У.бр.148/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 15 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 3 од Уредбата за определување на условите и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок („Службен весник на Република Македонија“ бр.127/2008 и 82/2016).

2. Македонската традиционална карате федерација, застапувана од претседателот на федерацијата проф. Венцислав Недев и Јадранка Недева-Јарчевска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 9 став 3 од Уредбата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите кои се идентични, одредбата од член 9 став 3 од Уредбата била спротивна на начелото на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Имено, според подносителите еднаш стекнати права кои произлегуваат од Уставот и законите на Република Македонија согласно член 54 од Уставот на Република Македонија не можат да бидат одземени или ограничени освен во случаите утврдени со оваа одредба од Уставот. Со членот 9 став 1 од Уставот на Република Македонија загарантирана е еднаквоста на граѓаните без оглед на нивните лични карактеристики, верски, политички или други различности, а во ставот 2 од овој член 9 утврдено е дека сите граѓани на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите.

Подносителите на иницијативата наведуваат дека Уредбата е донесена врз основа на член 50-б став 3 од Законот за спортот („Службен весник на Републик Македонија“ бр. 29/2002, 96/2004, 81/2008, 19/2011, 51/2011, 64/2012, 148/2013, 187/2014, 42/2014, 177/2014, 72/2015, 6/2016, 55/2016, 61/2016, 106/2016, 190/2016) чија содржина ја цитираат во поднесокот и наведуваат дека од неа произлегувале условите и околностите врз основа на кои на спортистите им се доделува национално спортско признание за врвно спортско остварување и паричен износ по тој основ, при што јасно било определено врз основа на кои освоени резултати спортистите се стекнувале со законско право на ова признание. Поради тоа неспорно било дека со членот 50-б став 3 од Законот за спортот било утврдено дека условите од членот 50-а од Законот, начинот на доделување на ова признание и висината на паричен надоместок поблиску треба да ги уреди Владата на Република Македонија од каде произлегувало дека со Уредбата требало јасно и прецизно да се доуредат посочените околности, а не да се внесува конфузност со употреба на непрецизни, нејасни, недоречени и одредби спротивни на Уставот и законите.

Правата на спортистите кои ги оствариле пропишаните резултати определени со члеот 50-а од Законот за спортот на националното спортско признание и на паричен надомест по тој основ претставуваат законски стекнати права.

Токму за тие права државата е должна да се грижи и да ги поттикнува како вид на економски, социјални и културни права кои произлегуваат од член 47 став 5 од Уставот.

Согласно посоченото, секое понатамошно доуредување на со закон стекнатите права, согласно Уставот не смее да претставува укинување или ограничување на оние кои веќе се стекнати.

Наспроти ова од начинот на кој е пропишан членот 9 став 3 од Уредбата, произлегува дека е спротивен на член 50-а и член 50-б став 3 од Законот за спортот.

Понатаму, според подносителите членот 9 став 3 од Уредбата бил во спротивност со член 51 и член 47 став 5 од Уставот.

Ова од причина што наместо недвосмислено и точно определување на сите околности како што е предвидено во член 50-б став 3 од Законот за спортот, со членот 9 став 3 од Уредбата е внесена потполна конфузија со употреба на терминот „потребна документација“ без прецизирање на тоа кои се тоа „потребни документи“, поради што оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 2 и член 54 од Уставот.

За подносителите на иницијативите не е спорен фактот дека спортистите со право на национално спортско признание за врвен спортски резултат и соодветен паричен износ по овој основ се стекнуваат врз основа на освоени резултати, прво, второ и трето место, односно златни, сребрени и бронзени медали на интернационални натпревари (европски, светски) во олимписки и неолимписки спортови согласно условите пропишани со Законот, што се потврдува и со Правилникот за категоризација на спортисти од Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2002 и 50/2004) го цитираат членот 1 и 2 од наведениот правилник.

Со оспорената одредба од член 9 став 3 од Уредбата, спротивно на Уставот, Законот за спортот и Правилникот за категоризација на Агенцијата за млади и спорт неосновано му е овозможено дискреционо да одлучува:

1) кои се документи можат да се сметаат за „потребна документација“ и
2) истовремено и незаконски противуставно му е овозможено дискреционо да одлучува да не ги верификува освоените резултати врз основа на кои спортистите веќе се стекнале со своите законски права на Национално спортско признание, а тоа во случај кога организаторите на интернационални натпревари кои се надлежни да ја изработат документацијата – дипломите доцнат со доставување на документацијата што во реалноста често се случува особено во оние спортови каде постојат голем број на натпреварувачи од многу различни држави (на пр. карате – традиционално и модерно, борење и слично.

Како пример во поткрепа на иницијативата за појасно претставување на последиците кои произлегуваат од оспорениот член 9 став 3 од Уредбата е неговиот личен пример како освојувач на резултатот во традиционално карате и на уште двајца други спортисти од истиот спорт.На овие лица директорот на Агенцијата не им доделил национални признанија, за што се води постапка пред Управниот суд.

Понатаму, подносителите наведуваат дека од листата од 2008 и 2009 година, која ја доставуваат во прилог произлегувало дека со национално спортско признание и соодветен надоместок се стекнале и спортисти кои своите резултати ги оствариле многу години па и децении наназад во поранешна југословенска репрезентација, а кои потекнуваат од Република Македонија, а за кои нивните матични федерации не поднеле ниту можеле да поднесат потребни документи.

Притоа од ниту една друга одредба од Уредбата не произлегува дека посочениот рок од 30 дена за доставување на документација до завршување на интернационалните првенства се однесува исклучиво на оние натпревари и резултати кои биле одржани по донесување и влегување во сила на Уредбата, ниту се уредени околностите врз основа на кои национално спортско признание и паричен надомест им се доделува на спортисти наназад.

Според тоа, а заради пропишаниот рок од членот 9 став 3 од Уредбата за доставување на потребната документација, во период од 30 дена од денот на завршување на првенството не може да се однесува ниту на можноста определена од членот 50-а од Законот за спортот за доделување на признание на поединец од особено меѓународно значење и вредност или резултат кој е од светски или европски рекорд во олимписки спортови освен на официјален меѓународен натпревар.

Со ваквиот начин на доуредување на одредбите од Законот за спортот според подносителите, членот 9 став 3 од Уредбата во потполност е излезен надвор од интенцијата на законодавството, а со тоа се ставаат во нерамноправна положба спортите кои својот придонес го дале по донесување на Уредбата во однос на оние кои го сториле тоа пред донесувањето.( Во прилог на наведеното подносителите се повикуваат на категоризираните спортисти од 1934 до 1955 („Службен весник на Република Македонија“ бр. 144/2009).

Оттука, според подносителите Уредбата, односно членот 9 став 3 бил нејасен и непрецизен по однос на користениот термин „потребна документација“ од причина што рокот од 30 дена може да биде пробиен без вина на националните спортски федерации кои се задолжени за доставување на истите. Истовремено, според подносителите Уредбата не се упатува на ниту еден друг пропис со помош на кој вакви реални ситуации би биле решени, со што спортистите би ги изгубиле правата кои ги стекнале врз основа на Законот за спортот. Исто така подносителите наведуваат дека од Законот за спортот не произлегувало дека на Агенцијата за млади и спорт – односно директорот му е утврдено дискреционо право по истекување на рокот да може да го одбијат и верификуваат стекнатиот резултат, односно да можат да одбијат на спортистите да им ги признаат правата со кои се стекнале со освоените резултати.

Воедно, според подносителите со член 9 став 3 од Уредбата се повредувале економските, социјалните и културните права на спортистот кои произлегуваат од член 47 став 5 од Уставот што попрецизно се уредува со членовите 22, 23, 24, 25 и 26 од Законот за спортот со кои е пропишано дека Република Македонија има јавен интерес во однос на спортот.

Напротив, со оспорената одредба, според подносителите не се штити јавниот интерес, туку се нарушуваат врз основа на закон стекнатите права на спортистите и спортските екипи кои оствариле врвно спортско достигнување и се стекнале со услови за доделување на национално спортско признание за врвно спортско остварување и паричен надоместок.

Од наведените причини подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член, а до завршување на постапката да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот член 9 став 3 од Уредбата.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 9 став 3 од Уредбата е предвидено дека „Националните спортски федерации во период од 30 дена по завршување на европските и светските првенства доставуваат комплетна документација за предложените спортисти и спортски екипи репрезентации за доделување на Национално спортско признание.“

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и другите видови на творештво, а според ставот 5 од наведениот член Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Од наведените уставни одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите произлегува дека уставно утврдената улога на Републиката да го поттикнува и помага спортот ја изразува комплементарноста, односно заемниот интерес на граѓанинот како поединец и на државата во задоволување и остварување на правата и интересите од областа на спортот.Токму во таа насока е донесен Законот за спортот.

Со Законот за спортот (”Службен весник на Република Македонија” број 29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011 и 64/2012, 148/13, 187/13, 42/14, 138/14, 177/14, 72/15,153/15, 6/16,106/16, 55/16, 61/16 и 106/16) се уредуваат условите и начинот на вршењето на дејноста спорт заради остварување на јавниот интерес во спортот во надлежност на Република Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, стопанисувањето со објектите за спорт во сопственост на Република Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и други прашања од значење за спортот (член 1).

Во членовите 22 и 22-а глава III поместен во делот „Јавен интерес во спортот“ од Законот утврдени се надлежностите за остврување на јавниот интерес во областа на спортот во Република Македонија, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје.

Според член 22-б од Законот, за остварување на јавниот интерес во спортот утврден во членовите 22 и 22- а на овој закон, органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, можат да основаат фондација за развој на спортот, во согласност со закон.

Согласно членот 23 од Законот, за остварување на работите од јавен интерес од член 22 на овој закон, Владата на Република Македонија донесува Програма за развој на спортот (во натамошниот текст: Програма), за период од пет години.

Средствата за остварување на Програмата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Според член 50 од Законот, верификацијата на спортист од светска категорија и спортист од меѓународна категорија, врши органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

Националните спортски федерации должни се навреме да достават комплетна документација за предложените кандидати за категоризирани спортисти. Податоците особено треба да содржат: меѓународен календар на светската или европската федерација; билтен од меѓународниот натпревар, а доколку е остварен рекорд и записник и стручно лице – тренер, кој го води спортистот или екипата; адреса; електронска пошта, веб страна на Меѓународната спортска федерација и други податоци што се значајни за остварениот резултат

Верификацијата на спортист од државна категорија врши Националната спортска федерација, која до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, доставува листа со документација на спортистите од државна категорија, заради евиденција согласно со член 48 став 4 од овој закон.

Во членот 50-а од Законот, спортист државјанин на Република Македонија, може да стекне национално спортско признание.

Национално спортско признание се доделува за врвно спортско остварување на спортистите, како признание за освоен златен, сребрен и бронзен медал, односно за освоено прво, второ и трето место на олимписки игри, параолимписки игри, шаховска олимпијада, светски и европски сениорски првенства во олимписки и параолимписки спортови.

Националното спортско признание може да се додели и на спортисти за освоен златен медал, односно прво место на светски и европски сениорски првенства во неолимписки и непараолимписки спортови кои во Република Македонија имаат подолга традиција.

Националното спортско признание може да се додели и во случаи каде што спортското остварување на поединец има особено меѓународно значење и вредност или во случаите на остварување на резултат кој е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар.

Во членот 50-б од Законот е предвидено дека на спортистот кој стекнал национално спортско признание му се доделува плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена во Република Македонија во претходната година.

Средствата од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија, а се исплаќаат преку органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот. Условите од членот 50-а на овој закон, како и начинот на доделување на националното спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок, поблиску ги уредува Владата на Република Македонија со уредба.

Од анализата на наведените законски одредби јасно и недвосмислено произлегува дека спортот е дејност од јавен интерес, која ги опфаќа сите форми на спортски активности на спортистите од сите возрасти како и спорско рекреативните активности на граѓаните.За остварување на јавниот интерес во областа на спортот во членовите од 22 до 26 од Законот утврдени се надлежностите на Републиката и општините како и активностите на Владата во смисла на донесување на годишна програма што ја предлага органот на државната управа, годишен извештај ( Агенција за млади и спорт), како и уредба со која поблиску се утврдува начинот на доделување на национално спортско признание и висината на паричниот надомест.

Тргнувајќи од наведените законски овластувања,врз основа на член 50-б став 3 од Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/02, 96/04 и 81/08), Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 29.09.2008 година, донела Уредба за определување на условите и начинот на доделување на национално спортско признание за врвно спортско остварување и висината на паричниот надоместок. Уредбата содржи 14 члена.

Од анализата на наведената уредба произлегува дека со неа се уредуваат условите и начинот на доделување на Национално спортско признание за врвно спортско остварување како и утврдување на висината на паричниот надоместок чија рамка е утврдена во членот 50-б од Законот за спортот. Понатаму, во Уредбата е утврдено доделување на 1) национално спортско признание за учество во олимписки и параолимписки спортови на спортисти и спортски екипи кои освоиле златен, сребрен или бронзен медал односно освоиле прво,второ или трето место, 2) национално спортско признание за врвни остварувања во неолимписки и непараолимписки спортови на поединци кои освоиле златен медал,односно за освоено прво место кои во Република Македонија имаат подолга традиција, меѓу кои е традиционалното карате, 3) национално спортско признание за освоен европски и светски рекорд во олимписки спортови,4) национално спортско признание се доделува и во случаи кога спортското остварување на спортистот има особено меѓународно значење и вредност.

Од анализата на оспорениот член 9 од Уредбата, произлегува дека националното спортско признание го доделува органот на државната управа од областа на спортот, при што Македонскиот олимписки комитет во период од 30 дена по завршување на олимписките и параолимписките игри до наведениот државен орган доставува комплетна документација за предложените спортисти и спортски екипи, репрезентации и учесници на олимписките и параолимписките игри за добивање на Национално спортско признание. За доделување на Национално спортско признание на спортистите поединци кои освоиле златен медал односно прво место на светски и европски првенства во неолимпиоски и непараолимписки првенства Националните спортски федерации во рок од 30 дена по завршување на првенството доставуваат комплетна документација за предложените спортисти и спортски екипи-репрезентации до надлежниот орган.Во Уредбата исто така, е пропишана и потребната документација која Македонскиот олимписки комитет и националните спортски федерации во предвидениот рок треба да ги достават до надлежниот орган а тоа се: билтен од меѓународниот натпревар; доколку е остварен рекорд и записник за рекордот; име и презиме на стручно лице – тренер, кој го води спортистот или екипата адреса; електронска пошта; веб страна на меѓународната спортска федерација и други податоци што се значајни за остварениот резултат.

За остварениот резултат и доделеното национално спортско признание спортистот добива и паричен надоместок чија висина во рамките на Законот е разработена со Уредбата во зависност од тоа дали спортските остварување се постигнати на олимписки, параолимписки, светски, европски, неолимписки и непараолимписки остварувања.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека со предвидениот рок од 30 дена што е утврден за националните спортски федерации кои по овој рок, а по завршување на првенствата треба да достават потребна документација за добивање на национално спортско признание, не се ограничува правото за добивање на Национално спортско признание и паричен надомесок за постигнат резултат. Дали во практиката предвидениот рок надлежните субјекти го почитуваат или не го почитуваат е фактичко прашање кое излегува надвор од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наводите на подносителите на иницијативите се неосновани, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на член 9 став 3 од Уредбата со одредбите на Уставот и Законот за спортот на кој се повикуваат подносителите на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.148/2016
15 март 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски