У.бр.55/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот 5 од табелата на деловни простории од Одлуката за продажба на деловен простор со кој стопанисува акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, заведена под бр. 42-13495/1-15 од 5 јануари 2016 година.

2. Здружението за угостителство и туризам „КЛУБ ЕСНАФ“ од Битола, застапувано од Борче Христовски, адвокат од Битола до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одлука било одлучено да се изврши продажба на повеќе недвижности – деловен простор, со кој стопанисувало Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, кои биле таксативно набројани во содржината во членот 1 од Одлуката. Во делот 5 од табелата од членот 1 од Одлуката било наведено дека се продава деловен простор во Општина Битола, на улица „Маршал Тито“ бр.45 со површина од 34 м2 – приземје, поподробно опишано во ИЛ. Бр.93486 за КО Битола 3.

Во продолжението на иницијативата е наведено дека наведениот објект претставувал културно и историско наследство и бил заштитен и прогласен за споменик на културата согласно со закон, а кој како таков согласно одредбата од Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија не можел да биде предмет на продажба.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека цитираната одлука во оспорениот дел кој се однесувал на продажбата на деловниот простор била спротивна на член 3 став 1 точка 2 од Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија и како таква била незаконита. Исто така, оспорената одлука не била во согласност со член 51 од Уставот, според кој покрај законите и сите други прописи мора да бидат во согласност со Уставот и со закон и поради тоа во иницијативата се предлага одредбата на член 1 во делот 5 од табелата на деловни простории од одлуката да биде укината.

3. Судот на седница ја утврди содржината на оспорениот акт.

О Д Л У К А
ЗА ПРОДАЖБА НА ДЕЛОВЕН ПРОСТОР СО КОЈ СТОПАНИСУВА АКЦИОНЕРСКОТО ДРУШТВО ЗА ИЗГРАДБА И СТОПАНИСУВАЊЕ СО СТАНБЕН ПРОСТОР И СО ДЕЛОВЕН ПРОСТОР ОД ЗНАЧЕЊЕ ЗА РЕПУБЛИКАТА – СКОПЈЕ

Член 1

Да се изврши продажба на недвижна ствар – деловен простор со кој стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, кој се наоѓа на:

Член 2

Се овластува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје да ја води постапката за јавно наддавање и да склучи договор за продажба на деловниот простор.

Член 3

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Бр. 42-13495/1-15
5 јануари 2016 година
Скопје

Заменик на претседателот
на Владата на Република Македонија,
м-р Зоран Ставрески, с.р.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992).

Врз основа на член 4 став 3 од Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/13, 69/13, 27/14, 42/14, 178/14, 180/14, 51/15, 61/15, 129/15 и 2/2016), Владата на Република Македонија, на седницата, одржана на 5 јануари 2016 година, ја донесе Одлуката за продажба на деловен простор со кој стопанисува акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, заведена под Бр. 42-13495/1-15 од 5 јануари 2016 година.

Во членот 1 од Одлуката, е уредено да се изврши продажба на недвижна ствар – деловен простор со кој стопанисува Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, кој се наоѓа на: улица „Маршал Тито“ бр.45 во Битола со површина од 34м2 кататарска општина КО 9030/0 запишан во Имотен лист бр. 97483 и претставува деловен простор, сопственост на Република Македонија, даден на стопанисување на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје, а кои треба да се продадат меѓу кои и предметниот објект.

Според член 2 од Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 13/13, 69/13, 27/14, 42/14, 178/14, 180/14, 51/15, 61/15, 129/15 и 2/2016) под деловен простор, во смисла на овој закон, се смета деловниот простор: даден на стопанисување на трговски друштва основани од државата; во сопственост или даден на користење на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата и други институции основани од државатa и во сопственост или даден на користење на трговски друштва во доминантна сопственост на државата.

Според член 3 став 1 алинеја 2 од Законот, предмет на продажба според одредбите на овој закон не е деловниот простор: – што претставува објекти кои се културно и историско наследство и се заштитени и прогласени за споменици на културата согласно со закон.

Согласно член 4 став 2 од овој закон, продажбата на деловен простор од членот 2 од овој закон ќе се врши врз основа на одлука на Владата на Република Македонија на предлог на субјектот во чија сопственост е деловниот простор, односно на кој му е даден на стопанисување или користење, а давањето под закуп ќе се врши врз основа на одлука донесена од страна на субјектите од членот 2 од овој закон.

Со донесената одлука се уредуваат прашањата кои се однесуваат на физичкиот обем на деловниот простор кој е предмет на продажба (површина, ниво, број на имотен лист, катастарска парцела, катастарска општина, вкупна почетна цена (проценета пазарна вредност) за секој деловен простор и се овластува субјектот кој ќе ја води постапката за јавно наддавање и ќе склучи договор за продажба на деловниот простор.

По однос на наводите во иницијативата, дека конкретниот деловен простор кој се наоѓал во склоп на објектот претставувал културно и историско наследство и бил заштитен и прогласен за споменик на културата, и оттука, како таков, не можел да биде предмет на продажба согласно одредбите од Законот за продажба и давање под закуп на деловни згради и деловни простории на Република Македонија, Судот оцени дека тоа претставува фактичко прашање за кое Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Судот на седница утврди дека оспорената одлука претставува конкретен акт на Владата на Република Македонија и тргнувајќи од содржината на оваа одлука, Судот оцени дека истата не може по својот карактер да претставува пропис, во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, бидејќи со неа не се уредуваат на општ начин односите на субјектите во правото и не се утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото. Оттука, оспорената одлука според Судот создава права и обврски за одреден број лица за точно дефиниран број на случаи и истата нема карактер на пропис и не може да биде предмет на уставно-судска оценка.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2016
29.03.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски