У.бр.116/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 22 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 41 став 2, во делот: „став 4“, од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека членот 41 став 2, во делот: „став 4“, од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014) не бил усогласен со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2016). Притоа, подносителот на иницијативата наведува дека кога една одредба упатува на примена на друга одредба, било потребно да постои усогласеност меѓу нив со цел да се надополнувале и да биле во хармонија, а со тоа да создавале правно функционална целина и да овозможувале изведување на правилен заклучок за смислата на тие одредби. Во конкретниот случај тоа не било обезбедено, поради што оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Подносителот на иницијативата предлага поведување, па укинување на член 41 став 2, во делот: „став 4“ од наведениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека со член 37 од Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007 и 27/2014) беше предвидено следното:

-став 1: „Помирувач, односно арбитер, може да биде лице кое има добиено лиценца од министерството надлежно за работите од областа на трудот, на предлог на Комисијата од членот 8 став 3 од овој закон.“
-став 2: „За добивање на лиценца од ставот 1 на овој член лицето е потребно да ги исполнува следниве услови:
1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да има висока стручна подготовка и најмалку пет години работно искуство во областа на работните односи;
3) да не му е изречена санкција забрана за вршење професија, дејност и должност;
4) да е достојно на должноста помирувач, односно арбитер и
5) да има сертификат од министерството надлежно за работите од областа на трудот за успешно завршена обука, според Програмата за обука на помирувачи и арбитри.“
-став 3: „Лиценцата се издава на неопределено време, а истата се одзема со губење на својството на помирувач или арбитер, во случаите утврдени во членот 31-а од овој закон.“
-став 4: „Формата и содржината на лиценцата, како и начинот на нејзиното издавање со акт ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот.“
-став 5: „Програмата за обука на помирувачи и арбитри ја донесува министерот надлежен за работите од областа на трудот.“

Со член 41 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014), чиј дел се оспорува, се определува дека: „Подзаконскиот акт за формата и содржината на лиценцата, како и начинот на нејзиното издавање од членот 37 став 4 од овој закон, министерот надлежен за работите од областа на трудот ќе го донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.“

Судот понатаму утврди дека следуваше изменување и дополнување на член 37 од Законот, така што покрај другото со член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2016) се определува дека: „По ставот 2 се додаваат пет нови ставови 3, 4, 5, 6 и 7, кои гласат: …..“, а во ставот 3 се определува дека: „Ставовите 3, 4 и 5 стануваат ставови 8, 9 и 10.“

4. Според член 110 алинеја 1од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законските одредби со уставните норми. Од наведената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека за барањето кое не е во надлежност на Уставниот суд, Судот ќе одлучи со отфрлање на иницијативата.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека со иницијативата се проблематизира нормативната техника применета во членот 41 став 2, во делот: „став 4“, од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014) при постоење на член 1 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за мирно решавање на работните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.30/2016), а не содржината на оспорената законска одредба во однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Имајќи предвид дека според член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд одлучува за согласноста на законските одредби со уставните одредби според нивната содржина, Судот утврди дека иницираното прашање излегува надвор од надлежноста на Судот, поради што оцени дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.116/2016
22 февруари 2017 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски