Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 15 февруари 2017 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, во целина и посебно на член 7 став 4 („Службен весник на Република Македонија“ бр.223/2015).
2. Драган Дамески од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7 став 4 и Правилникот во целина означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на целината на Правилникот, а во понатамошниот тек се осврнува на членот 7 ставот 4 од истиот. Имено, подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 48, член 50 ставовите 20 и 21 од Законот за медијација и констатира дека од Законот јасно и недвосмислено произлегувало дека интенцијата на законодавецот била кога да се примени посебниот критериум од член 50 став 20, а кога да се примени кумулативниот критериум од член 50 став 21 од Законот. Ова се потврдувало и со член 7 став 5 од правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор каде јасно и недвосмислено било пропишано дека за спроведениот прв и втор дел од испитот за медијатор се составува еден и единствен записник. По спроведениот прв и втор дел од испитот претставниците од член 6 став 1 од наведениот Правилник составувале и потпишувале записник за секој кандидат одделно во кој покрај другото, и освоените поени од двата дела на испитот, при што лицето требало да има освоено повеќе од 70% од вкупниот број поени за да се стекне со право да го полага третиот дел од испитот.
Според подносителот, законодавецот повторно направил дистинкција кога е применет посебен записник, а кога е применет кумулативен записник со тоа што во член 7 став 4 од Правилникот пропишал дека за спроведениот трет дел од испитот се составува записник.
Оттука, според подносителот може да се заклучи дека оспорената одредба од член 7 став 4 од Правилникот во која како услов за полагање на третиот дел од испитот се предвидува освојување на најмалку 24 поени за секоја студија на случај, од втор дел од испитот, без притоа да се користи законски предвидениот кумулативен критериум, очигледно е во директна колизија со член 48 став 3, член 50 став 21 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македоија“ бр.188/2013, 148/2015 и 192/2015), како и со член 7 став 3 од самиот правилник и како таква е ништовна и не може да произведува правно дејство, поради тоа што вториот дел од испитот не може да се спроведе во два посебни испити од по една индивидуална студија на случај, ниту пак може да се бодува секоја индивидуална студија на случај посебно.
Вториот дел од испитот за медијатор мора да се спроведе како еден испит од две студии на случај и истиот не може да се оценува поединечно при оценување дали кандидатот се стекна со право да го полага третиот дел од испитот, туку треба да се оценува кумулативно за првиот и вториот дел од испитот за медијатор бидејќи двата дела се пропишани како една целина при оценување.
Ова дотолку повеќе што, во наведената спорна одредба од член 7 став 4 од Правилникот според кој вториот дел од испитот се смета за положен ако кандидатот освои најмалку 24 поени за секоја студија од максимален број поени согласно став 3 од истиот член,при што за секоја од студиите на случај поодделно изнесува 30 поени,на кој начин всушност се поставува праг од 80% (а не 70%) кој не е никаде предвиден во рамки на законот.
3.Судот на седницата утврди дека врз основа на член 51 став 8 од Законот за медијација, министерот за права донел Правилник за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор („Службен весник на Република Македонија“ бр.223/2015).
Според член 1 од Правилникот се пропишуваат условите и начинот на полагање на испит за медијатор.
Во член 2 е предвидено дека:
(1) Испитот се полага во февруарска и октомвриска испитна сесија.
(2) Пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот во кој се спроведува испитната сесија (јануари и септември).
Во член 3 е предвидено дека:
Пријавата за полагање на испитот заедно со доказите од член 47 став (1) точки а), б), в), г), д), и е) од Законот за медијација се поднесува до Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата (во натамошниот текст: Одборот), а доказот од член 47 став (1) точка ѓ) го прибавува Одбо- рот по електронски пат.
Во член 4 е предвидено дека :
(1) Кандидатот може да го одложи испитот од оправдани причини, најдоцна 48 часа пред почетокот на испитот. (2) Доколку кандидатот не се појави на испитот, а истиот не го одложил во периодот предвиден во ставот (1) на овој член или самиот се откаже од полагање на веќе започнатиот испит, ќе се смета дека не го положил испитот.
Во членот 5 е предвидено дека:
(1) На денот на полагањето на првиот и вториот дел од испитот, пред почетокот на полагањето од страна на претставникот од Министерството за правда се утврдува идентитетот на кандидатот со увид во лична карта и на кандидатот му се дава пристапен код, односно лозинка со која му се одобрува пристап во електронскиот систем во кој е содржана базата на прашања за првиот и вториот дел од испитот.
(2) По одобрување на пристапот, кандидатот добива електронски тест, компјутерски генериран, чија содржина, по принцип на случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем од ставот (1) на овој член.
(3) Тестот од ставот (2) на овој член, содржи упатство за начинот на решавање на истиот, за кое од страна на претставникот од Министерството за правда се дава појаснување, пред да започне полагањето.
(4) Кандидатот е потребно внимателно да ги прочита дадените прашања и да го избере точниот одговор со кликање во крукчето покрај избраниот одговор.
(5) Доколку кандидатот смета дека некое прашање може да го одговори подоцна или сака да се наврати на некое прашање, клика на копчињата ПРЕТХОДНО односно СЛЕДНО или може да премине на кое било прашање со кликање на бројот на прашањето во низата од броеви на долниот дел на екранот.
(6) Доколку кандидатот, сака да направи промена во претходно даден одговор на некое прашање, може повторно да го отвори истото прашање и да даде нов одговор.
(7) Кандидатот за време на полагањето на испитот во просторијата за полагање на испитот може да внесе само пенкало, а доколку за време на полагање на испитот се јави потреба од добивање на лист, кандидатот се обраќа до претставникот од Министерството за правда коj му дава бел лист во А4 формат со потпис на претставникот од Министерството за правда и печат на Министерството за правда.По завршувањето на испитот, кандидатот листот му го предава на претставникот од Министерството за правда.
(8) За време на полагање на испитот, кандидатот не ја напушта просторијата во која се спроведува полагањето на испитот и не контактира со другите кандидати.
(9) Доколку кандидатот контактира со други кандидати и добие опомена од страна на претставникот на Министерството за правда и по првата опомена продолжи да контактира со некој од останатите кандидати, истиот ќе биде отстранет од просторијата за полагање на испитот и испитот ќе се смета за завршен.
(10) Кандидатот кој ќе заврши со решавање на тестот пред истекот на предвиденото време, кликнува на копчето КРАЈ НА ТЕСТОТ.
Во членот 6 од Правилникот е предвидено дека:
(1) Претставниците на институциите од член 50 став (8) од Законот за медијација, се присутни во просторијата за време на полагањето на испитот.
(2) Доколку поради неодложни обврски некој од претставниците од ставот (1) на овој член е потребно предвреме да ја напушти просторијата за полагање на испитот, истиот се заменува со лице соодветно номинирано како претставник на истата институција.
Во членот 7 од Правилникот е предвидено дека:
(1) Првиот дел од испитот содржи по 50 прашања со пет опции за заокружување од секој предмет и се полага електронски во траење од 120 минути. Точниот одговор на прашањата се бодува со 1 поен, сличните одговори со точниот одговор се бодуваат со 0 поени, неточниот одговор во мал обем се бодува со 0 поени, а неточниот одговор во голем обем со – 0,5 поени.
(2) Кандидатот го положил предметот ако освоил најмалку 35 поени.
(3) Ако кандидатот го положи првиот дел од испитот му се овозможува полагање на вториот дел од испитот кој се состои од проучување на две студии на случај во вид на електронски студии на случај во траење од 120 минути. Секоја од студиите на случај содржи по пет прашања, при што секое од прашањата има десет можни опции на одговор. Точниот одговор се бодува со 6 поени, додека сличните одговори со точниот одговор и различните одговори се бодуваат со 0 поени. Максималниот број на освоени поени за секоја од студиите на случај поодделно изнесува 30 поени.
(4) Кандидатот го положил вториот дел од испитот ако освоил најмалку 24 поени за секоја студија на случај.
(5) По спроведениот прв и втор дел од испитот, претставниците од членот 6 став (1) од овој правилник составуваат и потпишуваат записник за секој кандидат одделно, во кој се внесуваат: датумот и местото на полагање, личните податоци на кандидатот и освоените поени од двата дела на испитот.
(6) Кандидатот кој го положил вториот дел од испитот, се известува за денот, местото и времето на полагањето на третиот дел од испитот кој се спроведува во вид на интервју со кандидатот во траење од најмногу 60 минути. Од страна на Комисијата од член 50 став (22) од Законот за медијација, а врз основа на резултатите од спроведениот психолошки тест и тестот на интегритет како и доставените препораки од страна на кандидатот, се спроведува интервју во два дела и тоа: прв дел- каде се ценат личните особини и карактеристики на кандидатот и втор дел – каде се ценат практичните вештини и способности на кандидатот преку прашалници со по десет параметри кои оценувачите ги квантифицираат со оценката „задоволува„ односно „не задоволува“. Кандидатот кој за секој дел од интервјуто се стекнал со мнозинство оценки „задоволува„, се стекнува со генералната оценка „задоволува“.
(7) По спроведениот трет дел од испитот, од страна на претставникот од Министерството за правда од членот 6 став (1) од овој правилник, се составува и потпишува записник за секој кандидат одделно, во кој се внесуваат: датумот и местото на полагање на третиот дел од испитот, личните податоци на кандидатот и оцената од Комисијата од ставот (6) на овој член, кој се потпишува од страна на сите членови на Комисијата.
Според член 8 од Правилникот со денот на влегување во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за начинот и постапката на спроведување на обука на медијатори („Службен весник на Република Македонија” бр.12/11).
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за медијација („Службен весник Република Македонија“ бр.188/13, 148/15, 192/15 и 55/2016), се уредува медијацијатата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка (став 1).
Медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување (2).
Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена (3).
Во членот 47 од Законот е уредено прашањето за тоа кој може и кои услови треба да ги исполнува за да може да полага испит за медијатор како и тоа пред кого се полага испитот,а ако лицето во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат согласно со закон.
Во членот 48 од Законот поместен во делот „Програма за полагање на испит за медијатор и испитни сесии“ е предвидено дека:
(1) Испитот се состои од три дела, и тоа:
– прв дел (теоретски дел),со кој се проверува теоретското знаење
– втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката и
– трет дел, во кој се оценуваат личните особини и карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.
(2) Испитот од ставот (1) алинеи 1 и 2 на овој член се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер од сферата на
1) знаење за медијација;
2) вештини на медијаторот;
3) градење на добри односи;
4) мотивирање на учесниците за процесот на медијација;
5) реализирање на комуникацијата меѓу учесниците;
6) регулирање на процесот на медијација и
7) разбирање со содржината на конфликтното прашање.
(3) Вториот дел на испитот се состои од студија на два индивидуални случаи за спроведување на постапка на медијација и прашања што треба лицето да ги одговори врз основа на анализата на случајот.
(4) Третиот дел на испитот се реализира како интервју со лицето со цел да се оценат неговите лични особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор да ги слуша страните, да го разбере кажаното од нив и да го парафразира, сублимира и елоквентно презентира пред нив во форма што ги изразува нивните интереси. Лицето преку одреден случај (играње на улога) треба да ги демонстрира и презентира постапките и техниките на медијацијата.
(5) Испитот се полага најмалку два пати во текот на годината според програма во која се содржани градивото и прописите.
(6) Програмата за полагање на испитот ја донесува министерот зa правда.
Во членот 50 ставовите 20 и 21 од Законот поместен во делот „Полагање на испитот“ на кој се повикува подносителот на иницијативата, помеѓу другото, е предвидено дека:
(20) Првиот дел од испитот содржи најмалку 50 прашања со пет опции за избор од кои една е точна, две се слични, една не е точна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една не е точна во голем обем (на неа се губат поголем број поени). Ако лицето при полагање на првиот дел од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага вториот дел од испитот.
(21) Вториот дел од испитот од членот 48 став (3) од овој закон се состои од две студии на случај кои се однесуваат на спроведување на процес на медијација. Прашањата кои се составен дел од студиите на случај имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни. Ако лицето при полагање на двата дела од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага третиот дел на испитот.
(22) Третиот дел од испитот лицето за медијатор го полага пред Комисија од пет члена, составена од претставници на Одборот. Комисијата лицето за медијатор го оценува со оцена „задоволува“, односно „не задоволува“, согласно со вредносните критериуми за оцена на личните особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор, утврдени од страна на министерот за правда.
Лицето кое добило оцена „задоволува“ го положил испитот за медијатор и се стекнува со право да аплицира за лиценца за медијатор.
Во членот 51 од Законот поместен во делот „Начин на полагање“ е уредено следното:
(1) Полагањето на првиот дел од испитот за медијатори се врши со одговарање на прашањата.
(2) Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со определен број поени и се полагаат електронски.
(3) Прашањата содржани во тестовите за полагање на првиот дел на испитот за медијатори и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на испит за медијатори
(4) Електронскиот систем од ставот (3) на овој член содржи и јавно достапна база од најмалку 2.000 прашања за потребите од првиот дел од испитот, како и јавно достапна база од најмалку 100 студии на случај за потребите на вториот дел од испитот.
(5) Во електронскиот систем е содржано и посочување на прописите и стручната литература во кои се содржани одговорите на прашањата од првиот дел од испитот и прописите за вториот дел од испитот.
(6) Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на лицето, на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување
(7) Електронскиот систем за полагање на испитот не може да дозволи постоење на идентична содржина на електронскиот тест за првиот дел на испитот, односно електронска студија на случај за вториот дел од испитот, во еден термин за повеќе од едно лице.
(8) Условите и начинот на полагање на испитот за медијатори ги пропишува министерот за правда.
Од анализата на целината на Законот за медијација, а посебно членовите 47, 48, 50 и 51, јасно произлегува дека законодавецот ги уредил прашањата кои се однесуваат на: условите што треба да ги исполнува лицето кое полага за медијатор, програмата за полагање на испитот за медијатор во која е утврдено од колку дела се состои испитот, колку пати годишно се полага врз основа на програма во која се содржани градивото и прописите, начинот на полагање на испитот кој се состои од три дела при што е утврден и процентот на освоени бодови за полагање на првиот и вториот дел од испитот за да може кандидатот да го полага третиот дел од испитот како и начинот на полагање на испитот за медијатор.
Според член 51 став 8 од Законот за медијација, министерот за правда е овластен да донесе правилник за условите и начинот на полагање на испит за медијатор, а што е во насока на операционализација на посочената законска одредба како и на другите одредби од законот, кои се однесуваат на полагање на испит за медијатор во кои одредби се утврдени сите елементи односно дадена е рамката на содржината, правото, условите и начинот на полагање на испитот за медијатор.
Оттука, според Судот, Правилникот во целина и посебно оспорениот член е разработка на Законот за медијација, со кој се определува еднообразен начин на полагање на испитот и добивање на уверение за медијатор.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник во целина и посебно на членот 7 став 4 од истиот, со уставните и законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5.Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.138/2016
15 февруари 2017 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски