У.бр.56/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 8 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот

2.Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 84 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со цитирање на член 5-а, член 82 ставови 1 и 3, член 84 ставови 1, 2 и 3 од Законот за културата со цел да се појасни поставеноста на инспекциската служба на Министерстсвото за култура и нејзините надлежности.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 1 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014), како и член 2 точки 2, 3 и 4 од Законот за инспекциски надзор, па од содржината на цитираните одредби заклучува дека инспекторот врши надзор над спроведувањето и примената на законите и другите прописи во културата. Исто така, врши надзор над работењето на установите и другите правни лица што вршат дејност од областа на културата, како и на други субјекти чие работење подлежи на надзор во согласност со прописите од областа на културата, за работи од културата. При вршењето на инспекцискиот надзор, инспекторот, според Законот за културата, носи одлуки со кои ја обезбедува примената на тој закон, како и друг закон од областа на културата.

Со влегувањето во сила на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка надлежноста за одлучување по жалба, изјавена против одлуките донесени во прв степен во инспекциската постапка, преминала на наведената комисија, а кое нешто произлегувало од членот 1 од означениот закон. Од наведеното произлегувало дека постои несогласност на оспорениот дел од членот 84 став 3 од Законот за културата со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка со што се доведувала во прашање операционализацијата на Законот и неговата практична примена што било спротивно на начелото на владеење на правото од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на оспорениот дел од законската одредба, а потоа истиот да го укине.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 84 став 3 од Законот за културата, по жалбата на решението на инспекторот одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Одредбата ја добила цитираната содржина со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) кој е во примена од 1 мај 2013 година.

4. Согласно член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај членот 84 став 3 од Законот за културата предвидува дека по жалбата на решението на инспекторот одлучува Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Одредбата ја добила цитираната содржина со влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за културата („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013) кој е во примена од 1 мај 2013 година.

Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен има свои надлежности сметано од 13.10.2011 година кога започнала примената на Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2011 од 13.04.2011) па се до денес.

Според член 1 став 1 од наведениот закон, Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи.

Според член 1 став 2 од истиот закон, Државната комисија е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен од Комисијата за хартии од вредност.

Во член 1 став 3 од Законот за основање Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен е определено дека, Државната комисија е надлежна да одлучува и за прашања од областа на работните односи во втор степен (кои не се во надлежност на Агенцијата за администрација), за прашањата од областа на работните односи за државните службеници од Агенцијата за администрација, како и против решенијата на Министерството за внатрешни работи со кои се поништени решенијата за доделување на награди.

Во член 1 став 4 од истиот закон е определено дека, во постапката за решавање по жалби Државната комисија ќе ги применува одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено.

Според ставот 5 од членот 1 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, надлежноста на Државната комисија да решава по жалби против решенија донесени во управна постапка во прв степен од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, се утврдува со посебните закони.

Од друга страна, според одредбите на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014) во правниот поредок, сметано од 01.02.2015 година (датум на примена на Законот) егзистира и друга комисија, односно горе наведената Државна комисија, за чие постоење укажува подносителот на иницијативата.

Според член 1 од наведениот закон оваа комисија (Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка) е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка, како и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од прекршочен орган, кога со закон е пропишано да одлучуваат во прекршочна постапка.

Според членот 12 став 3 од истиот закон, постојните закони со кои е утврдено правото на жалба против решенија на инспекторите пред Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ќе се усогласат со одредбите од овој закон (Закон за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка) до денот на отпочнувањето на примената на овој закон (01.02.2015). Според ставот 4 од истиот член од Законот, постојните закони со кои е уредена надлежност на прекршочните органи да одлучуваат во прекршочна постапка ќе се усогласат со одредбите од овој закон до денот на отпочнувањето на примената на овој закон (01.02.2015).

Од вака изнесената правна анализа произлегува дека во правниот поредок на Република Македонија постојат Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, секоја со свои законски определени надлежности.

Во иницијативата отсуствуваат уставно оправдани аргументи по однос на потребата од престанок на надлежностите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, туку само се упатува на содржината на членот 1 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и надлежностите на оваа, со закон, временски подоцна, основана комисија. Притоа, точно е тврдењето дека оваа комисија сега е надлежна за инспекцискиот надзор, (Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка), но останува надлежноста на временски првооснованата комисија (Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен), за одлучување во постапката од работен однос во втор степен, што како факт е занемарено од страна на подносителот на иницијативата.

Оттаму, Судот оцени дека во иницијативата отсустваат уставно-правно издржани аргументи за престанок на надлежностите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во областа на културата, на кое нешто би се свела евентуалната интервенција. Тоа што подносителот на иницијативата укажува на можната неусогласеност на оспорениот дел од одредбата од Законот за културата со Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка води кон барање за оцена на меѓусебната усогласеност на одредбите од два закони, што согласно членот 110 од Уставот не спаѓа во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Впрочем, согласно член 12 ставови 3 и 4 од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка законодавецот преземал обврска, сметано од 01.02.2015 година да ги усогласи законите што ја се однесуваат на предметната област.

Од сето наведено произлезе отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.56/2016
8 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски