодавецот го вклучил и центарот за социјална работа.

Во случаите кога бракот се разведува, судот со пресудата по прибавено мислење на центарот за социјална работа кој ги испитува сите околности, а кои се од влијание на децата за заштита на нивните интереси, ќе одлучи за чување, воспитување и издржување на заедничките деца. Според Судот, законодавецот водел сметка во случај на развод на бракот на родителите, децата тој настан да не го почуствуваат во таков степен кој би го пореметил нормалниот раст, развој и материјалните потреби.

Понатаму, законодавецот во оспорениот член 196 од Законот, утврдил дека висината на издршката може судот да ја определи во одредена висина или процент, при што издршката определена со пресуда на судот согласно членот 201 од Законот, заинтересираното лице може да бара промена на пресудата во однос на утврдената висина на издршка на децата. Тоа во суштина значи можност за усогласување на висината на издршката со реалните можности на родителите и потребите на детето во текот на траењето на таа издршка,притоа определувањето на издршката во конкретна висина или процент е ирелевантно.

Исто така, законодавецот во врска со издршката на децата посебно ја уредил оваа постапка, што според мислењето на Судот при донесување на законот се водело сметка за повеќе околности кои се од влијание за заштита на интересите на децата.

Со оглед на наведеното , Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 196 од Законот за семејството со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

4. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.159/2016
12 април 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски