У.бр.90/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 8 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:

– член 34-а став 1 точка 1, во делот: „да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или“ и на точка 2, во делот: „да има вработено лице со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствени работи, или“,
– член 34-в став 2 точка 1, во делот: „кога се работи за трговец поединец или трговско друштво за вршење сметководствени работи“ и на
– членот 35-б од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2005, 13/2007, 150/2007, 140/2008, 17/2011, 53/2011, 70/2013, 115/2014, 97/2015, 192/2015 и 53/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за издавање на овластување „Регистрационен агент“, бр.03-1165/1, донесен од Директорот на Централниот регистар на Република Македонија.

3. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и на уставноста и законитоста на Правилникот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Во иницијативата примена во Судот на 5 април 2016 година, најнапред се наведува дека оспорените законски одредби всушност значеле овластување на сметководителите да составуваат и поднесуваат акти, да потврдуваат потписи на физички лица и да ги застапуваат при нивно создавање на нови правни субјекти, иако сметководителите немале основа за тоа ниту во Уставот, ниту во Законот за вршење на сметководствени работи, ниту пак била пропишана нивна одговорност за тоа работење во Законот за едношалтерскиот систем, Законот за Централниот регистар, Законот за електронски потпис, Законот за трговски друштва или во Законот за адвокатурата и Законот за нотаријатот. Покрај тоа, вршењето на овие работи од сметководителите било во спротивност со целиот образовен систем ва Република Македонија. Во однос на Правилникот, во иницијативата се наведува дека Централниот регистар излегол надвор од Законот за едношалтерскиот систем и Законот за Централниот регистар со донесувањето на Правилникот со таква содржина и навлегол во надлежностите на адвокатската дејност така што со членот 2 алинеја 1 и со член 7 доделил на сметководителите да утврдуваат идентитет на учесниците во постапката и да подготвуваат и потпишуваат полномошно, како и да составуваат пријави за упис и со својот електронски потпис да ги потпишуваат тие пријави и прилози кон нив, а тоа немало уставна и законска основа.

Со поднесок од 22 април 2016 година доставен на барање од Судот, подносителката на иницијативата прецизира дека оспорените законски одредби не се во согласност со член 2, член 3 став 2 и член 16 од Законот за адвокатура, со член 2 и со целината на Законот за Централен регистар, со член 2 и со целината на Законот за сметководствени работи и со Националната класификација на дејностите определена со Одлука на Владата на Република Македонија, бр.19-5509/1 од 18.08.2008 година, со член 2 став 1 и со целината на Законот за едношалтерскиот систем и со член 65 став 2 од Законот за трговски друштва, како и со член 53 од Уставот. Во однос на Правилникот, со поднесокот се прецизира дека тој акт не е во согласност со наведените законски одредби, како и со членовите 51, 52 и 53 од Уставот.

4. а) Судот на седницата утврди дека со членот 2 став 1 точка 12-а од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, чија содржина е определена со измените и дополнувањата објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2015-член 1, се предвидува дека: „Регистрационен агент е трговец поединец или трговско друштво кое е регистрирано за вршење на сметководствена дејност, адвокат и адвокатско друштво кои имаат овластување за поднесување пријава за упис преку Системот за е-регистрација.“

Членот 34-а став 1 од Законот гласи: „За добивање на овластување за регистрационен агент, лицето треба да ги исполнува следниве критериуми:
– точка 1: „да е регистрирано како трговец поединец, или трговско друштво за вршење на сметководствена дејност, или да е запишан во Именикот на адвокати, или Именикот на адвокатски друштва;“
– точка 2: „да има вработено лице со уверение за сметководител/овластен сметководител согласно со Законот за вршење на сметководствена дејност, или да е вршител на адвокатска дејност согласно со Законот за адвокатурата;“.

Членот 34-в став 1 од Законот определува дека: „За добивање на овластувањето лицето поднесува барање до Централниот регистар“, а според став 2 „Со барањето од ставот 1 на овој член се приложува:
– точка 1: „доказ за вработено лице со уверение за сметководител/овластен сметководител, кога се работи за трговец поединец или трговско друштво за вршење сметководствени работи;“.

Оспорениот член 35-б од Законот гласи: „Регистрациониот агент трговец поединец и трговско друштво, како сметководител/овластен сметководител, вршат електронско поднесување на пријавата за упис на основање на трговец поединец, друштво со ограничена одговорност и друштво со ограничена одговорност на едно лице.“

б) Оспорениот правилник е донесен врз основа на членот 34-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2013).

Со Правилникот се уредуваат: I. Критериумите за добивање на овластување „регистрационен агент“ (член 2), II. Барањето за добивање на овластувањето (член 3), III. Постапката за издавање на овластувањето (членовите 4 и 5), IV. Пристапот до Системот за е-регистрација, поднесувањето на пријавата за упис на основање од страна на регистрационен агент и издавањето на решение (членовите 6-8), V. Техничките услови (член 9), VI. Организационите услови (членовите 10 и 11), VII. Постапката за одземање на овластувањето (член 12) и VIII. Преодните и завршните одредби (членовите 13 и 14).

Според член 2 од Правилникот, „Овластување регистрационен агент може да се издаде на трговец поединец или трговско друштво кој/кое ги исполнува следните критериуми:
– алинеја 1: е регистриран/регистрирано во регистарот на трговци поединци овластени сметководители, односно регистарот на трговски друштва за вршење на сметководствени работи;“.

Според оспорениот член 7 став 1 од Правилникот, „Постапката за регистрација, односно поднесувањето на пријавата и прилозите за упис на основање преку Системот за е-регистрација од страна на регистрациониот агент се врши согласно член 35, член 35-а и член 35-б од ЗЕШС и дополнително ги опфаќа следните активности:
– прием на учесниците во постапката во деловните простории на регистрациониот агент, утврдување на нивниот идентитет и дефинирање на содржината на уписот согласно барањата на учесниците;
– подготвување и потпишување на полномошно од страна на сите учесници во постапката (основачи/овластени лица за застапување/прокуристи) со кое се овластува регистрациониот агент да ги преземе сите дејствија за составување и поднесување на пријавата и прилозите кон пријавата за упис на основање на ТП/ДОО/ДООЕЛ во име на давателот на полномошното;
– составување на пријавата за упис на основање и прилозите кон пријавата, конвертирање на прилозите од хартиена во електронска форма доколку истите се доставени како такви и нивно доставување до Централниот регистар преку Системот за е-регистрација;
– подготвување и поднесување на изјава како прилог кон пријавата, потпишана од секој учесник во постапката со која се потврдува дека потписите на прилозите доставени до регистрациониот агент во хартиена форма се нивни лични потписи;
– електронска комуникација со Централниот регистар и други административни работи во врска со постапката за регистрација преку Системот за е-регистрација.“

Во ставот 2 од истиот член на Правилникот се определува дека „Секоја пријава и сите прилози треба да бидат електронски потпишани со валиден квалификуван дигитален сертификат издаден на име на подносителот – сметководител/овластен сметководител вработен во правното лице (регистрационен агент).“

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 51 од Уставот се определува дека „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1) и дека „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, „Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите“.

Од цитираните уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а другите прописи со Уставот и законите, и што секој има обврска да ги почитува Уставот и законите. Исто така произлегува дека законите ги донесува Собранието на Република Македонија и со нив ги уредува сите сфери на општествениот живот.

Во конкретниот случај, со оспорените законски одредби законодавецот ги определува условите потребни за добивање на овластување за регистрационен агент и тие услови подеднакво се однесуваат на сите заинтересирани субјекти (член 34-а став 1 точките 1 и 2 и член 34-в став 2 точка 1), како и го уредува начинот на поднесувањето на пријавата за упис на основање на трговец поединец, друштво со ограничена одговорност и друштво со ограничена одговорност на едно лице, преку системот на електронска регистрација (член 35-б), за што Судот оцени дека има основа во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Прашањето, пак, за тоа дали е оправдано трговец поединец или трговско друштво за вршење на сметководствени работи да пријавува упис на нови правни субјекти во Централниот регистар, според Судот, е прашање на целисходност и тоа прашање го оценува Собранието на Република Македонија при донесувањето на законите, а не е надлежност на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорените законски одредби со наведените одредби од Уставот.

Односот, пак, меѓу оспорените одредби од Законот за едношалтерскиот систем, од една страна, и одредбите од другите закони на кои упатува подносителката на иницијативата, од друга страна, исто така е надлежност на законодавецот, не на Уставниот суд, имајќи го предвид членот 110 алинеја 1 од Уставот.

6. Во врска со оспорениот правилник, Судот утврди дека тој акт беше донесен врз основа на член 34-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2013), според кој: „Начинот и поблиските критериуми за добивање на овластувањето ги пропишува Централниот регистар“ (став 1). Но, со промените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2015 (член 2 став 1), членот 34-а став 1 е избришан, а според член 10, тој закон влезе во сила на 20 јуни 2015 година и започна да се применува од 1 ноември 2015 година.

Оттука произлегува дека со започнувањето на примената, на 1 ноември 2015 година, на Законот за изменување и дополнување на Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2015, престанал да важи членот 34-а од Законот објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2013, а со тоа и Правилникот кој беше донесен врз основа на таа законска одредба.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа дека Правилникот во целина, па и оспорениот член 2 алинеја 1 и член 7 од Правилникот, престанале да важат со престанокот на законската одредба на која беше засновано неговото донесување, со што Правилникот не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Во однос на точката 1, ова решение е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.90/2016
8 март 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски