У.бр.106/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата донесена на 12 април 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВАAT

а) член 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево, бр.0202-290 од 28.10.2008 година, и
б) член 86 од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.220/2015).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Орданка Митевска и Јеле Јангеловска, двете од Општина Делчево, застапувани од полномошник Николчо Атанасовски-адвокат од Делчево, со Решение У.бр.106/2016 од 8 март 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 84 и 86 од колективните договори означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што се постави прашањето за согласноста на наведените одредби од колективните договори со Уставот на Република Македонија и со Законот за работните односи.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево, бр.0202-290 од 28.10.2008 година, е предвидено дека: „Ако работникот самоволно без причини од член 100 на ЗРО даде отказ без отказен рок работодавачот поради пореметување на работниот процес и настанатата штета, има право да бара обесштетување во висина од една или три месечни плати во зависност од работните задачи што ги извршува работникот.“

Судот исто така утврди дека во членот 86 од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.220/2015) постои одредба со иста содржина како оспорената одредба од членот 84 на Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево. Имено, членот 86 од наведениот грански колективен договор гласи: „Ако работникот самоволно без причини од член 100 на ЗРО даде отказ без отказен рок работодавачот поради пореметување на работниот процес и настанатата штета, има право да бара обесштетување во висина од една или три месечни плати во зависност од работните задачи што ги извршува работникот.“

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1) и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, дека тие вредности се остваруваат така што граѓаните се еднакви пред Уставот и законите и дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Правата на вработените и нивната положба, пак, се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 1 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016), работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Во членот 12 од Законот за работните односи е определено дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон (став 2). Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон (став 3).

Од изнесените законски одредби произлегува дека работниот однос се уредува со закон, колективен договор и со договор за вработување, при што со колективен договор не може да се определат помали права за работниците односно може да се определат само права кои се поповолни за работниците отколку што се определени со овој закон.

Во врска со откажувањето на договорот за вработување, членот 70 од Законот за работните односи определува дека „договорните страни можат да го откажат договорот за вработување со отказен рок“ (став 1), а во случаите определени со закон, и без отказен рок (став 2).

Според член 80 став 1 од Законот, „ако работникот го откажува договорот за вработување, отказниот рок е еден месец. Со договорот за вработување или со колективниот договор може да биде договорен подолг отказен рок, меѓутоа не подолг од три месеци.“

Во членот 100 од Законот е определено дека „работникот може по истекот на три дена откако претходно писмено го предупредил работодавачот на исполнувањето на обврските, да му го откаже договорот за вработување, ако:

1) работодавачот повеќе од три месеци не му обезбедува работа и така не му ја исплаќа определената плата;
2) не му е овозможено вршење на работата заради одлука на надлежната инспекција за забрана на вршење на работниот процес или забрана на примена на средствата за работа подолго од 30 дена и работодавачот не му ја исплаќа законски определената плата;
3) работодавачот најмалку три месеца исплаќа намалена плата за работата;
4) работодавачот три пати последователно или во период од шест месеца не исплаќа плата за работата во законски, односно договорно определениот рок;
5) работодавачот не ја обезбедува заштитата на работникот при работа, а работникот претходно побарал отстранување на заканувачката непосредна и неизбежна опасност за животот и здравјето;
6) работодавачот го навредува и насилнички се однесува кон него или наспроти неговите предупредувања не го спречува таквото однесување од страна на другите работници;
7) работодавачот не му обезбедува еднаков третман со оглед на полот и
8) работодавачот ништо не презел работникот да не стане жртва на полово вознемирување“ (став 1). Според став 2, „работникот во случај на отказ заради однесувањата од ставот 1 на овој член има право на испратнина и на обесштетување најмалку во висина на изгубената плата за времето на отказниот рок.“

Од изнесените законски одредби произлегува дека откажувањето на договорот за вработување во принцип се врши со отказен рок, па кога работникот го поднесува отказот, отказниот рок според Законот е еден месец или според договорот за вработување односно колективниот договор тој рок може да трае до три месеци. Но, Законот определува и ситуации во кои откажувањето на договорот за вработување од страна на работникот може да биде и без отказен рок, тоа се ситуациите утврдени во член 100 став 1 од Законот, па во тие ситуации работникот има право на испратнина и на обесштетување.

Во врска со надомест на штета што е предизвикана на работодавачот од страна на работникот, членот 156 од Законот определува дека „работникот кој на работа или во врска со работата намерно или од тешка небрежност му предизвика штета на работодавачот е должен да ја надомести“ (став 1). „Ако повеќе работници предизвикаат штета секој меѓу нив е одговорен за оној дел на штетата што го предизвикал“ (став 2). „Ако за секој работник не е можно да се утврди колкав дел од штетата предизвикал, сите работници се еднакво одговорни и ја надоместуваат штетата во еднакви делови“ (став 3). „Ако повеќе работници предизвикале штета со намерно казниво дејствие, за штетата се солидарно одговорни“ (став 4).

Според член 157 од Законот, „ако утврдувањето на висината на штетата би предизвикало несразмерни трошоци, обесштетувањето може да се определи во паушален износ, ако случаите на штетните дејствија на работникот и висината на паушалното обесштетување се определени со колективен договор.“

Од цитираните законски одредби произлегува дека работникот има обврска да ја надомести штетата предизвикана на работодавачот ако намерно или од тешка небрежност при вршењето на работата или во врска со работата предизвика штета, при што обесштетувањето на работодавачот може да се определи и во паушален износ доколку утврдувањето на висината на штетата би предизвикало несразмерни трошоци, но во таа ситуација со колективен договор мора да се определат случаите на штетните дејствија на работникот и висината на паушалното обесштетување.

Во конкретниот случај, оспорениот член 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево уредува ситуација кога (1) работникот ќе даде отказ без отказен рок и без да наведе причина определена во членот 100 став 1 од Законот за работните односи, при што во тој случај (2) работодавачот има право на обесштетување во висина од една или три месечни плати на работникот во зависност од работните задачи што ги извршувал работникот, поради пореметување на работниот процес и настанатата штета од тоа за работодавачот. Но, Судот оцени дека определувањето во колективен договор обврска на работникот да го обесштети работодавачот при таков отказ од страна на работникот, во ситуација кога Законот за работните односи не предвидува таква обврска за работникот, значи предвидување во колективниот договор одредба која не е поповолна за работникот и претставува помало право за работникот од правата што тој ги има според Законот за работните односи. Поради тоа, Судот утврди дека таквата одредба од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево не е во согласност со член 12 ставовите 2 и 3 од Законот за работните односи, според кои со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон и дека со колективен договор може да се определат права кои за работниците се поповолни отколку што ги определува Законот за работните односи, а со тоа ниту со другите наведени законски одредби, како и со означените одредби од Уставот на Република Македонија.

Тргнувајќи од тоа дека содржината на членот 86 од Колективниот договор за текстилна индустрија на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.220/2015) е иста со содржината на членот 84 од Колективниот договор во АД „Палтекс“ од Делчево, Судот утврди дека и членот 86 од наведениот грански колективен договор не е во согласност со наведените уставни и законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.106/2016
12 април 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски