Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 22 февруари 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2, во делот: „на работни места и работи кои се изведуваат под земја“, од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).
2. Ѓорги Талевски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата најнапред се изнесува содржината на член 19 став 2 од Законот, потоа содржината на член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9, член 34, член 35 став 1 и член 51 став 1 од Уставот, па од односот меѓу наведената законска одредба и означените уставни одредби подносителот на иницијативата наведува дека членот 19 став 2 од Законот требало подеднакво да важи за сите осигуреници кои имаат стаж на осигурување со зголемено траење, а не таа одредба да важи само за оние кои работеле на работни места и работи кои се изведуваат под земја. Покрај тоа, овие осигуреници кои работеле на работни места и работи под земја, за тоа стекнале поголем степен на зголемување на стажот, па немало основа тие лица да стекнуваат повеќе права од другите осигуреници кои исто така работеле на работни места и работи со зголемено траење на стажот на осигурување.
Поради тоа, подносителот на иницијативата предлага укинување на оспорениот дел од член 19 став 2 на Законот.
3. Судот на седницата утврди дека во член 18 од Законот се определува дека: „Осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.“
Во член 19 став 1 од Законот се предвидува дека: „На осигуреникот на кого стажот на осигурување му се смета со зголемено траење, старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува зависно од степенот на зголемувањето на стажот, и тоа за по една година за:
1) секои седум години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 13 месеци;
2) секои шест години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 14 месеци;
3) секои пет години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 15 месеци;
4) секои четири години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 16 месеци;
5) секои три години и шест месеци поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 17 месеци и
6) секои три години поминати на работни места на кои ефективно поминати 12 месеци се сметаат во стаж на осигурување како 18 месеци.“
Со член 19 став 2 од Законот, чиј дел се оспорува, се определува дека: „На осигуреникот на кого ефективно поминати 12 месеци стаж на осигурување се смета како стаж на осигурување со зголемено траење на работни места и работи кои се изведуваат под земја и кој во текот на осигурувањето бил распореден на работи и работни места со различни степени на зголемување на стажот на осигурување, старосната граница за стекнување право на старосна пензија се намалува за секој период поминат на работно место со одреден степен на зголемување на стажот пропорционално на времето поминато на тоа работно место со намалување на старосната граница од ставот 1 на овој член. Вкупното намалување на старосната граница се утврдува како збир на пропорционално утврдените намалувања за секој поединечен период.“
4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Во членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелни вредности на уставниот поредок се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, како и дека основно начело е еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Во сферата на пензиското и инвалидското осигурување, пак, Уставот го утврдува правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување, кое право е препуштено на уредување со закон и колективен договор, при што Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Со други зборови, Уставот го овластува законодавецот со закон да ги уреди, покрај другото, условите под кои осигурениците ќе го стекнат правото на старосна пензија.
Во конкретниот случај, оспорената законска одредба предвидува различни услови за стекнување на старосна пензија на различни групи на осигуреници кои имаат зголемено траење на стажот на осигурување, едните, кои се распоредени на работни места и работи под земја и, другите, кои ги вршат своите работи над земја и со зголемен стаж на осигурување, па различната старосна граница за стекнување на старосна пензија на тие две различни групи на осигуреници не може да се смета за повреда на начелото на еднаквоста.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.99/2016
22 февруари 2017 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски