Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 15 март 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на годишната Програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.12/2016).
2. Џеладин Караман и други од Охрид, преку Адвокатското друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски од Охрид, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на годишната Програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година („Службен гласник на Општина Охрид“ бр.12/2016).
Според наводите во иницијативата, оспорената програма не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 31 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Во делот на Програмата кој се однесува на Локацијата бр. 6 во која се опфатени објектите во сопственост на подносителите на иницијативата, бил повреден принципот на владеењето на правото. Во врска со овие локации, односно катастарски парцели, Советот на Општина Охрид во текот на 2013 година донел одлуки за утврдување на потреба од измена на урбанистичко-планската документација заради усогласување на намените на земјиштето и трасите на сообраќајната инфраструктура за реализација на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и согласно тие одлуки на Советот, подносителите на иницијативата повеле постапки за утврдување на правен статус на бесправни објекти, (за објектите во локацијата бр.6 од Програмата). Подносителите сметаат дека Советот на Општина Охрид не можел да ги внесе во оспорената програма овие објекти, од причина што нивните сопственици повеле постапка за утврдување на правен статус на бесправен објект согласно наведениот закон, што значи дека нивните објекти не можеле да се сметаат за времени објекти и требало да бидат изземени од Програмата за поставување на времени објекти. Со нивното противуставно и незаконито вклучување во Програмата била создадена правна несигурност како елемент на принципот на владеењето на правото што е темелна вредност на уставниот поредок.
Програмата за поставување на времени објекти во Општина Охрид за 2016 година во делот на Локацијата бр. 6 била незаконита и спротивна на членот 31 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Имено согласно наведената одредба, постапките за отстранување на објектите од значење за Републиката согласно Законот за градење, како и управните и судските (кривичните) постапки во врска со изградба на бесправни објекти со наведената намена, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон. Според тоа, Советот на Општина Охрид немал законска можност во оспорената програма да ги вклучи објектите изградени на катастарските парцели од Локацијата бр. 6 за кои биле поведени постапки за утврдување правен статус на бесправен објект, бидејќи согласно наведената одредба од Законот, сите управни постапки требало да бидат запрени.
Поради наведените причини, со иницијативата се бара Уставниот суд да поведе постапка за оцена на уставноста и законитоста на оспорениот акт во однос на Локацијата бр. 6 и по спроведената постапка да го поништи во оспорениот дел.
Со иницијативата, исто така, се бара Судот да донесе решение за запирање на спроведувањето на Програмата за поставување времени објекти во Општина Охрид за локација бр. 6 бидејќи со нејзиното извршување би настанале тешко отстранливи последици по однос на подносителите на иницијативата.
3. Судот на седницата утврди дека Програмата за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година ја донел Советот на Општина Охрид на 11 јули 2016 година и таа е објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.12/2016.
Со иницијативата е оспорен делот од Програмата кој се однесува на Локацијата бр. 6 .
Во Програмата во однос на ЛОКАЦИЈА 6 е содржано следното:
Постоечка состојба:
На КП бр.9256/1 постои 1 времен објект,
на КП бр.9257/1 постои 1 времен објект во кој се наоѓаат 3 деловни простори,на КП бр.9259/1 постои 1 времен објект во кој се наоѓаат 2 деловни простори
на КП бр.9260 постои 1 времен објект во кој се наоѓаат 2 деловни простори
на КП бр.9261 постои 1 времен објект во кој се наоѓаат 3 деловни простори
на КП бр.9263/1 постои 1 времен објект, на КП бр.9266/1 постои 1 времен објект.
Сите горенаведни времени објекти се задржуваат.
Планирани времени објекти: Локацијата се наоѓа во опфат на ГУП, дел на простор за сообраќајница, дел на простор со намена стопанство. Со Програмата се планира задржување на постоечките времени објекти:
на КП бр.9256/1 – 1 времен објект,
на КП бр.9257/1 – 3 времени објекти
на КП бр.9259/1 – 1 времен објект
на КП бр.9260 – 2 времени објекти
на КП бр.9261 -3 времени објекти
на КП бр.9263/1 – 1 времен објект,
на КП бр.9266/1 – 1 времен објект,
и нивно обликовно и естетско фасадно усогласување со предвидените општи услови од оваа програма. Исполнет е условот за поставување времени објекти на градежно неизградено земјиште-сообраќајницата и околните парцели не се реализирани (не постои ДУП). Времените објекти ќе егзистираат до моментот на изработка и реализација на планот. При отпочнување со реализација на сообраќајницата или донесување на ДУП за овој простор да се изземат од Програмата предвидените времени објекти на оваа локација и пред истекот на рокот за кој ќе се однесува закупот на градежното земјиште и издаденото одобрение за поставување на времените објекти.
По однос на опременост со инфраструктура, до локацијата постојат изведени водоводна, канализациона, електроенергетска и телекомуникациска мрежа.
Времените објекти се предвидуваат како приземни, со максимална висина на венец до 3,5 м и висина на слеме добиена со минимален нагиб според видот на употребениот кровен покривач, само како заштита на објектот. Котата на приземје во однос на теренот да не биде повисока од 15 см.
Сите времени објекти опфатени со програмата се предвидуваат да бидат поставени со примена на градежни материјали кои овозможуваат монтажа и демонтажа, без употреба на лиенобетонски и армиранобетонски конструктивни елементи и платформи, односно од градежни материјали кои не ја загрозуваат животната средина и при реализација на урбанистичкиот план лесно може да се отстранат.
4. Врз основа на документацијата што ја достави Советот на Општина Охрид, во претходна постапка беше утврдена следнава фактичка состојба:
Годишната програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година, со технички број 2010314/4 е изработена од Друштво за проектирање, инженеринг и изградба Балабан и Партнери Охрид ДООЕЛ со лиценца бр.0066 за изработување урбанистички планови.
Општината Охрид со допис бр.20-2841/1 од 22 февруари 2016 година ја доставила Програмата до Министерството за транспорт и врски и побарала согласност.
Министерството за транспорт и врски со допис бр.70-2897/3 од 24 март 2016 година дало забелешки на Програмата.
Општина Охрид и изработувачот на Програмата постапиле по забелешките на Министеството за транспорт и врски и одново со допис бр.20-2841/3 од 25 мај 2016 побарало согласност на Програмата.
Министерството за транспорт и врски дало согласност на Годишната програма за поставување времени објекти во Општина Охрид 2016, на 22 јуни 2016 година (допис бр.70-7823/3).
По добиената согласнот, Советот на Општина Охрид донел Одлука бр. 08-10300 од 11 јули 2016 година за усвојување на Годишната програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година.
Одлуката и Годишната програма биле објавени во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.12/2016.
Во однос на статусот на веќе постоечките објекти на Локација бр.6 за која се однесува иницијативата, во прилог на одговорот на Општина Охрид е доставено Решение за локација за привремени објекти – сервисно услужен центар Уп.бр.11-1225/89 од 3 ноември 1989 година издадено од Собрание на Општина Охрид во кое се укажува дека објектите се од времен карактер.
5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу другото, е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Според Амандман XVII точка 1 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници, учествуваат во одлучувањето за прашањата од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, кој член е поместен во глава III, со Наслов: „Надлежности на општините“, се предвидува дека општините, меѓу другото, се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавање на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.
Основната улога и надлежност на општината како единица на локалната самоуправа, во смисла на член 8 став 1 алинеја 10 и Амандман XVII точка 1 од Уставот, како и член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, е уредување и хуманизација на просторот, урбанистичко планирање на истиот и таа се остварува преку донесување на урбанистички планови и програми во кои што спаѓаат и програмите за поставување на времени објекти, програмите за поставување на урбана опрема и сл.
Правниот основ за донесување на програма за поставување на времени објекти е член 79 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија бр. 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 70/2013 , 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014 ,187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016) според кој општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје донесуваат годишна програма за поставување на времени објекти со која се утврдува просторот на кој можат да се постават времени објекти, кој треба да е градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, со изградена инфраструктура и за кој е донесена урбанистичко планска документација. Програмата од ставот 1 се донесува од страна на советот на општината, односно советите на општините во Градот Скопје и Советот на Градот Скопје по добиена согласност од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Програмата се состои од графички и текстуален дел. Текстуалниот дел содржи податоци за просторот за поставување на времениот објект, површината и висината на времениот објект и за видот на дејноста која ќе се извршува. Графичкиот дел се состои од приказ на постоечката и планираната состојба. Времените објекти се поставуваат по добиено одобрение за поставување на времен објект, кое го издава градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје и градоначалникот на Градот Скопје на лицата кои склучиле договор за краткотраен закуп за предметното земјиште.
Според член 81 од Законот за градење, со одобрението за поставување на времен објект и одобрението за поставување на урбана опрема се утврдуваат условите, начинот и рокот за поставување и отстранување на времениот објект, односно урбана опрема. Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот донесува Упатство за начинот на изготвување на годишната програма за поставување на времени објекти и микролокациски услови и ја пропишува формата и содржината на одобрението за поставување на времени објекти и одобрението за поставување на урбана опрема.
Дефиниција за тоа што претставува времен објект е дадена во член 2 точка 3 од Законот за градење според кој времен објект е монтажно-демонтажен или типски објект кој се поставува на градежно неизградено земјиште, заради привремена употреба на просторот, до реализацијата на урбанистички план за градежното земјиште на кое е поставен времениот објект. Времен објект се поставува заради вршење на:
– сообраќајни дејности (привремени паркинзи и приодни патеки),
– продажба на храна,
– туристички, културни, спортско-рекреативни и забавни дејности (платформи за спортски, културни, туристички и забавни настани, придружни објекти во функција на спортски настани и летни дискотеки) и
– објекти кои се во функција на граничните премини;
Според член 2 став 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија бр. 23/11, 54/11, 155/12, 53/13, 72/13, 44/14, 115/14, 199/14, 124/15, 129/15 и 217/15, 31/2016), под објекти од локално значење, во смисла на овој закон, покрај објектите од ставот 1 на овој член се подразбираат и помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба (градби за кои согласно со Законот за градење градоначалникот на општината издава решение за изведување на градбатa), времени објекти наменети за домување, објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно со Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште како и објекти, односно посебни делови од објекти пренаменети без одобрение за пренамена.
Според членот 31 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти, постапките за отстранување на објектите од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон и на објектите од локално значење согласно со Законот за градење, како и управните и судските (кривичните) и граѓанските постапки во врска со изградба на бесправни објекти со наведената намена, започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.
6. Од воспоставената судска практика на Уставниот суд на Република Македонија (Решение У.бр.109/2014 од 17 декември 2014 година, Решение У.бр.146/1994 од 18 јануари 1995 година, Одлука У.бр.215/1998 од 12 мај 1999 година, Решение У.бр.125/1996 од 29 мај 1996 година и др.), произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во однос на подзаконските акти од областа на просторното и урбанистичкото планирање (урбанистичките планови, програми за поставување на урбана опрема, програми за поставување на времени објекти и сл.) е надлежен да ја оценува постапката на нивното донесување, но не и да ја оценува нивната содржина, што како стручно-техничко прашање, е во надлежност на Министерството за транспорт и врски во фазата на давање на согласност на овие подзаконски акти.
Оттука, во конкретниот случај, врз основа на документацијата што беше доставена до Уставниот суд, беше утврдена фактичката состојба наведена погоре од што произлезе дека Советот на Општина Охрид ги запазил сите фази во постапката за донесување на оспорената Програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година, односно дека истата е донесена врз основа на добиена согласност на Министерството за транспорт и врски.
Меѓутоа, основното прашање што се поставува во иницијативата и за кое постои спор помеѓу подносителите на иницијативата кои се сопственици на објектите наведени на Локацијата бр.6 од Програмата и Општината Охрид, се однесува на содржината на Програмата, односно статусот на објектите на наведената локација (дали тие објекти имаат статус на времени објекти или пак се работи за објекти од траен карактер). Според Судот, станува збор за фактичко прашање за кое што не е надлежен да одлучува Уставниот суд, односно прашање за кое што се одлучува во управна постапка.
Судот смета дека се неосновани наводите во иницијативата дека поради тоа што за спорните локации веќе биле поведени постапки за утврдување на правен статус на бесправен објект, тие не можеле да бидат вклучени во програмата, од причина што одредбата од членот 31 од Законот за постапување со бесправни објекти се однесува на постапките за отстранување на објектите, и на управните и судските постапки во врска со изградба на бесправни објекти, со цел да не дојде до нивно отстранување пред да се одлучи за нивниот статус согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Но, водењето на постапки согласно наведениот закон, односно фактот дека постапките за утврдување на правен статус на бесправен објект не се завршени од своја страна не влијае врз извршувањето на обврските на општината кои што произлегуваат од нејзините надлежности во сферата на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот во кои што спаѓа и надлежноста за донесување на програмите за поставување на времени објекти како што е во случајот. Или со други зборови кажано процесот на просторно и урбанистичко планирање, односно постапките за донесување на урбанистички планови и програми не може да запре поради тоа што се водат постапки согласно Законот за постапување со бесправни објекти.
Врз основа на наведеното Судот утврди дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената Програма за поставување времени објекти во Општина Охрид за 2016 година со одредбите од Уставот и со член 31 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.142/2016
15.03.2017 гoд.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски