Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 февруари 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката број 493-1-0201 од 19.09.2016 година донесена од Собранието на Здружението за заштита на авторските музички права „ЗАМП“ – Скопје, на седницата одржана на 17.09.2016 година.
2. Министерството за култура, до Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, Министерството за култура со Решение бр.52-3403 од 28.10.2016 година ја запрела од извршување Одлуката бр.493-1-0201 од 19.09.2016 година на Собранието на Здружението за заштита на авторските музички права „ЗАМП“ – Скопје која е оспорена со предметната иницијатива пред овој суд. Ова од причини што Министерството за култура како подносител на иницијативата смета дека оспорената одлука донесена од ЗАМП била спротивна на повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 во кој се утврдени владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право, како темелни вредности на уставниот поредок во Република Македонија, потоа членот 51, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон; членот 47, со кој се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво и се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво и членот 55, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.
Од аспект на законитоста, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука не била во согласност со членот 21 од Законот за авторско право и сродните права („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 140/2010, 51/2011, 147/2013, 154/2015 и 27/2016), со оглед на тоа што овој член од Законот на кој се засновала Одлуката, не давал никаква основа за нејзиното донесување, бидејќи овој член се однесувал на моралните права, а колективното управување на ЗАМП се однесувало само на управување и заштита на материјалните права над веќе објавени авторски музички дела, согласно членот 129 од Законот.
Во иницијативата се истакнува дека оспорената одлука, не била во согласност и со член 26,член 63,член 65 став 3,член 74 и член 139 од Законот за авторското право и сродните права, поради тоа што од наведените законски одредби произлегувало дека носителите на правата вклучително и организациите за колективното управување од една страна и корисниците од друга страна, се стекнувале со меѓусебни права и обврски врз основа на давањето на дозвола со договор, за користење на авторските музички дела. Само неисполнувањето на обврските од страна на корисниците кон организациите за колективно управување би било основ организацијата да ја одземе дозволата за користење на делата од нејзиниот репертоар или пак организацијата да преземе друго слично дејствие на ставање вон сила на издадената дозвола или договор или раскинување на договор за користење. Согласно членот 74 став 1 од Законот, авторот како и организацијата за колективно управување, можат да го раскинат договорот, односно да ја повлечат дозволата или друг пишан акт за пренесување на материјалното право, доколку носителот на правото (со наследување, договор и сл.) во недоволна мера го користи или воопшто не го остварува материјалното право, а од тие причини интересите на авторот се значително оштетени. Наведената законска регулатива упатувала на јасни правни релации со кои се регулираат правата и обврските на авторите, организацијата за колективно управување, корисниците на авторските музички дела и на лицата на кои им се пренесени материјалните права, меѓутоа ни еден од овие основи предвидени во Законот не се содржани како основ во оспорената одлука на ЗАМП, за ставањето вон сила на издадените дозволи од ЗАМП на Трговско дифузните друштва за јавно емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување, како и да се забранува нивното емитување.
Од овие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, како и да донесе времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија со која до донесувањето на конечна одлука да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената Одлука.
3. Судот на седницата утврди дека Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права – ЗАМП, на седницата одржана на 17.09.2016 година во Скопје ја донело оспорената одлука со која се ставаат вон сила издадените дозволи од ЗАМП на Трговско радиодифузните друштва за јавно емитување на авторски и музички дела по пат на радиодифузно емитување. Со Одлуката се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување почнувајќи од 20.09.2016 година, од репертоарот на ЗАМП и тоа:
а) ораториуми, кантати, дела на симфониската, камерната, солистичката, хорската, забавната, детската, народната, џез музиката и сл;
б) извадоци од музички сценски дела (опери, балети, оперети исл.) без оглед на нивното траење под услов тие извадоци да не претставуваат драмска целина;
в) музика од музичко-кореографски дела (концертни и радио изведувања) без оглед на траењето;
г) музички дела користени во драмски дела, било да се користени како музичка придружба или како музичка илустрација или да се вклопени во самиот драмски текст;
д) музика користена во ТВ серии, ТВ филмови и кинематографски филмови што се емитуваат преку телевизија,
ѓ) несценски музички дела кои драмско-сценски или кореографски се прикажуваат на сцена или телевизија;
е) музика за музичко-литературни емисии или приредби (музички приказни, рецитали, хумористични и слични емисии, приредби и слично);
ж) музички дела употребени за шпици, звучни записи, интермеца со звучна илустрација.
з) обработка на народно творештво.
Одлуката има образложение и стапила на сила со денот на нејзиното донесување.
4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Судот утврди дека Собранието на Здружението за заштита на авторски музички права ЗАМП, на седницата одржана на 1 февруари 2017 година донело Одлука заверена под бр.25-1-0201 од 2 февруари 2017 година, со која била ставена вон сила оспорената одлука бр.493-1-0201 од 19.09.2016 година. Имено, Собранието на ЗАМП со наведената Одлука ја ставило вон сила оспорената одлука со која тоа Собрание претходно ги ставило вон сила издадените дозволи од ЗАМП на трговските радиодифузни друштва за јавно емитување на музички дела по пат на радиодифузно емитување и со која била ставена забрана за емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување на сите дела од репертоарот на ЗАМП, со почеток од 20.09.2016 година.
Со оглед на тоа што ЗАМП како доносител на оспорената одлука, истата ја ставил вон сила со донесување на нова Одлука бр.25-1-0201 од 2 февруари 2017 година, Судот утврди дека оспорената одлука веќе не е во правниот поредок и согласно членот 28 алинеа 3 од Деловникот,Судот ја отфрли иницијативата бидејки постојат процесни пречки за одлучување по неа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.160/2016
22 февруари 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски