У.бр.75/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 13 став 5 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 82/2013, 18/2014, 44/2014, 129/2015, 152/2015 и 39/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 13 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека Уставниот суд со Одлука У.бр.64/2014 од 16 март 2016 година го укинал членот 12 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот за филмската дејност.

Во оспорениот член 13 став 5 од Законот е предвидено дека правните лица од членот 12 став 1 алинеи 8 и 9 (укинат од Уставниот суд) од наведениот закон, надоместоците на месечната основа ги уплаќаат на Агенцијата до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.

Според подносителот на иницијативата со измените и дополнувањата на Законот кои следеле по интервентната одлука на Судот не било дејствувано во насока на дополнување на укинатата одредба од каде останало оспорениот член 13 став 5 од Законот за филмската дејност да упатува на примената на укината одредба. Од овие причини оспорениот член од Законот требало да биде отстранет од правниот поредок како неуставен.

Во смисла на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот во правниот промет морале да постојат јасни, прецизни и концизни норми и кога нормите упатувале на примена на други одредби, тие други одредби морале да бидат во правниот поредок, што не било случај со оспорената одредба.

Од наведените причини подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине.

3. Судот на седницата, утврди дека според членот 13 став 5 од Законот за филмската дејност, правните лица од членот 12 став 1 алинеи 8 и 9 од овој закон надоместоците на месечна основа ги уплаќаат на Агенцијата до 15 во тековниот месец за претходниот месец.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Подносителот на иницијативата го оспорува членот 13 став 5 од Законот за филмската дејност, бидејќи упатувал на правна норма која била отстранета од правниот поредок. Имено, членот 12 став 1 алинеи 8 и 9 од истиот закон, бил укинат со Одлука на Уставниот суд У.бр.64/2014 од 16 март 2016 година, од каде оспорената одредба упатувала на одредба која повеќе не била дел од правниот поредок по објавувањето на Одлуката на Судот („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2016 од 28 март 2016 година).

Судот, имајќи ги предвид надлежностите утврдени во член 110 на Уставот, оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд. Законодавецот е органот во чија надлежност спаѓа да креира прописи, да ги менува и дополнува, како и да врши технички исправки и корекции на прописите што ги носи.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.75/2016
1 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски