У.бр.176/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 април 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 99 став 4 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

2. „НЛБ Банка“ – АД Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената законска одредба законодавецот го исклучил загарантираното право на жалба на одлуките на судовите во прв степен, односно го исклучил правото на двостепеност против ваквото решение кое претставува основ за упис на правата во соодветните јавни книги. Со определеното законско решение, според подносителот на иницијативата се повредувал Амандман XXI од Уставот на Република Македонија поради што предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја укине оспорената одредба на член 99 став 4 од Законот за стечај.

3. Судот на седницата утврди дека според член 99 став 4 од Законот за стечај доколку имотот од стечајната маса не бил продаден ниту по три обиди на начин определен во членот 98 став 2 од овој закон, стечајниот судија во рок од осум дена, по предлог на стечајниот управник, носи решение за намирување на доверителите со распределба на имотот, правата и побарувањата кои влегуваат во стечајна маса. Против ова решение не е дозволено право на жалба.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандман XXI е заменет членот 15 од Уставот. Според став 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за стечај се уредуваат целите и условите за отварање на стечајната постапка, органите на стечајната постапка, управувањето и располагањето со имотот што влегува во стечајната маса, намирувањата на побарувањата на доверителите во стечајната постапка, правните последици од отварањето на стечајната постапка, планот за реорганизација, личното управување, ослободувањето од другите обврски, посебните видови стечајни постапки за поединци со статус на трговец, стечајна постапка со странски елемент и други прашања во врска со стечајот (член 1).

Во оспорениот член 99 од Законот се предвидува дека:

„(1) Во случај кога се врши продажба на имотот по електронски пат, продажбата секогаш се врши без објавување на почетна цена.
(2) Доколку при електронската продажба на имотот со прибирање на писмени понуди е понудена определена цена, на предлог на стечајниот управник, во рок од три дена стечајниот судија свикува собрание на доверители кое треба да се одржи најдоцна во рок од 15 дена од денот на свикувањето. Собранието на доверители носи одлука дали имотот ќе биде продаден по постигната цена.
(3) Во случај кога собранието на доверители нема да донесе одлука, односно не е одржано, решение за продажбата носи стечајниот судија во рок од три дена по денот за кој било свикано собранието на доверители. Против ова решение не е дозволено право на жалба.
(4) Доколку имотот од стечајната маса не бил продаден ниту по три обиди на начин определен во членот 98 став (2) од овој закон, стечајниот судија во рок од осум дена, по предлог на стечајниот управник, носи решение за намирување на доверителите со распределба на имотот, правата и побарувањата кои влегуваат во стечајна маса. Против ова решение не е дозволено право на жалба(оспорен став).
(5) Доколку во постапката за впаричување не бил продаден имотот врз кој е воспоставено заложно право, различниот доверител има право да ја продолжи постапката за реализација на заложното право преку друг надлежен орган“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот прокламира двостепеност во одлучувањето на судовите, како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на уставноста и законитоста во остварувањето на слободите и правата на граѓаните.

Уставот го гарантира ова право без оглед на видот на судот, територијата на која тој ја остварува надлежноста или пак видот на споровите што се водат пред него, што значи дека ова право се гарантира секогаш кога е донесена одлука на суд во првостепена постапка.

Меѓутоа, имајќи ги во вид наведените уставни одредби како и анализата на целината на Законот за стечај како и оспорениот член 99 став 4 од Законот за стечај, Судот оцени дека во конкретниот случај не се повредува уставно загарантираното право на жалба предвидено во Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, од причина што целта на законодавецот со Законот за стечај е почитувањето на начелата на итност, судското раководење со постапката, како и воспоставување на органи на стечајната постапка, престанок на постоење на извесен правен субјект кој се занимава со дејност од која остварува приходи во услови кога тој правен субјект не работи рентабилно.

Со вака поставениот концепт, во интерес на државата е на пазарот да не егзистираат правни субјекти кои во определен временски период не ги почитувале законите и работат нерентабилно и тие треба да бидат ликвидирани во интерес на слободата на пазарот и претприемништвото, а со тоа во правниот промет да егзистираат платежно способни правни субјекти.

Фактот што оспорениот став 4 на членот 99 од Законот за стечај изречно определува дека посебна жалба не е дозволена,не го чини истиот неуставен. Ова, од причина што доверителите во текот на стечајната постапка активно учествуваат во целиот процес, односно во текот на сите три обиди на продажба на имотот од стечајната маса, по кој стечајниот судија, по предлог на стечајниот управник, носи решение за намирување на доверителите со распределба на имотот, правата и побарувањата. Законското уредување против ова решение доверителите да немаат право на жалба, според Судот, не го повредува правото на жалба, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член од Законот не е во согласност со Уставот.

Ова од причина што законодавецот, почитувајќи го уставно гарантираното право на жалба, а со цел да се испита законитоста на овој вид на решенија кои можат да бидат од влијание на одлуката за главната расправа, а притоа, да се спречат евентуалните злоупотреби, пропишал дека против решенијата против кои не е дозволена посебна жалба, жалба може да се изјави по конечната одлука, односно остварувањето на правото на жалба е одложено до моментот на донесување на конечна одлука на судот за главната работа.

Тргнувајќи од наведените уставни норми и анализата на целината на Законот за стечај во кој согласно членот 7 соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено, Судот оцени дека со оспорениот член 99 став 4 од Законот за стечај не се повредува начелото на владеењето на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд. Имено, според Судот подносителот на иницијативата оспорената одредба ја гледа изолирано сама за себе што е сосема погрешно, наместо истата да ја гледа во контекст на целината на Законот.

Од наведената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за стечај со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.176/2016
12 април 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски