У.бр.27/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 8 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2, член 4 ставови 1 и 2, член 8 ставови 1 и 3 во делот „Надоместокот и таксата од став 1 на овој член“ и член 9 ставови 1 и 2 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014 и 53/2016).

2. Игорчо Точев од Скопje до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта,оспорената одредба на член 3 став 2 не била во согласност со член 68 став 1 алинеја 15 во врска со Амандман XXIX и со член 72 став 1 на Уставот на Република Македонија. Со оваа одредба законодавецот пропишал дека Државната комисија била државен орган кој бил самостоен во својата работа и имал својство на правно лице.

Понатаму, во иницијативата се цитира член 68 став 1 алинеја 15 од Уставот според кој Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања на носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон. Во иницијативата е наведено дека доколку претседателот и членовите на Државната комисија кои се основаат со закон можело да се подведат под поимот на „други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон“ во смисла на одредбата од член 68 став 1 алинеја 15, тогаш истите можело да бидат подложени на институтот „интерпелација“ пропишан со одредбата на член 72 став 1 од Уставот. Оттука, според наводите во иницијативата произлегувало дека законодавецот одлучил државната комисија да се востанови како државен орган кој бил самостоен во својата работа и имал својство на правно лице, а во врска со членот 45 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, само државната комисија како државен орган во целина можело да подлежи на прашањето за „интерпелација“ но не и за секој нејзин член поединечно.

Во иницијативата е наведено дека согласно член 3 став 3 од овој закон, претседателот и членовите на Државната комисија се избираат за период од пет години со право на повторен избор. Меѓутоа, од содржината на одредбата на член 4 ставови 1 и 2 не произлегувало дека била регулирана состојбата во однос на тоа дека мандатот на претседателот и членовите на Државната комисија престанувал по истекот на времето за кое биле избрани односно оспорените одредби биле недоречени и нецелосни и можело да се доведе под сомнеж нивната согласност со Уставот.

Според наводите во иницијативата, во однос на оспорената одредба на член 8 став 1 од овој закон е наведено дека со Одлука У.бр. 127/2014 од 30 септември 2015 година донесена од Уставниот суд бил укинат дел од оваа законска одредба која така конципирана останала во правниот поредок, како недоречена и од таа причина била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно истата била нејасна. Понатаму, во иницијативата е наведено дека со укинатиот дел од одредбата се определувал „надоместокот и таксата од ставот 1 на член 8 од Законот“ и беспредметно останало повикувањето во делот од ставот 3 од член 8 од овој закон кој дел гласел „Надоместокот и таксата од став 1 на овој член и“. Оттука, во иницијативата е наведено дека кога одредбите во еден пропис се повикуваат или упатуваат на други одредби, кои други одредби требало да постојат во правниот промет во својата полна содржина и да претставуваат логична и правна функционална целина. Оттука, самата одредба, а потоа и во врска со одредбите на кои се повикувале или на кои упатувале во таа одредба односно сите заедно требало да претставуваат логична правно функционална целина, што не било така во конкретниот случај.

Понатаму во иницијативата е наведено дека во однос на член 9 ставови 1 и 2 од оспорениот закон, Државната комисија одлучувала со четири члена од вкупно шест члена, несметајќи го претседателот на државната комисија кој немал право на глас, додека Државната комисија можела да работи доколку на седницата биле присутни најмалку пет члена. Во продолжение на иницијативата се цитира член 205 став 2 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005, 110/2008 и 51/2011) според кој колегијалниот орган можел да решава кога биле присутни повеќе од половината негови членови а решението го донесувал со мнозинство на гласови од присутните членови, ако со закон или друг пропис не било определено посебно мнозинство.

По аналогија на цитираниот член 205 од Законот за општа управна постапка, во иницијативата е наведено дека во оспорениот член 9 ставови 1 и 2 „била регулирана состојба“ на одлучување и работа на државната комисија, „но не било регулирано“ и донесувањето на решението односно кога се сметало дека решението било донесено. Според наводите во иницијативата, „одлучувањето“ претставувало процес кој претходел на „донесувањето на решението или конечната одлука“ во кој после елаборирањето на спорните правни прашања се пристапувало кон гласање „за“ или „против“ предложената одлука односно решението. Во иницијативата е наведено дека оспорената одредба на член 9 ставови 1 и 2 не била јасна, била арбитрарна и не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот а во врска со член 205 став 2 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005, 110/2008 и 51/2011).

3. Судот на седница утврди дека согласно член 3 став 1 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014 и 53/2016), Државната комисија е составена од претседател и шест члена кои функцијата ја извршуваат професионално. Претседателот и членовите на Државната комисија ги избира по пат на јавен конкурс и ги разрешува Собранието на Република Македонија на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија (став 2). Претседателот и членовите на Државната комисија се избираат за период од пет години со право на повторен избор (став 3).

Во однос на член 4 став 1 од Законот е уредено дека на претседателот или членот на Државната комисија мандатот му престанува, ако: тоа сам го побара; наврши 64 години старост и настапи смрт на претседателот или членот. Претседателот или членот на Државната комисија се разрешува пред истекот на мандатот, ако: трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието на Република Македонија; е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или врши работи кои се неспојливи со функцијата член или претседател на Државната комисија (став 2).

4. Според член 8 став 1 од овој закон, во постапката по жалба пред Државната комисија против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган подносителот на жалбата, покрај административната такса. Во постапката по жалба пред Државната комисија против решенија донесени во прв степен во инспекцискa постапкa подносителот на жалбата, плаќа административна такса за жалба во висина утврдена со закон (став 2). Надоместокот и таксата од став 1 на овој член и таксата од став 2 на овој член се приход на Буџетот на Република Македонија (став 3).

Согласно член 9 став 1 од Законот, по жалбените предмети Државната комисија одлучува на седница со мнозинство од вкупниот број членови. Државната комисија може да работи само доколку на седницата се присутни најмалку пет члена. На седниците на Државната комисија задолжително присуствува претседателот и/или неговиот заменик (став 2).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во член 68 став 1 од Уставот е уредено дека Собранието на Република Македонија, покрај другото, донесува закони (алинеја 2) и врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон (алинеја 15).

Согласно член 72 од Уставот, интерпелација може да се постави за работата на секој носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи (став 1). Интерпелација можат да поднесат најмалку пет пратеници (став 2). Пратеничко прашање може да постави секој пратеник (став 3). Начинот и постапката на поднесување и расправата по интерпелација и пратеничко прашање се уредуваат со Деловникот (став 4).

Според член 1 став 1 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 130/2014 и 53/2016) Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (во натамошниот текст: Државната комисија) е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка. Во постапката за решавање по жалби Државната комисија ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоците доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено (став 2).

Во член 2 став 1 Државната комисија е државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице. Државната комисија има стручна служба (став 2). На вработените во стручната служба се применуваат одредбите од законот со кој се регулираат правата и обврските на административните службеници (став 3). Државната комисија се финансира од Буџетот на Република Македонија (став 4).

5. Според членот 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува член 3 став 2 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка како спротивен на членот 68 став 1 алинеја 15 во врска со Амандманот XXIX и член 72 став 1 од Уставот според кои Собранието на Република Македонија врши избори, именувања и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон и дека интерпелација може да се постави за работата на секој (субјект) носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно.

Од наводите на иницијативата произлегува дека член 3 став 2 од Законот, се оспорува не поради неговата содржина која се однесува за избор на претседател и членови на Државната комисија, а нивниот избор од страна на Собранието на Република Македонија произлегува од закон, туку поради тоа што законодавецот не предвидел иста таква норма со која интерпелација можело да се постави за работата на Државната комисија во својство на државен орган. Во овој случај прашањето за интерпелација се уредува со Уставот на Република Македонија, а не со закон. Наводите во иницијативата конкретно се однесуваат на толкувањето на прашањето зошто законодавецот ја употребил формулацијата „утврдени со Уставот и закон“ во однос на тоа дали претседателот и членовите на Државната комисија која се основа со Закон, можело да се подведат под поимот на „други носители на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон“ во смисла на одредбата од членот 68 став 1 алинеја 15 и дали истите можело да бидат подложени на институтот „интерпелација“ пропишан со одредбата на членот 72 став 1 од Уставот.

Судот на седница утврди дека, се работи за наводи во иницијативата кои не се основа за уставно проблематизирање на конкретната одредба од Законот. Имено, според Судот јасно е дека поимот „субјект“ кој се користи во членовите 45 – 50 од Деловникот на Собранието на Република Македонија се однесува на носител на јавна функција кој единствено може да биде субјект на постапката за интерпелација, а не органите во целост и од таа причина претседателот и членовите на Државната комисија како носители на јавна функција може да бидат субјекти на постапката за интерпелација.

Поради изнесеното, со оглед дека причините за неуставноста на член 3 став 2 од Законот, се темелат на непостоење на норма во Законот која според подносителот требало да биде на тој начин уредена, а не на постоење на аргументи и образложени причини за несогласноста на содржината на конкретниот член од Законот кој се оспорува, со одредбите на Уставот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Од анализата на наводите во иницијативата во однос на содржината на член 4 ставови 1 и 2 од оспорениот закон, дека истата е недоречена и нецелосна, Судот смета дека се неосновани. Ова од причина што по истекот на петте години претседателот и членовите на Државната комисија можат да бидат реизбрани или да биде избран нов претседател и нови членови. Мандатот на истите по истекот на времето за кое се избрани, не може да престане по сила на закон затоа што може да се случи да не бидат избрани нов претседател или нови членови или не се реизбрани старите и би можело да се дојде во ситуација на правен вакум, односно неможност државниот орган да функционира, а сето тоа би било на штета на граѓаните затоа што не би можело да го остваруваат своето право на правна заштита.

Прашањето за потребата од уредување на норма каква што подносителот на иницијативата смета дека требало да биде уредена во член 4 ставови 1 и 2 од Законот е прашање од надлежност на законодавецот кој ги креира законите, а не на Уставниот суд кој согласно надлежностите утврдени со член 110 алинеја 1 од Уставот, одлучува за согласноста на веќе уредената содржина на законите или содржината на нивна одредба, со одредбите на Уставот.

Оттука, причините за неуставноста на член 4 ставови 1 и 2 од Законот, се темелат на констатација дека оспорените одредби биле недоречени или нецелосни, со отсуство на аргументи и образложени причини за нивната неусогласеност со одредбите на Уставот, и поради тоа Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

7. Со Одлука У.бр.127/2014 од 30 септември 2015 година на Уставниот суд на Република Македонија, се укинува членот 8 став 1 во делот: „плаќа и надоместок за водење на постапката во зависност од висината на изречената глоба, и тоа: до 1.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 20 евра во денарска противвредност; од 1.000 до 5.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 50 евра во денарска противвредност; од 5.000 до 20.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 100 евра во денарска противвредност; од 20.000 до 100.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 200 евра во денарска противвредност; од 100.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 300 евра во денарска противвредност или над 200.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 400 евра во денарска противвредност од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспек­цискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014).

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба на член 8 ставови 1 и 3 останала во правниот поредок како недоречена и од таа причина била спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно истата била нејасна.

Од наводите од иницијативата, произлегува дека со иницијативата се бара Уставниот суд да изврши корекција на оспорениот дел од одредбата на ставот 3 од членот 8 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка .

Тргнувајќи од наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата и во однос на кои го оспорува член 8 ставoви 1 и 3 од наведениот закон, Судот утврди дека истите се неосновани.

Ова од причини што во суштина подносителот на иницијативата бара Уставниот суд да се впушти во уставно – судска оцена и да констатира дека законодавецот направил грешка на начин што во оспорениот член се повикал безпредметно во делот од ставот 3 од членот 8 од овој закон кој дел гласел „Надоместокот и таксата од став 1 на овој член и“.

Во конкретниот случај, станува збор за очигледен технички пропуст, како што наведува и Владата на Република Македонија во даденото мислење и дека овој пропуст ќе биде корегиран со првите следни измени на законот. Поради тоа, Судот утврди дека овој пропуст не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на одредбите од актуелниот закон.

Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Законодавецот е орган чија надлежност е да ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно и врши технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.

8. Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата во однос на содржината на членот 9 ставови 1 и 2 од оспорениот закон, Државната комисија одлучувала со четири члена од вкупно шест члена, несметајќи го претседателот на државната комисија кој немал право на глас, додека државната комисија можела да работи доколку на седницата биле присутни најмалку пет члена. Во продолжение на иницијативата се цитира членот 205 став 2 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005, 110/2008 и 51/2011) во контекс на тоа дека со оспорените одредби била регулирана само „состојба на одлучување и работа на Државната комисија, но не и на донесувањето на решението“ и поради тоа истата била нејасна и арбитрерна.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 22 јули 2015 година го донесе Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015). Согласно членот 140 од Законот, со денот на отпочнување со примена на овој закон, престанува да се применува Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005, 110/2008 и 51/2011) и поради тоа спомената законска одредба на членот 205 став 2 не е повеќе во правниот промет.

Со оглед на тоа дека причините за неуставноста на член 9 ставови 1 и 2 од Законот, се темелат на тоа дека одредбите биле нејасни и се бара меѓусебна усогласеност на два закони, а не на постоење на аргументи и образложени причини за несогласноста на содржината на конкретниот член од Законот кој се оспорува, со одредбите на Уставот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Поради изнесеното, со оглед дека причините за неуставноста на членот 3 ставот 2, член 4 ставови 1 и 2 , член 8 ставови 1 и 3 и членот 9 ставови 1 и 2 од Законот, се темелат на непостоење на норма во Законот која според подносителот требало да биде уредена, а не на аргументи и образложени причини за несогласноста на содржината на конкретниот член од Законот кој се оспоруваат, со одредбите на Уставот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Притоа, ниту примената на актите, ниту недостатокот на одредена регулатива, за било која правна област не спаѓаат во надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, туку се надлежност на други државни органи.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.27/2016
08.03.2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски