У.бр.43/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 и член 82 став 2 во деловите „Законот за државните службеници“ од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005, 120/2005 и 51/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта, оспорените одредби не биле јасни, прецизни и концизни норми и не биле во духот на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби во себе содржеле упатување на примена на други одредби од Законот за државните службеници кој престанал да се применува на 13.02.2015 со влегувањето во сила на Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014). Од наведените причини, предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите и истите да ги укине.

3. Судот на седница утврди дека според член 7 став 2 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005, 120/2005 и 51/2011), кога на установата и се доверени јавни овластувања на лицата вработени во установата кои ги вршат овие работи се применуваат одредбите од Законот за државните службеници.

Согласно член 82 став 2 од Законот за установите е уредено дека, со законот со кој се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста од јавен интерес, може да се пропише дека вработените во установата правата и обврските од работниот однос ги остваруваат согласно Законот за државните службеници и колективен договор.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, е уредено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со член 112 став 1 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015 и 5/2016), е утврдено дека со денот на започнувањето со примената на овој закон престануваат да важат Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/ 2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013 и Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ број 52/2010, 36/2011, 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).

Според член 113, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува една година од денот на влегувањето во сила.

Законот за административни службеници е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014 од 5 февруари 2014 година, што значи дека влегол во сила на 13 февруари 2014 година, а неговата примена започна на 13 февруари 2015 година, кога согласно погоре цитираниот член 112 од овој закон, престана да важи Законот за државните службеници.

Судот на седница утврди дека со наводите во иницијативата се оспоруваат делови од одредби од Законот за установите поради тоа што упатуваат на друг закон кој не бил дел од правниот поредок. Притоа, кај оспорениот дел од членовите 7 и 82 од овој закон се укажува дека истиот упатувал на примена на Законот за државните службеници кој престанал да важи со отпочнувањето на примената на Законот за административните службеници.

Наводите во предметната иницијатива всушност се сведуваат на барање до Уставниот суд преку покренување на уставниот механизам за оценување на уставностa на одредби од закон, да се впушти во постапување со цел да се изврши корекција на оспорените делови поради упатување на друг закон кој не бил дел од правниот поредок, а кое нешто законодавецот не го сторил.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во член 110 од Уставот на Република Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот оцени дека треба да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед дека наводите се сведуваат на барање на постапување на овој суд што е во надлежност на законодавецот кој ги креира, изменува и дополнува законите кои ги донесува, а преку кое се врши меѓусебното усогласување на истите.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.43/2016
29.03.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски