У.бр.114/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2017, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 и член 28 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за вонсудско спогодување означени во точката 1 од ова решение.

Според членот 2 од Законот, при спроведувањето на постапка за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции.

Во членот 1 од Законот за финансиска дисциплина („Службен весник на Република Македонија “ бр.187/2013, 201/2014 и 215/2015) било предвидено дека со овој закон се уредува навременото исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, заради спречување на неисполнување на паричните обврски во утврдените рокови согласно со овој закон.

Во членот 2 од истиот Закон било определено дека, овој закон се применува на деловните трансакции меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор, согласно со кои едната страна се обврзува да обезбеди стоки, услуги или вршење на работи, а другата страна се обврзува да ги исполни паричните обврски кои произлегуваат од трансакцијата.

Од содржината на оспорената одредба од Законот за вонсудско спогодување неспорно произлегувало дека при спроведување на постапките за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредби од друг пропис кој всушност во правниот поредок бил евидентиран како Закон за финансиска дисциплина.

Начелото на владеење на правото, предвидено во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, по својата суштина предвидувало дека во правниот поредок на Република Македонија треба да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Доколку тие во себе содржат упатување на примена на други одредби или примена на други прописи, потребно било тие да бидат дел од правниот поредок, односно нивниот назив да биде правилен, како не би дошло до забуна во операционализацијата. Тоа не било случај со оспорениот дел од одредбата.

Во член 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување било предвидено дека, извештајот за финансиската состојба и работењето на должникот содржи: финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство кои не се постари од три месеци од денот на поднесувањето на барањето за спроведување на постапката за вонсудско спогодување.

По однос на оспорениот дел: „Законот за сметководство“ од наведената одредба од Законот, подносителот на иницијативата укажува на членот 32 од Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2002) кој предвидел, по неговото влегување во сила, престанок на важење на Законот за сметководство и одделни одредби од Законот за буџетите.

Според тоа оспорениот дел упатувал на пропис кој престанал да важи што било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите, а потоа истите ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 2 од Законот за вонсудско спогодување, при спроведувањето на постапка за вонсудско спогодување ќе се применуваат и одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции.

Одредбата се оспорува во делот: „за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции“.

Според член 28 точка 1 од истиот закон, извештајот за финансиската состојба и работењето на должникот содржи (меѓу другото) и финансиски извештаи во согласност со Законот за сметководство кои не се постари од три месеци од денот на поднесувањето на барањето за спроведување на постапката за вонсудско спогодување.

Одредбата се оспорува во делот: „Законот за сметководство“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 2 од Законот за вонсудско спогодување упатува на примена на одредбите од Законот за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување.

Судот од увидот во регистрите на правни прописи, како и увидот на веб-страницата на Собранието на Република Македонија утврди дека во правниот поредок на Република Македонија не постои Закон за уредување на рокови за намирување на паричните обврски настанати при деловни трансакции при спроведување на постапката за вонсудско спогодување. Оттаму, оспорениот дел од членот 2 од Законот за вонсудско порамнување упатува на примена на непостоечки закон.

Дека наведениот закон не постои се потврдува и од мислењето на Владата на Република Македонија бр.42-5284/1 од 25.08.2016 година доставено до Судот по повод конкретната иницијатива. Во дописот се појаснува и тоа дека наведениот наслов е користен во почетната фаза од подготовката на Законот за финансиската дисциплина.

Членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување, пак предвидува извештајот за финансиската состојба да содржи финансиски извештаи согласно Законот за сметководство, кој е пропис што престанал да важи сметано од 26.07.2002 година кога влегол во сила Законот за сметководство за буџетите и буџетските корисници („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2002).

Имено, членот 32 од Законот за сметководството на буџет и буџетските корисници предвидел дека, со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за сметководството (“Службен весник на Република Македонија” бр. 42/93, 48/93, 6/95, 32/98, 39/99, 70/2001 и 36/2002).

Според тоа членот 28 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување упатува на примената на пропис кој престанал да важи.

Наведените факти не се оспоруваат од страна на Владата на Република Македонија во доставеното мислење. Според Владата во прашање е технички пропуст, кој заради економичност и ефикасност на постапката ќе биде надминат со измени на Законот, подготвени од Министерството за економија, кои до моментот на изготвување на ова решение не се направени.

Од наведеното произлегува дека членот 2 од Законот упатува на примена на пропис кој воопшто не постои во правниот поредок, а членот 28 од Законот упатува на пропис кој одамна престанал да биде дел од правниот поредок на Република Македонија, што според оцена на Судот ја доведува под сомнение согласноста на одредбите со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на владеење на правото. Ова од причина што не е во прашање незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на примена на непостоечки прописи, односно пропис кој не е дел од правниот поредок што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Судот оцени дека членот 2 и членот 28 од Законот за вонсудско спогодување треба да бидат ставени под сомнение по однос на нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како целини, а не само по однос на оспорените делови, бидејќи она што би останало по евентуалната интервенција не би можело да претставува целосна и правно логична норма со своја самостојна примена во правниот поредок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2016
12 април 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски