У.бр.60/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 1 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 75 став 5 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од членот 7 став 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.116/2014). Заради сеопфатна анализа на прашањата покренати со иницијативата Судот одлучи предмет на оцена да биде делот од членот 75 став 5 од целината на Законот за социјалната заштита означен во точката 1 од ова решение.

Според членот 75 став 5 од Законот за социјалната заштита, формата и содржината на конзилијарното мислење со наод, медицинската документација, како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење со наод поблиску го пропишува министерот за здравство во соработка со министерот за труд и социјална политика.

Ваквото законско овластување, според подносителот на иницијативата значело навлегување на извршната во законодавната власт, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 и од Уставот, односно владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Ова од причина што надоместокот за конзилијарно мислење со наод можел да се пропишува само со закон, а не со подзаконски акт, како што било предвидено со оспорениот законски дел. Притоа не постоела законска рамка за остварување на ова право, од каде оспорениот дел не бил во функција на разработка на законската одредба заради нејзино извршување што значело навлегување на „засилена“ извршна во законодавна власт.

Подносителот на иницијативата укажува на уставно-судската практика по предметот У.бр.99/2006 и врз основа на сето наведено предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од законската одредба, а потоа истиот да го поништи. Воедно, се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето, бидејќи можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата, утврди дека според членот 75 став 5 од Законот за социјалната заштита, формата и содржината на конзилијарното мислење со наод, медицинската документација, како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење со наод поблиску го пропишуваат министерот за здравство во соработка со министерот за труд и социјална политика.

Одредбата се оспорува во делот: „како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење со наод поблиску“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, критериумите за остварување на ова право, висината на надоместокот и постапката за остварување на ова право се уредени во Законот за социјалната заштита во делот: „4.5.Паричен надоместок за помош и нега од друго лице“, членови 72 до 78, во кои одредби спаѓа и оспорениот дел од членот 75 став 5 од Законот.

Според членот 72 став 1 од Законот, право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26 годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице заради тоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.

Висината на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице се утврдува во зависност од обемот на потребата за помош и нега од друго лице (член 72 став 4).

Во членот 73 став 1 од Законот е определено дека, потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем има лице со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, поради што не може само да ги задоволува основните животни потреби, не може ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од станот, самостојно да се храни, облекува, да ја одржува личната хигиена, ниту да ги врши основните физиолошки потреби.

Потреба од помош и нега од друго лице во помал обем има лице со умерени пречки во менталниот развој и лице кое поради трајни промени во здравствената состојба не може без помош од друго лице во потполност да ги задоволува основните животни потреби (став 2).

Потреба од помош и нега од друго лице од ставовите 1 и 2 на овој член, има и лице кое поради привремени промени во здравствената состојба без помош на ортопедски помагала не може да ги задоволи основните животни потреби (став 3).

При утврдување на обемот на потребата за помош и нега од друго лице се зема во предвид и бартеловиот индекс, кој е составен дел на мислењето издадено од матичниот лекар на подносителот на барањето (став 4).

Според членот 75 став 1 од Законот, потребата за помош и нега од друго лице со наод, оцена и мислење, ја утврдува стручна комисија која може да биде при јавна установа која во рамките на својата дејност третира проблеми од областа на психофизичкиот развој на лица со одреден вид на попреченост или во друго правно лице.

Право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, по исклучок од ставот 1 на овој член, има лице над 26 години возраст со тешки и длабоки пречки во менталниот развој, лице со потешка и најтешка телесна попреченост, како и потполно слепо лице чиј вид и степен на попреченост е утврдена со наод, оцена и мислење на стручен орган, издаден во постапка согласно со општиот акт од членот 203 ставови 2 и 3 на овој закон и решение на центарот за социјална работа (став 2).

Според членот 75 став 3 од Законот, за потребата за помош и нега од друго лице се доставува конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности, издадено од клиничките болници, Градска општа болница „8-ми Септември“ Скопје, ЈЗУ-Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ Скопје и Универзитетски клиники.

По исклучок на став 3 од овој член се доставува отпусно писмо со специјалистички извештај и/или друга медицинска докумен-тација, според став 4 од членот 75 од Законот.

Во членот 75 став 5 од Законот е определено дека, формата и содржината на конзилијарното мислење со наод, медицинската документација, како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење со наод поблиску го пропишуваат министерот за здравство во соработка со министерот за труд и социјална политика.

Судот, врз основа на анализата на цитираните законски одредби утврди дека законодавецот детално го определил правото за помош и нега од друго лице, условите и постапката во кое истото се остварува. Оттаму, според оцена на Судот ова претставува доволна законска рамка министерот за здравство во соработка со министерот за труд и социјална политика во функција на поблиско разработување на законските одредби, меѓу другото, да го утврди надоместокот за издавање на конзилијарното мислење со наод, кој всушност е надоместок за издавање на потребна документација за реализирање на така утврденото право.

Од наведеното произлегува дека укажувањето на подносителот на иницијативата на уставно-судската практика по предметот У.бр.99/2006 е несоодветно. Ова од причини што во таа постапка Судот интервенирал бидејќи утврдил дека не постоела законска рамка за остварување на социјална парична помош од каде овластувањето на Владата на Република Македонија значело навлегување на извршната во законодавната власт, што овде не е случај.

Од направената анализа произлегува дека оспорениот дел од законската одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2 и член 96 од Уставот.

Судот оцени дека нема услови за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.60/2015
1 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски