У.бр.165/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитота на Одлуката на Советот на Општина Радовиш, бр. 08-1658/1 од 19.10.2016 година, за давање согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на каматата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш донесена од Управниот одбор, број 0202-245/2 од 31.05.2016 година („Службен гласник на Општина Радовиш“ бр.10 од 25.10.2016 година).

2. Градоначалникот на Општина Радовиш, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, Советот на Општина Радовиш донел Одлука и ја потврдил, со која дал согласност на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на каматата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш. Одлуката со која се бара согласност од основачот била донесена од Управниот одбор на претпријатието, број 0202-245/2 од 31.05.2016 година, и се повикувала на член 29 од Законот за извршување, според кој: „Доверителот во текот на постапката може да го повлече барањето за извршување во целост или делумно. Во тој случај извршителот ќе го повлече извршувањето.“ Во конкретниот случај, доверител било самото јавно претпријатие кое во текот на отпочнувањето на постапката за наплата на долг можело самостојно да преземе правни дејствија во постапката се до целосно извршување.

Понатаму, во иницијативата се цитираат одредбите на членот 11, членот 19 став 1 и членот 24 став 3 од Законот за јавните претпријатија, при што се укажува дека од наведената законска регулатива јасно произлегувало дека давањето на оспорената согласност не било во надлежност на основачот, а директорот и членовите на управниот и надзорниот одбор, ако извршат односно донесат одлука за која знаеле или за која со оглед на околностите, морале да знаат дека ги повредува интересите на јавното претпријатие, одговарале неограничено и солидарно за штетата настаната со таквата одлука.

Барањето согласност на ваквата одлука од основачот, можело да значи префрлање на одговорноста кај органот од кој се бара согласност, а со тоа и негова согласност за преземање одговорност за сите дејствија на јавното претпријатие при спроведувањето на одлуката во која основачот немал увид, како и да изврши надоместок на изгубената добивка, чија висина, пресметана до денот на донесувањето на оспорената одлука, не била утврдена.

Во иницијативата се наведува дека досега, Советот на Општината имал двапати давано согласност на ваква одлука на истото јавно претпријатие, а градоначалникот одлуката ја прогласувал, сметајќи дека Општината за овие одлуки имала финансиска моќ да интервенира доколку се побара тоа, бидејќи јавното претпријатие се соочувало со финансиски проблеми. Меѓутоа, тоа било погрешно толкувано, па станало пракса на раководниот тим и Управниот одбор на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, да донесуваат секоја година од збор до збор една иста одлука, само датумот и архивската заверка да ги менуваат, со која бараат согласност за делумно повлекување во делот на каматата.

Во меѓувреме, состојбта била променета. Советот на Општината донел повеќе одлуки со кои буџетот на Општината преземал долгорочни финансиски обврски за изградба на капитални објекти од витално значење за сите граѓани. Овие обврски на кредити, гаранции за исплата на обврските на општината, како и давани гаранции за кредит на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, барале од Општината внимателност и рационално однесување во извршувањето на обврските и функцијата на Општината, па давањето на оспорената согласност со која Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш се откажувала од наплата на приход по основ на камата, било несериозно и неприфатливо.

Освен тоа, не било дадено објаснување која била висината на приходот од кој се откажуваат, од кога лицата биле утужени и од кога предметите станале правосилни и дали некои од утужените го имале наплатено долгот со камата, што можело да укаже и на нееднаков пристап кон должниците во што имало и елементи на дискриминација.

Од наведените причини, градоначалникот на Општината со решение не ја прогласил Одлуката. Покрај укажувањето во решението на законските причини за непрогласувањето, членовите на Советот на Општината (знаејќи дека немаат колективна одговорност), во кој членови биле и двајца вработени во тоа јавно претпријатие, кои биле изземени од гласањето, ја потврдиле својата одлука, со тоа што од вкупно 19 членови, со 10 гласа ЗА и 7 гласа ПРОТИВ, истата одлука со која се дава согласност била повторно донесена.

Од напред наведеното, подносителот на иницијативата смета дека постои повреда на членот 11 од Законот за јавните претпријатија, поради што бара од Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука, а Управниот одбор на ЈП „Плаваја“ Радовиш на своја одговорност да ја спроведува одлуката која ја има донесено.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката на Советот на Општина Радовиш, број 08-1658/1 од 19.10.2016 година, има два члена.

Според членот 1 на Одлуката, се дава согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на каматата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие, број 0202-245/2 од 31.05.2016 година. Според членот 2 на Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Радовиш“.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Управниот одбор на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, на седницата одржана на 30.05.2016 година, донел Одлука за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на камата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, бр. 0202-245/2.

Одлуката содржи четири члена. Според член 1 од оваа одлука, согласно законската одредба од членот 29 став 1 од Законот за извршување, за сите предмети за кои се поднесени барања за спроведување на извршување кај приватните извршители до денот на донесувањето на оваа одлука и за сите за кои ќе се поднесат барања за спроведување на извршување по донесувањето на оваа одлука, Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш го повлекува делумно барањето и тоа во делот кој се однесува на побарување на камата. Според членот 2 на Одлуката, вака донесената одлука за повлекување на барањето во делот на каматата се однесува за предметите кои гласат на физички и правни лица и кои главниот долг и трошоците по спорот ќе ги исплатат во рок од 12 месеци од денот на донесувњето и влегувањето во сила на оваа одлука. Согласно членот 3 на истата одлука, по истекот на определените 12 месеци, Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш останува да ја побарува и каматата како што е наведено во самите барања за спроведување на извршувањето. Според членот 4 на истата одлука, оваа одлука влегува во сила и ќе почне да се применува од денот кога за истата ќе се даде согласност за примена од страна на советот на Општина Радовиш и ќе биде објавена во „Службен гласник на Општина Радовиш“. Според образложението на Одлуката, со оглед на тешката финансиска состојба на граѓаните и слабата наплата, а особено поради големите камати на доспеаните, утужени долгови кои се предмет на барањето за спроведување на извршување, а со цел за побрза и поефикасна наплата на долговите, Управниот одбор на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш одлучил како во диспозитивот на одлуката.

Советот на Општина Радовиш, врз основа на членот 22 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), а согласно членот 21 став 1 точка 31 од Статутот на Општина Радовиш, на седницата одржана на 30.09.2016 година донел Одлука бр. 08-1572/1, за давање согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на камата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, донесена од Управниот одбор, бр. 0202-245/2 од 31.05.2016 година.

Врз основа на членот 50 став 1 точка 3 и членот 51 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со членот 44 од Статутот на Општина Радовиш, градоначалникот на Општина Радовиш донел Решение бр.09-1572/2 од 4 октомври 2016 година, за непрогласување на Одлуката за давање согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на камата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, донесена од Управниот одбор, бр. 0202-245/2 од 31.05.2016 година, број 08-1572/1 од 30.09.2016 година, од причини наведени во иницијативата.

Советот на Општина Радовиш, врз основа на членот 22 од Законот за локалната самоуправа, а согласно членот 21 став 1 точка 31 од Статутот на Општина Радовиш, разгледувајќи го донесеното решение од градоначалникот, бр.09-1572/2 од 04.10.2016 година, на седницата одржана на 19.10.2016 година, повторно ја донел и потврдил Одлуката за давање согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на камата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, донесена од Управниот одбор, бр. 0202-245/2 од 31.05.2016 година, сега заведена под број 08-1658/1 од 19.10.2016 година.

Врз основа на членот 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, а во врска со членот 44 од Статутот на Општина Радовиш, градоначалникот на Општина Радовиш донел Решение бр.09-1658/2 од 25.10.2016 година, за прогласување и објавување на Одлуката за давање согласност на Одлуката за делумно повлекување на барањата за извршување во делот на камата на Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, донесена од Управниот одбор, бр. 0202-245/2 од 31.05.2016 година.

Одлуката на Советот на Општина Радовиш и Решението на градоначалникот на Општина Радовиш се објавени во „Службен гласник на Општина Радовиш“ бр. 10/2016 од 25.10.2016 година.

Со доставената иницијатива се оспорува законитоста на донесената одлука на Советот на Општина Радовиш, односно нејзината согласност со членот 11 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија” брoj 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015 и 39/2016).

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот во смисла на член 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека во конкретниов случај, оспорената одлука е поединечен, конкретен акт со кој Советот на Општината, како надлежен орган, дал согласност на претходно донесена одлука од страна на одредено јавно претпријатие, поради што ваквиот акт нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба и не може да биде предмет на уставно-судска контрола.

На ова не влијае фактот што донесувањето и објавувањето на оспорената одлуката е услов за произведување правно дејство на Одлуката донесена од Јавното претпријатие „Плаваја“ Радовиш, од причини што законитоста на Одлуката на Јавното претпријатие не е оспорена. Само во постапка за оценување на уставноста и/или законитоста на Одлуката на Јавното претпријатие, заедно со дадената согласност на истата, Одлуката на советот на Општината со која се дава согласност на таквата одлука, и покрај тоа што нема елементи на пропис во смисла на членот 110 од Уставот, би се сметала како составен дел на Одлуката на Јавното претпријатие, кој би ја делел истата правна судбина на Одлуката, а самостојно Одлуката за давање на согласност не е акт подобен за уставно-судска оцена.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.165/2016
1 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски